Marija Marija Marija

🫘 Протеинско лепче од леќа 🫘

протеинско лепче - Хедер
протеинско лепче од леќа

Во последно време сè се врти околу протеините – колку да јадеме, како да внесеме повеќе протеини па така дојдов до ова протеинско лепче од леќа. Иако звучи незамисливо – лепче од леќа, сепак е превкусно, се прави многу лесно и трае неколку денови доколку го чувате во сад што добро се затвора со капак (јас го чувам во фрижидер). Можете да го јадете за појадок, ужинка, ручек или вечера, со каква комбинација и да посакате.

Го заслужува името ПРОТЕИНСКО ЛЕПЧЕ

Знаеме дека леќата е добар извор на растителен протеин, а наутот е уште подобар. Во 100 гр. леќа има 9 гр протеин, во 100 гр. наут има 19 гр. протеин, во 1 супена лажица нутритивен квасец има 3,8 гр. протеин, во 1 шоља семки од тиква има 11,8 гр. протеин и во 1 супена лажица семе од коноп има 3,2 гр. протеин и во 1 шоља овесно брашно има 10,6 гр. протеин. И тоа се всушност основните состојки на ова лепче.

Балансирано, нутритивно, вкусно

Ова протеинско лепче од леќа е добро да се најде на вашето дневно мени. А еве и зошто:
😎 Се прави лесно
😍 Потребен ви е само процесор за храна (ќе го направите во 1 сад)
🤩 Состојките се лесни
🥳 Богато е со растителни влакна, витамини, минерали и антиоксиданси
😋 Многу е вкусно
А еве и неколку идеи како да го искомбинирате:

За појадок

1. Со мојот матено тофу намаз, домат, краставичка и маслинки или печена пиперка,
2. Како додаток на тофу омлет или тофу кајгана
3. Со мојата веганска павлака, спанаќ и мојот вегански пармезан
3. Со мојот сладок протеински намаз и малини
4. Со путер од кикирики и боровници
5. Со мојата домашна нутела и праски

За ручек

1. Со хумус како додаток со мојата грчка салата (или каква било свежа салата)
2. Како додаток на мојата чорба од брокула (или каква било зеленчукова супа/чорба)
3. Со летна манџа или Шакшука
4. Како додаток со мојата чили леќа

Доколку си тип што не може да руча без леб, тогаш пробај го моето протеинско лепче од леќа. Здраво е, полно со протеини и растителни влакна и многу подобра опција од коебило купечко. Доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🫘 Протеинско лепче од леќа 🫘

Време на подготовка20 minutes
Време на готвење1 hour
Вкупно време1 hour 20 minutes
Автор: Марија Марија Марија

Oпрема

  • процесор за храна

Состојки

  • 1 ½ шоља Зелена/ Кафеава леќа накиснета во вода преку ноќ
  • 1 ½ шоља Вода
  • 1 шоља Брашно од наут
  • 1 шоља Брашно од овес
  • 3 с.л. Тегавец (Псилиум Хаск)
  • 1 к.л. Сол
  • 3 с.л. Нутритивен квасец
  • 1 к.л. Сода бикарбона
  • 1 ½ с.л. Јаболков оцет или сок од лимон
  • 3 с.л. Семе Коноп може да се изостави
  • 4 с.л. Сончоглед семки плус уште малку за од горе
  • 4 с.л. Семки тиква плус уште малку за од горе

Инструкции

  • Накиснете ја леќата преку ноќ во вода. Следниот ден, процедете ја и убаво исплакнете ја.
  • Изблендајте ја накиснетата леќа со 1 ½ шоља вода.
  • Додадете ги сите состојки освен семките и блендајте додека да добиете густо тесто.
  • Додадете ги семките и промешајте убаво.
  • Обложете калап за печење леб (или какво било подлабоко тавче) со хартија за печење и смесата истурете ја, убаво натапкувајќи и израмнувајќи ја по рабовите.
  • Наросете со остатокот од семките и покријте го со фолија или хартија за печење.
  • Печете во претходно загреана рерна на 170, 45 минути покриено, извадете ја фолијата што го покрива и печете уште 15/20 минути откриено. Времето на печење зависи од типот и јачината на рерната, проверувајте го од време на време.
  • Оставете го да се олади пред да го исечете.

Вкупно парчиња: 20
(препорачана порција: 2 парчиња)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 172,57 kcal.
Протеини: 10,01 гр.
Јаглехидрати: 23,71 гр.
Масти: 5,44 гр.
Влакна: 7,28 гр.

* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. 
** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка
*** к.л = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка
**** Времето на печење зависи од типот и моќноста на рерната. Внимавајте да не ви загори или пак да не случајно не е добро испечено

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .