Marija Marija Marija

🫕 Матено тофу намаз 🫕

матено тофу намаз - Хедер

Поаѓајќи од идејата за матена фета, произлезе овој матено тофу намаз и ве уверувам дека е дефинитивно најдоброто нешто што можете да си го направите дома! Со само едно правење овој намаз ми стана омилен. Вкусен е, здрав и полн со протеини – и тоа е се што ни треба за еден намаз. И да, се прави лесно, сè што ви треба е процесор за храна.

Има 9 состојки, од кои 5 се зачини (можете да ги адаптирате вкусовите). Целата количина има 290 калории и 34,4 гр. протеини. Јаглехидратите на целата колличина се вкупно 9,4 од кои 5,5 гр. се растителни влакна. Инаку, од целата количина излегуваат 3 порции. Ова е буквално одлична нутритивна содржина, особено како за намаз. Секако, доколку убаво го искомбинирате ќе си имате балансиран, нутритивно богат и многу вкусен оброк.

Да повторам уште еднаш (притоа не преувеличувам) намазов е МНОГУ вкусен!

Матено тофу намаз

Матено тофу намаз со лубеница и краставица

Скоро во секој рецепт со тофу нагласувам дека мааната и предноста на тофуто е што нема вкус. Буквално вкусот ќе зависи од начинот на подготовка и зачините што ќе ги употребите. И тоа според мене е вистински благослов. Со овој матено тофу намаз, првата комбинација што ја направив (а направив две 😋) беше со лубеница и краставица. Исеков убаво парче зрела лубеница, намачкав од намазот и наредив тенки резанки краставица. Овој микс на вкусови мене супер ми се вклопи – слатка лубеница, солен намаз и неутрална освежителна краставица – многу добро (посебно за топол августовски ден)!

Матено тофу намаз

Еден намаз, два рецепти

Но, за сите што не се љубители на комбинирани вкусови и што со сигурност овој намаз нема да го искомбинираат со лубеница – имам уште нешто во ракавот.

Одлично оди на потпечено лепче, со тостиран сусам, или како основа за врап, со многу свеж спанаќ. А верувам дека има уште многу комбинации што допрва ќе ги пробувам. Секоја варијанта ќе биде додадена во постов!

Испечете чери домати со малку маслиново и послужете ги врз мојот матено тофу намаз. Оставете печените домати да пуштат малку од сосот и потоа можете да послужите.

Доколку си љубител на комбинирани вкусови, мојот матено тофу намаз намачкај си го на лубеница, во спротивно пробај го со печени чери домати. Во секој случај МОРАШ да го направиш затоа што е многу вкусен и полн со протеини! Доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави мо коменар под овој пост.

🫕 Матено тофу намаз 🫕

Автор: Марија Марија Марија

Oпрема

  • процесор за храна

Состојки

  • 1 коцка Тофу 300 гр.
  • 1 Кисела краставичка
  • 2 месечинки Лук
  • 1 к.л. Сол
  • 1 с.л. Нутритивен квасец
  • ½ к.л. Оригано
  • ½ к.л. Копар
  • ½ к.л. Микс зелени зачини јас користев за таратор

Инструкции

  • Ставете ги сите состојки во процесор за храна и блендајте додека да добиете кремаст намаз.
  • Доколку ви се лепи за краевите од процесорот, запирајте, соберете и продолжете да матите.
  • Послужете на еден од двата предложени начини или по ваша желба.

Вкупно парчиња: 3 порции
(препорачана порција: 1 голема салата)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 96,6 kcal.
Протеини: 11,46 гр.
Јаглехидрати: 3,13 гр.
Масти:
5,56 гр.
Влакна: 1,833 гр.

* с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка
** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .