Пред некое време неколкумина ми пишаа на инстаграм дека немам ниту еден рецепт со буковка, па морав да ја коригирам грешката и прв на листата беше овој вегански „pulled-pork“ сендвич. Инаку „pulled-pork“ се прави (како што кажува и самиот наслов) од цепкано свинско месо, но од очигледни причини, еве ја мојата варијанта – со буковка!
Морам да признаам – можеби не знам каков вкус има „pulled-pork“ сендвич, ама овој мојот излезе апсолутно ПРЕВКУСЕН!
Буковката дефинитивно почесто ќе биде дел од нашето мени – лесно се прави, a комбинацијава е врв. Освен што буковките се многу хранливи, тие можат да го подобрат здравјето на срцето и целокупниот имунолошкиот систем, да помогнат во контролата на шеќерот во крвта и да обезбедат антиоксидантни и антиинфламаторни ефекти.
Како да го направите овој вегански „pulled-pork“ сендвич
Прилично лесно. Најважно од сè е убаво да ги исцепкате и маринирате буковките. Да ги оставите да отстојат и потоа убаво да ги зготвите. Остатокот од сендвичот е буквално по ваша желба. Јас комбинирав со тофу (за повеќе протеин) како и со свеж зеленчук. Еве ја мојата комбинација:
– хумус со лук,
– бејби спанаќ,
– домат,
– вегански мајо,
– тофу со копар,
– BBQ буковка,
– вегански кашкавал
Сочна експлозија од вкусови! Морате да ја пробате!
Начинот на подготовка на буковката го имате во рецептот подолу или кај мене во reels на инстаграм.
➡️ Моја препорака: искомбинирајте ги со моите бургер лепчиња од сладок компир, за уште понутритивен оброк.
Доколку си љубител на буковка или пак сакаш малку поинаков сендвич, пробај го мојот вегански „pulled-pork“ од буковка. Доколку името мами, се извинувам - во овој сендвич нема ништо животинско а е ПРЕВКУСЕН. И тоа е уште една мотивација да си го направиш уште денес! Доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави мо коменар под овој пост.
🍔 Вегански „pulled-pork“ 🍔
Состојки
- 400 гр. Свежа буковка исцепкана на ситни ленти
- 3 с.л. BBQ сос
- 1 с.л. Соја сос
- 1 к.л. Димена пипер
- 1 к.л. Зеленчуков зачин
- 2 к.л. Сенф
- 1 к.л. Срирача или друг лут сос може да се изостави или да се замени со домашен кечап
Инструкции
- Исцепкајте ја буковката на ситни ленти.
- Сосадете ги сите состојки во подлабок сад и убаво мешајте со раце додека печурките не се комплетно прекриени со зачините.
- Оставете да се маринира 20тина минути.
- Гответе ги на нелепливо тавче. Масло не ви треба.
- Посчужете ги како додаток, или како во овој случај во сендвич со хумус, домат, спанаќ, маслинки, тофу.
Вкупно парчиња: 2 порции
(препорачана порција: 1 порција)
Нутритивни вредности од порција: (**само буковката, остатокот од сендвичот зависи од додатоците што ќе ги употребите)
Калории: 109 kcal.
Протеини: 8,06 гр.
Јаглехидрати: 20,16 гр.
Масти: 1,23 гр.
Влакна: 5,25 гр.
* с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка ** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка
‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .