Киноа правам на многу начини, и оваа печена киноа е една од многуте мои варијации. Вкусна, здрава и прелесна за правење!
Киноа се трудам да јадам барем два пати во неделата – поради нејзината богата нутритивна природа. освен што киноата се смета за целосен извор на протеин, бидејќи ги обезбедува сите девет есенцијални амино киселини, таа е одличен извор на неколку минерали, вклучувајќи манган, фосфор, бакар, фолат, железо, магнезиум и цинк. Исто така, Јаглехидратите во киноата се состојат главно од скроб, нерастворливи влакна и мали количини шеќер и отпорен скроб.
Некои истражувања покажуваат дека киноата може да помогне во намалувањето на холестеролот во крвта, шеќерот во крвта како и триглицеридите. Исто така, помага во процесот на слабеење, нема глутен и е богата со антиоксиданси. Со причина се верува дека киноата е супер-храна, нели?
Како да ја направите мојата печена киноа
Во еден сад (секако, огноотпорен што може да оди во рерна). Убавината на овој рецепт е што не треба да валкате неколку тавчиња, тенџериња и садови. Правите се на едно место, склопувате за буквално 5 минути и печете 25 минути.
Буквално толку. За 30 минути имате Многу здрав и избалансиран ручек којшто исто така можете да си го носите и на работа, на пикник или кадебило, доколку го спакувате во сад со капак.
Јас ја правев со домати, спанаќ, тофу, маслинки и доматен сос, но вие можете да пробате и со друг избор на зеленчук. Потребно е зеленчукот што ќе го употребите да има кратко време на готвење.
И тоа е тоа, целиот рецепт и начинот на подготовка ги имате подолу во рецептот, а имате и видео кај мене во reels на инстаграм.
Доколку сакаш киноа, мојата печена киноа е уште една опција како да ја зготвиш. Многу е едноставна и нутритивно богата. Те охрабрвам да ја направиш уште денес, бидејќи освен што е многу вкусна, се прави многу лесно и брзо а е неверојатно здрава! Доколку ја направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави мо коменар под овој пост.
🍲 Печена Киноа 🍲
Oпрема
- подлабок огноотпорен сад за печење помал, состојките се за 1 порција
Состојки
- 50 гр. Киноа сува
- 100 мл. Врела вода
- 1 помал Домат исецкан на коцки
- 2 шољи Бејби Спанаќ
- 1 к.л. Сол
- 2 к.л. Димена пипер
- 2 с.л. Маслиново масло
- 150 гр. Тофу исецкано на коцки
- 8 Маслинки исецкани
- 2 с.л. Доматен сос
Инструкции
- Земете го тавчето (садот) во којшто ќе ја правите киноата. Ставете 1 супена лажица маслиново масло и убаво размачкајте на дното.
- Ставете ја киноата, солта и врелата вода.
- Потоа наредете го доматот, па спанаќот, па тофуто, маслинките.
- Додадете 1 лажица маслиново, димена пипер и доматниот сос.
- Ставете во претходно загреана рерна на 170 да се пече 25 минути.
- Оставете малку да се олади пред да послужите.
Вкупно парчиња: 1 порција
(препорачана порција: 1 порција)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 498,8 kcal.
Протеини: 19,6 гр.
Јаглехидрати: 18,6 гр.
Масти: 14,33 гр.
Влакна: 5,5 гр.
* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. ** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка *** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка
‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .