Кога го правев намазот од матено тофу, ми недостасуваше нешто благо, па решив да го направам овој сладок протеински намаз. Всушност, има само 5 состојки и се прави за 5 минути – ви треба само појак блендер.
Може да се јаде за појадок или ужина во комбинација со свежо овошје или смрзнато овошје, гранола или избор на семки и јатки на вашето омилено лепче, палачинки, крекери или оризова галета.
Можете да му додадете малку стопено црно чоколадо – за антиоксиданси, но тогаш верувам дека ќе го сркате директно од тегличката 🤣
Инаку, овој сладок протеински намаз, стои во фрижидер (во добро затворена тегличка) неколку денови, има 8 грама протеин и е одлична основа за да го градите вашиот балансиран оброк кога ви се јаде нешто благо.
Мојот рецепт нема додаден засладувач (само урми) но вие тоа можете да го регулирате – да му додадете сируп од урми или јаворов сируп, или пак повеќе урми (јас употребив само 2 и доволни ми беа).
Протеинската коцка – Тофу
Тофуто е еден од најдобрите извори на раситетелен протеин. Одлично е затоа што прима онаков вкус каков што ќе му доделите и тоа го прави лесно за подготовка на секакви оброци (и секој пат ќе имате различен вкус). Јас тофу најчесто правам во:
💛 Омлет
🧡 Кајгана
💜 Проја
💚 Салати
❤️ Намази
Тофуто, освен што е „целосен“ протеин – што значи дека има добро избалансиран профил на аминокиселини, исто така содржи и неколку антиинфламаторни, антиоксидантни фитохемикалии што го прави одличен додаток на антиинфламаторната исхрана. Содржи одлична количина на влакна, калиум, магнезиум, железо, бакар и манган.
Како да го направите овој сладок протеински намаз
Лесно и брзо – потребен ви е само појак блендер и трпение – со што ќе потенцирам дека нема причина да не го направите овој сладок протеински намаз уште денес. Целиот процес и состојки ги имате подолу во рецептот.
Доколку сакаш малку поинаков намаз, богат со протеини, те охрабрувам, да го направиш мојот сладок протеински намаз, бидејќи се прави многу лесно и брзо а е многу вкусен и супер здрав! Доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави мо коменар под овој пост.
🥯 Сладок протеински намаз 🥯
Oпрема
- Јак блендер или процесор за храна
Состојки
- 100 гр. Тофу
- 2 Урми без семка
- 1 к.л. Цимет
- 1 к.л. Ванила екстракт
- ⅓ шоља Растително млеко
Инструкции
- Ги ставате сите состојки во блендер и блендате додека да добиете мазна хомогена смеса.
- Од време на време запрете го процесорот/блендерот, соберете ја содржината од страните и продолжете со блендање.
- Складирајте во тегличка со капак и чувајте во фрижидер.
Вкупно парчиња: 1 тегличка
(препорачана порција: 2 лажици)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: kcal.
Протеини: гр.
Јаглехидрати: гр.
Масти: гр.
Влакна: гр.
* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. ** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка *** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка
‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .