Marija Marija Marija

Појадок

🍓 Гранола со црвено овошје 🍓

Гранола со црвено овошје - Хедер
гранола со црвено овошје

Оваа гранола со црвено овошје е уште еден гламурозен изум во категоријата на граноли. И како што е веќе добро познато за мене и моите гранола експерименти, секој нов гранола вкус, за мене е нова авантура. И многу сум горда на сите мои граноли. Богати и уникатни на вкус – и буквално за сечиј вкус! Без разлика дали сакате гранола со портокал, со јаболко, со тиква, со таан, со хељда, со чоколадо, со Киноа, со морков, со сусам и суви кајсии, или пак можеби сакате поинаква гранола авантура во форма на чашки, или пак можеби солена гранола, мислам дека сетилата ќе ви бидат задоволени.

Инаку, за мене има нешто посебно во домашната гранола. Мирисот додека се пече, но и чувството дека сум направила нешто добро за себе. Оваа антиоксидантска гранола со црвено овошје не е само вкусен појадок – таа е внимателно избалансирана комбинација на состојки што го поддржуваат телото одвнатре.

Зошто гранола со црвено овошје?

Малините, капините, боровинките, вишните и рибизлите се вистински шампиони кога станува збор за антиоксиданси. Богати се со полифеноли и антоцијанини – соединенија што го штитат телото од оксидативен стрес, го намалуваат воспалението и придонесуваат за здравје на срцето, мозокот и кожата. Редовната консумација на вакво овошје е поврзана и со подобра регулација на шеќерот во крвта и подобрена когнитивна функција. И само е логично дека треба да станат гранола, нели? Единствено нелогично е зошто до сега ја немам направено оваа гранола со црвено овошје…

Инаку, овесни снегулки користам секогаш како основа во сите мои граноли, бидејќи обезбедуваат долготрајна ситост и стабилна енергија. Благодарение на бета-глуканите, тие помагаат во намалување на лошиот холестерол, го поддржуваат здравјето на дигестивниот систем и придонесуваат за подобар баланс на апетитот во текот на денот. Изборот на семки и јатки го правам во од, најчество според она каков вкус сакам да добијам и то имам дома. Овој пат, користев пекани и бадеми за здрави масти, растителни протеини и витамин Е. Овие нутриенти се клучни за здраво срце, подобра функција на мозокот и заштита на клетките од предвремено стареење. Дополнително, тие помагаат подолго да се чувствуваме сити и задоволни по оброкот.

Инаку, целиот рецепт и начинот на подготовка, го имате подолу во овој пост, а имате и кратко видео од подготовката кај мене на инстаграм во reels

гранола со црвено овошје

Повеќе од појадок

Оваа гранола е антиинфламаторна, хранлива и балансирана. Таа го поддржува имунитетот, го негува дигестивниот систем и обезбедува енергија што трае. Совршена е за појадок со јогурт или растително млеко, како додаток на смути, или како брза, но квалитетна ужина во текот на денот. И како и секогаш, не можам доволно да потенцирам да си направите домашна гранола! Таа не е само оброк, таа е навика на грижа за себе. Со контролирани состојки (особено количество на шеќер) домашната гранола е многу, ама сериозно многу подобар избор од која било купечка!

Сакаш брз и здрав појадок или ужинка? Направи си гранола! Не знаеш каква? Направи си ја оваа гранола со црвено овошје! Или која било гранола од мојата колекција (имам многу). Но, доколку сакаш гранола што е многу здрава, освежителна, ароматична, киселкаста и вкусна, тогаш почни овде. Направи ја оваа гранола со црвено овошје. А доколку ја направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🍓 Гранола со црвено овошје 🍓 Read More »

🍎 Гранола со Јаболка 🍎

Гранола со јаболка - Хедер

Пред некој ден ми се пријаде гранола (изненадувачки, нели) и сфатив дека имам дури 11 различни рецепти за гранола а се уште го немам објавено рецептот за гранола со јаболка! Голема грешка што веднаш ја исправам. Но мислам дека овој пат сум на време. Септември е точно на средина, летото календарски се уште не е завршено, но сите полека почнуваме да се препуштаме кон есенскиот cozy vibe.

А токму мирисот на печено јаболко со цимет е тој што најмногу потсетува на удобност, спокој и… на есен. Замисли си ја крцкавоста на овесот и јатките, споена со сладоста на јаболката и мирисот на цимет што се шири низ кујната. Секое залче од оваа гранола со јаболка е мало потсетување дека храната не е само гориво, туку и ритуал. Мал подарок за себе уште од рано наутро.

А најдоброто нешто е што нема шеќер. Затоа што знам дека потајно сакаш да си ставиш мед во чинијата во есен. Нели?

Зошто гранола со јаболка?

Мислам дека ќе се сложиш дека вкусот на јаболка со цимет буди една посебна носталгија. Те враќа на моменти кога времето тече побавно… На мирни утра или на семејни оброци. Оваа гранола со јаболка е повеќе од рецепт. Таа е симбол на баланс меѓу здравјето и уживањето, меѓу храната што го негува телото и вкусовите што ја греат душата.

Многу е вкусна, и е суперздрава! А како што кажав и погоре не користев засладувач така што нема шеќер. Па, блажината ќе зависи комплетно од јаболките што ќе ги употребиш. Јас користев црени јаболчиња, но можепш да употребиш какви имаш. Секако, можеш да го адаптираш рецептот и да додадеш и засладувач по желба.

Инаку, целиот рецепт и начинот на подготовка, го имате подолу во овој пост, а имате и кратко видео од подготовката кај мене на инстаграм во reels

Гранола и одржување на тежината

Гранолите генерално (особено купечките) се прилично калорични и преполни со додадени шеќери. Поради калориската вредност што ја има, гранолата се препорачува да се јаде по 1-2 лажици. Имајте предвид дека и домашните граноли иако се поздрави од купечките се пак се калорични, бидејќи употребувате многу јатки кои сами по себе се калорични.

Иако оваа гранола со јаболка е повеќе ориентирана на семки, сепак е доста калорична. Во оваа гранола со јаболка, од јатки употребив само пекани (јас ги обожувам, но можете да ги замените со ореви). Пеканите (и оревите) и даваат посебен вкус, особено во комбинација со јаболка. Остатокот од енергијата доаѓа од семки од тиква, сончоглед, чиа и ленено семе. Комбинација што носи растителни протеини, корисни влакна и здрави масти што заситуваат подолго. Овесните снегулки додаваат стабилна енергија и помагаат да се одржи рамномерно ниво на шеќер во крвта. Ова значи дека нема нагли падови и напади на глад. Така добив гранола што не е претешка, туку доста хранлива и освежителна. Сепак, мојата препорака е да го задржиш дозирањето од 2 лажици од оброк.

Полека но сигурно станувам „Марија со Тофуто“ и „Марија со Гранолите“ :) Едноставно е, многу сакам гранола и мислам дека постојано ќе експериментирам со различни вкусови и комбинации. Доколку сакаш гранола што вкусна, ароматична, нема шеќер и едноставно вика „Покриј се со меко ќебенце додека ме јадеш“, тогаш не се двоуми. Направи ја оваа гранола со јаболка. А доколку ја направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🍎 Гранола со Јаболка 🍎 Read More »

🍊 Гранола со Портокал 🍊

Гранола со Портокал - Хедер
Гранола со Портокал

Ако си како мене и сакаш гранола, никако не смееш да ја направиш мојата гранола со портокал. Совршено крцкава, дозирано слатка, но сепак здрава. Одлична за да го започнеш денот, бидејќи не само што ќе те засити, туку и ќе ти го крене расположението. Се прашуваш зошто никако не смееш да ја направиш? Паааа затоа што има потенцијал да ти стане опсесија 🙂

Знам, знам, за секоја следна гранола го пишувам истото, верувам дека е до мене. Ама вистина секој нов вкус, за мене е нова авантура. Па така, по гранолата со тиква, со таан, со хељда, со чоколадо, со Киноа, со морков, со сусам и суви кајсии, гранола чашките, и секако солената гранола, оваа гранола со портокал е уште едно вкусно доживување.

Зошто гранола со портокал?

Прво, ајде да бидеме искрени. Мирисот на свежо рендана кора од портокал има некоја посебна магија. Го буди сетилото за мирис, слично како мирисот на печено јаболко со цимет, нели? А кога тој мирис ќе се спои со вкуснот на печен орев, карамелниот вкус на мед, аромите на ѓумбир, кардамом, цимет и малку ванила… верувај ми, нема подобар начин да го започнеш денот.

И така, ако си љубител на гранола, оваа верзија со портокал, пријатно ќе те изненади. Има богат поцитрусен, вкус и поинаква свежина од сите други граноли до сега. Со добар додаток, доволно е богата за да биде супер појадок – не само ужинка.

Инаку, целиот рецепт и начинот на подготовка, го имате подолу во овој пост, а имате и кратко видео од подготовката кај мене на инстаграм во reels

Гранола со Портокал

Потсетување: Домашна vs. купечка гранола

Мислам дека во секоја објава со гранола го кажувам ова, па ајде и овде да се потсетиме зошто сакам сама да си правам гранола:

  • Ја контролирам количината шеќер. Многу од купечките граноли се преполни со додадени шеќери и сирупи. Кога ја правам дома, користам сируп од умри, мед или јаворов сируп – и толтоа во ограничена количина, без претерување.
  • Ги бирам состојките. Сакам да знам што има во мојата чинија. Целосно зрнести овесни снегулки, органски јатки и семиња… и секако – свежо рендана кора од органски портокал.
  • Го добивам вкусот што го сакам. Ако сакам повеќе крцкава гранола – ја печам малку подолго. Можеш да си играш со текстура и вкус – и тоа е вистинската убавина на домашната гранола.
Сакаш гранола? И јас! И затоа нема да престанам со експерименти на оваа тема. Доколку сакаш гранола што е освежителна, ароматична, со длабок и богат цитрусен вкус, тогаш не се двоуми. Направи ја оваа гранола со портокал. А доколку ја направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🍊 Гранола со Портокал 🍊 Read More »

🥦 Протеински зеленчукови палачинки (солени) 🥦

Овие протеински зеленчукови палачинки се супер идеја за релативно брз и многу здрав ручек со 30 грама претеин и 460 калории од портција. Имаат 8 зеленчуци, што ги прави богати со диететски блакна (скоро 14 грама од порција) и се прават многу лесно и брзо. Можете да ги послужите со свежа салата, со печени компирчиња, хумус, или додаток по ваша желба.

Иако велам идеја за ручек, сепак, овие протеински зеленчукови палачинки се супер опција и за појадок, но и за вечера. Можете да ги ставите и во сендвич и да си ги земете за на работа или да ги спакувате за на училиште. Како и да ги искомбинирате, нема да погрешите, затоа што се многу здрави и многу вкусни. Исто така, изборот на зеленчук што ќе го ставите може да варира, и дури и охрабрувам да се користат различни зеленчуци секој пат – или пак, можете да ставите и уште нешто плус ова што јас вообичаено ставам. Само две работи се константни: брашно од наут и тофу – протеини засекогаш! 😆

протеински зеленчукови палачинки
протеински зеленчукови палачинки

Како да ги направите овие протеински зеленчукови палачинки?

Начинот на подготовка може да биде на два начини:

  1. Да го зготвите зеленчукот – како што јас преферирам. Мене многу ми се допаѓаат аромите што зготвениот зеленчук ги пушта и секогаш ја препорачувам оваа верзија.
  2. Зеленчукот да го ставите сиров – доколку немате време за готвење – но со ова губите дел од аромата, и зеленчукот е пожелно да ви биде многу многу ситно исецкан/изрендан за да не биде сосема жив (иако ни туа не е страшно)

Како што кажав, мојот рецепт е со зготвен зеленчук, и пак ќе повторам, слободно можете да замените нешто, да додадете нешто друго иако искрено, мислам дека употребив се

Сите придобивки од овие палачинки?

Од супер количество на растителни протеини, до супер количество на растителни влакна, до антиоксиданси (витамин Ц, бета-каротен, антоцијанини), до витамини и минерали (витамин К, витамин А, железо, магнезиум и калиум), овие протеински зеленчукови палачинки се навистина одлични за вас. Имаат малку калории но голема нутритивна густина. Лесни се за варење, не ја оптоваруваат работата на црниот дроб и се идеални за балансирани оброци во здрава исхрана или план за слабеење. Плус, брашното од наут, освен што нема глутен, има низок гликемиски индекс, што значи дека не предизвикува нагли скокови во шеќерот во крвта, туку обезбедува долготрајна енергија.

Се на се, светото тројство лесни-здрави-вкусни, според мене е најважно.

протеински зеленчукови палачинки
Доколку ти треба идеја за ручек, моите протеински зеленчукови палачинки се она што ти треба во моментов. Богати се со протеини, растителни влчакна, минерали и витамини, но поважано, вкусни се и се прават брзо и лесно. Те охрабрувам да ги пробаш и секако, доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави мо коменар под овој пост.

🥦 Протеински зеленчукови палачинки (солени) 🥦 Read More »

🫐 Печени палачинки во тава 🫐

печени палачинки во тава - Хедер

Како некој кој постојано бара начини побрзо да подготви појадок или вечера, овие печени палачинки во тава мислам дека ќе ми станат нов најдобар пријател! Не само што се брзи и лесни за подготовка, туку се и многу практични. Целата смеса за палачинки едноставно ја истурате во тава за печење, додавате некое овошје по избор, јатки или црно чоколадо и ги ставате на печење. Иако не се класични, сепак сметам дека влегуваат во низата рецепти за палачинки. Она што исто е супер кај овие печени палачинки во тава е тоа што се одлични за meal-prep. Стојат во фрижидер, а може и да се замрзнат, па потоа да се стоплат на тостер за брз и многу лесен оброк.

Исто така, немаат воопшто масло, па се погодни и за најстрогите пости. Имаат 9 состојки што со сигурност ги имате дома а за да ја подготвите смесата, потребен ви е само блендер.

печени палачинки во тава

Зошто овие печени палачинки во тава

Не знам дали вашето семејство сака палачинки исто колку моето (Каи особено), но кај нас палачинки се дел од утринскиот викенд ритуал. Но, превртувањето обични палачинки може да одземе доста време (особено ако правеите за повеќе гладни усти). Со овие печени палачинки во тава го немате постојаниот натпревар со времето. Плус, може да направите голема количина за целото семејство (или повеќе луѓе) во една голема тава. А може и да ги прилагодите со омилените додатоци и преливи на секого. Искрено, ова е генијално!

Јас ги правев со боровинки и малини – затоа што Каи ги обожава. Но, вие можете да ги направите со чоколадни капки, јагоди, банана, јатки, семки, чиа џем, домашна нутела или со булвално се што ќе ви посака душата.

Како да ги направите овие палачинки?

Мојот рецепт е поздрав и многу лесен, со само 9 состојки. Немаат глутен бидејќи ги правев со овесно брашно, но можете да ги направите со какво брашно сакате, доклку не внимавате на тоа. Јас ги правев во блендер и буквално смесата е готова за две минути. Потоа печете уште 150тина и тоа е тоа. Имате готов оброк! Целиот рецепт и начинот на подготовка го имате во рецептот подолу, а имате и кратко видео од подготовката кај мене на инстаграм во reels.

Каи јаде печени палачинки во тава со грчки јогурт и путер од кикирики
Доколку сакаш да палачинки, но ете баш денес не се чувствуваш дека сакаш да стоиш и да вртиш палачинки на тавче, тогаш дефинитивно треба да ги пробаш овие печени палачинки во тава. Многу се брзи, лесни и секако - вкусни! Те охрабрувам да ги пробаш и секако, доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави мо коменар под овој пост.

🫐 Печени палачинки во тава 🫐 Read More »

🧁 Протеински мафини со леќа и јаболко 🧁

мафини со леќа и јаболко - Хедер
мафини со леќа и јаболко

Многу е убаво кога може да се направат мафини од се, па дури и вакви мафини со леќа и јаболко! Богати со растителни протеини и диететски влакна, овие мафини со леќа и јаболко се одлични за целото семејство (и за сите пребирливи јадачи што не сакаат да јадат леќа).

Се прават многу лесно и едноставно, супер се за meal-prep и стојат во фрижидер неколку дена – што значи можете да имате готов, домашен и здрав појадок или ужина следните 2-3 дена.

Зошто да ги направите овие мафини со леќа и јаболко

Најпрво, бидејќи се многу здрави, а потоа бидејќи се и многу вкусни! Во комбинација со малку путер од кикиритки и свежо овошје се супер појадок или ужинка за вас или вашите деца! Плус, мафини како мафини – лесни се за пакување, носење и секако – јадење!

Зошто баш оваа комбинација

Од толку многу објави, веќе не сум сигурна во која имам детално пишувано за леќата, во која за семките тиква. Но ајде на кратко… Комбинацијата на состојки во овие мафини од леќа и јаболко е супер хранлива и може да го зајакне имунитетот, да помогне во варењето, да ви даде енергија и да го заштити срцето и нервниот систем. А еве и зошто:

Леќа – богата со протеини, растителни влакна, железо, и магнезиум. Помага во подобрување на варењето на храната, стабилизирање на нивото на шеќерот во крвта и поддржува здрава функција на срцето.

Семки од тиква – полни со антиоксиданти, цинк, магнезиум и здрави масти. Цинкот е важен за имунитетот, додека магнезиумот го поддржува здравјето на срцето и нервниот систем.

Јаболко – извор на растителни влакна, особено пектин, кој помага во варењето и ги чисти токсините од телото. Јаболкото содржи и витамини, како витамин Ц, кој го зајакнува имунолошкиот систем.

Мед – има антибактериски и антиоксидативни својства. Го подобрува имунитетот и може да помогне при воспаленија и инфекции. Исто така, медот е природен извор на енергија.

Супер оброк и за вашите најмали

Доколку дома имате мал или пребирлив јадач, овие мафини со леќа и јаболко се одличен начин за да послуќите леќа, доколку манџата е одбиена. Многу се вкусни и ги имаат сите потребни хранливи материи не само за вас туку и за вашето малечко. Плус, стојат во фрижидер 5 дена, така што се супер и за meal-prep. Целиот рецепт и начинот на подготовка го имате подолу а кај мене на инстаграм во reels имате и кратко видео за подготовка.

Да ве потсетам 👇🏻

Неколку фантастични рецепти со леќа

Неколку фантастични рецепти со семки тиква

И додека е очигледно дека МНОГУ користам леќа, треба малку повеќе да ги активирам и семките од тиква, и оваа листа да се збогати! Сега за сега, тука сме:

  1. Омлет од семки тиква
  2. Тортиљи од семки тиква
  3. Колаче од семки тиква
  4. Лепче со семки
  5. Крекери со многу зрна
Доколку си љубител на мафини или пак не јадеш леќа, овие мафини со леќа и јаболко се за тебе! Звучи контрадикторно ама вреди да се пробаат - чеќата не се чувствува а се многу здрави. Плус, се прават лесно и многу се вкусни и сочни. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🧁 Протеински мафини со леќа и јаболко 🧁 Read More »

🥣 Гранола со Сусам и Суви кајсии 🥣

гранола со сусам и суви кајсии

Епа long time no granola… па морав да проверам каков вкус немам пробано да направам и така излезе оваа грнола со сусам и суви кајсии! Вкусна и малку поразлична од сите други граноли што ги имам направено. Овој пат, повеќе се концентрирав на семки отколку на јатки и дефинитивно не погрешив, го добив точно тој вкус што го сакав! Дали дека одамна немам направено гранола или оваа гранола со сусам и суви кајсии баш ми се погоди, ќе оставам на вас да ми кажете откако ќе ја пробате!

А секако, еве и потсетување на сите мои гранола вкусови:

А сега прашањето: како до оваа гранола со сусам и суви кајсии?

Некако периодов сум навлечена на печен сусам (ок, не е само периодов) ама после крцкавите сусам плочки, решив дека треба да направам и гранола. Па размислувајќи како и со што да ја искомбинирам, излезе оваа комбинација и мислам дека е супер! Ем е здрава, ем вкусна, ем лесна!

Инаку, целиот рецепт и начинот на подготовка, го имате подолу во овој пост, а имате и кратко видео од подготовката кај мене на инстаграм во reels

А бидејќи помина извесно време откако ја направив, во меѓувреме отидов и на одмор и си понесов за таму, штом се вратам дома имам на ум уште еден нов вкус за гранола, така што… stay tuned!

Доколку си љубител на гранола, еве уште еден рецепт! Затоа што многу е важно си правиш гранола дома - бидејќи ти дозволува целосна контрола врз квалитетот и количината на состојките. Избегнуваш процесирани шеќери, конзерванси и вештачки ароми. И најважно, можеш да ја прилагодиш според твоите вкусови. Направи си ја уште денес, бидејќи е крцкава и вкусна и навистина лесно се прави. Доколку ја направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🥣 Гранола со Сусам и Суви кајсии 🥣 Read More »

🥪 Крцкав киноа тофу сендвич со намаз од сончоглед 🥪

Киноа Тофу сендвич - Хедер
Крцкав киноа тофу сендвич

Оваа објава има многу долго име но содржи три рецепти: крцкав киноа тофу сендвич и намаз од сончоглед, односно: крцкаво киноа тофу + сендвич + намаз од сончоглед. И сега мислам дека се оправдав, нели? Инаку, сендвичов излезе многу спонтано. Првично, замислата ми беше да го направам тофуто посебно, а намазот да ми биде посебна објава. Но, решив дека можам да ги искомбинирам, и на едно место да имате повеќе рецепти. Секако, можете се да си направите посебно.

Инаку, овој крцкав киноа тофу сендвич излезе превкусно и мене ми беше врвен ручек, богат со растителни протеини.

Се прави многу лесно. Јас го печев во air-fryer (без воопшто масло) но можете и да го испржите (јас избегнувам пржење максимално) .

А доколку не сакате да го јадете како сендвич, можете да го послужите со салата и многу свеж или печен зеленчук.

Како да го направите ова Киноа тофу?

За сендвичот нема што многу да објаснувам, а крцкавото киноа тофу исто така се прави брзо и лесна! Потребни ви се 3 сада во кои ќе го извалката тофуто. Еден со брашно, еден со млеко и еден со киноа (претходно сварена). Инаку, јас во фрижидер секакош имам сварена киноа. Пред се, затоа што ми е супер за meal-prep а и за рецепти како овој или како вафлите со киноа и јагоди.

За миксот од брашно можете да употребите што сакате (или што имате дома). Јас употребив брашно од наут и нутритивен квасец (за повеќе протеини).

Инаку, целиот рецепт и начинот на подготовка го имате подолу во рецептот, а имате и кратко видео кај мене на инстаграм во reels.

Крцкав киноа тофу сендвич
намаз од сончоглед

Како да го направите намазот од сончоглед?

Исто така, многу лесно. Прво треба да го накиснете сончогледот во зовриена вода, минимум 2 часа. Потоа процедувате, ги додавате состојките и блендате. И тоа е тоа. Можете да го јадете како додаток во сендвичи и тортиљи, како дресинг во салати (со малку повеќе лимон) или како прилог во други јадења, бидејќи е супер извор на здрави масти (и е многу вкусен). Мене лично овој намаз ми е замена за мајонез.

И така, сосем за крај на овој пост стигнавме и до сендвичот. Јас користев купечко лепче, но ако знаете да си направите дома, тоа ви е плус! На лепчето мачкате од намазот од сончоглед, па го ставате тофуто, па микс зелена салата, домат, краставица и вегански кашкавал (ова е опционално). И тоа е тоа. Брз, избалансиран и многу вкусен ручек со 53 грама протеин и 700 калории.

Доколку сакате сендвич, но малку поздрава варијанта, направете си го овој крцкав киноа сендвич со намаз од сончоглед. Содржи 53 грама растителен протеин и намирници што ги имате дома и што не се процесирани. Многу е вкусен и дефинитивно поздрава варијанта од кој било купечки. Доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🥪 Крцкав киноа тофу сендвич со намаз од сончоглед 🥪 Read More »

🍓 Вафли со јагоди и киноа 🍓

вафли со јагоди и киноа - Хедер

Вафли со јагоди и киноа, затоа што ако не се палачинки, тогаш се вафли! Шала на страна, откако го купив тостерот за мали вафли, мислам дека вафли правам еднаш неделно. И секој пат е нов експеримент од вкусови, секој пат различни, но секој пат многу брзи, лесни и вкусни! Овој пат, решив да ги објавам овие вафли од јагоди и киноа затоа што се подогни за целото семејство (вклучително, нормално, и бебе)!

Јас ги направив со вкупно 8 состојки и ми излегоа навистина многу вкусни. Крцкави од надвор а меки и сочни од внатре! Плус, богати со многу диететски влакна, витамини и растителни протеини!

Одлични се за пролетниот период со свежи јагоди, но, можете да ги направите и со замрзнати (секако претходно одмрзнете ги). За да ги направите овие вафли со јагоди и киноа, потребен ви е само блендер и тостер. И желба нормално!

вафли со јагоди и киноа

Зошто да ги направите овие вафли со јагоди и киноа?

Затоа што киноата е суперхрана што треба често да ја вклучувате во вашата исхрана. За киноата имам пишувано многу во моите рецепти, но ако ви треба повеќе инфо, еве неколку рецепти што ќе ви ги издвојам:
1️⃣ солена гранола,
2️⃣ воздушести палачинки од киноа,
3️⃣ барови од амарант и киноа,
4️⃣ колаче од киноа и овес,
5️⃣ полнети пиперки со киноа,
6️⃣ киноа пица,
7️⃣ печена киноа,
8️⃣ палачинки од киноа,
9️⃣ тортиљи од киноа,
1️⃣0️⃣ гранола со киноа,
1️⃣1️⃣ чоколадна киноа торта,
1️⃣2️⃣ „месо“ од киноа и леќа

вафли со јагоди и киноа

Плус, јас сум ептен голем љубител на јагоди и се што има јагоди, за мене е 😍😋 Така што ова се две супер причини. Плус, се прават многу брзо и лесно (само би блендер) и се baby-friendly! И тоа е тоа. Целиот рецепт е подолу, а имате и кратко видео кај мене на инстаграм во reels.

Доколку си љубител на вафли, еве едни многу вкусни, брзи, лесни и суперздрави вафли од јагоди и киноа. Те охрабрувам да ги направиш и пробаш бидејќи буквално нема причина да не ги направиш (освен доколку си алергинеч на јагоди). И секако, доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🍓 Вафли со јагоди и киноа 🍓 Read More »

🍳 Омлет од Наут 🍳

Овој омлет од наут е супер алтернатива доколку сте љубител на омлет, но сакате да се храните предоминантно со растителна исхрана. Уште еден во серијата растителни омлети (веќе имам од тофу, од семки тиква), овој омлет од наут има многу слична текстура како класичниот. Се прави од брашно од наут, нема глутен и содржи растителни протеини, што го прави здрава и добра опција што навистина ќе ве засити за појадок.

А, кога ќе го започнете денот со добар појадок, не се прејадувате во текот на денот. Порано не бев некој голем „фан“ на јајца, но денес, уживам во моите растителни опции (кои ја имаат сличната текстура и вкус).

Но, освен за појадок, можете да си го направите и за вечера. Без разлика на времето од денот, овој омлет од наут е секогаш супер опција! Освен што лесно се прави, нискокалоричен е, а сепак многу заситува!

омлет од наут
омлет од наут

Зошто ќе ви се допадне овој омлет од наут?

🍳 Текстура: Смесата од брашно од наут многу наликува на текстурата на омлет. Плус, можете да го направите помек или пак крцкав, секако ќе биде вкусен.

😋 Вкус: Неутралниот вкус на брашното од наут е празно платно за вашата креативност. Додадете ги вашите омилени билки, зачини и зеленчук за да создадете бескрајни комбинации на вкусови.

🤩 Разновидност: Уживајте во вашиот омлет од наут, обичен, полнет со тофу (за уште повеќе протеин), зеленчук и маслинки. Наполнете го со мексиканско бурито фил или пак со печурки.

🌱 Убави состојки: Се прави со едноставни состојки од растително потекло, за да можете комплетно (и без грижи) да уживате во појадокот. Плус, оваа доза има исто протеини колку едно јајце.

Како да го направите?

Подготвувањето омлет од наут е изненадувачки едноставно и брзо (за буквално 5 минути). Потребно ви е нелепливо тавче и маталка. Дополнително – за да го имате вкусот на јајце без да користите јајце, задолжително употребете црна сол (кала намак). Црната сол има многу здравствени придобивки (знам дека ви должам посебен пост на оваа тема), но, на кратко: може да го подобри варењето, да ја намали подуеноста, може да ги ублажи грчевите во мускулите, може да ја подобри количината на железо итн. А за вкус на сирење (плус б12, уште протеини) додадете и нутритивен квасец. И тоа е тоа. Целиот рецепт и начинот на подготовка ги имате подолу во рецептот, а имате и видео кај мене во reels на инстаграм.

Ова е уште една алтернативна варијанта за омлет - овој пат омлет од наут. Со многу сличен вкус и текстура како омлетот од јајца, е супер алтернатива што дефинитивно треба да ја пробате. Доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави мо коменар под овој пост.

🍳 Омлет од Наут 🍳 Read More »

🧇 Протеински Вафли од Тофу 🧇

Вафли од тофу - Хедер

Овие вафли од тофу се уште едни во серијата протеински вафли без додаден протеин. Овој пат солени и со 34 грама протеин, одлични за појадок, па и за ручек! Се прават прилично лесно и брзо и освен што се полни со растителни протеини, исто така изобилуваат и со диететски влакна, витамини и минерали! Јас ги искомбинирав со свежи чери домати, маслинки и хумус, но можете да ги послужите и со авокадо, свежа салата, салца или друг сос/намаз по вкус. Бонус, супер се и за деца бидејќи освен протеинот од тофу, внесуваат и јаглехидрати (скриени зеленчуци). Па така, без да знаат ќе добијат навистина суперздрави (овој пат солени) вафли!

За да ги направите овие протеински вафли од тофу, потребни ви се 7 состојки, зачини по вкус и желба, блендер и тостер за вафли. Целиот рецепт се наоѓа подолу во овој пост, а кај мене на инстаграм во reels. има и кратко видео.

вафли од тофу

Зошто да ги направите овие вафли од тофу?

1️⃣ Солен протеински појадок – нешто што знам дека на многумина им треба!

2️⃣ Многу лесно се комбинираат. Солени се и можете да им додадете буквално што ви душа сака (а може да ви послужат и како подлога за мини пици за вашите малечки)

3️⃣ Суперздрави и супер вкусни. Плус, можете да додадете и други зеленчуци и да добијат друга боја (на пример цвекло за розови или спанаќ за зелени)

4️⃣ Три причини се доволни, но сепак, сите сакаат вафли! Па така, овие вафли од тофу се одличен семеен појадок (или ручек, па дури и вечера).

За тофуто и наутот имам пишувано во многу од моите претходни објави, па мислам дека нема потреба да повторувам зошто треба да ги внесете во вашата исхрана. Брокулата исто така – кралицата меѓу суперхраните. И тоа е тоа, кратко но слатко!

Доколку си љубител на вафли, но сакаш солени вкусови, еве едни протеински вафли од тофу, за одличен почеток на денот. Те охрабрувам да ги направиш и пробаш бидејќи многу се вкусни и здрави. А, доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🧇 Протеински Вафли од Тофу 🧇 Read More »

🫘 Протеински вафли од Грав 🫘

вафли од грав - Хедер

Уште еден вафли рецепт (трет во серијата протеински вафли) или вафли од грав! Први беа вафлите од леќа, па вафлите од наут. За сега да му дојде ред и на неговото височество – грав! Имаат, само 8 состојки и 35 грама протеин (без протеин во прав) во целата доза, и секако се прават ултра брзо и лесно. А тоа што се чоколадни е само уште еден плус. Јас ги правев со рогач и без засладувач, за да може да јаде и Каи, но вие доколку не ги правите за бебе, можете да ги направите со какао и плус јаворов сируп (или засладувач по вкус). Гравот не се чувствува, само ја збогатува чоколадната текстура.

И да, овие вафли од грав се супер доколку сакате да го почнете денот со протеини, без да додавате дополнителни прашоци.

Е сега, иако рековме дека сабота е ден за палачинки, а недела е ден за вафли, кога недела ќе се погоди сончева и топла, рецептот се пишува доцна попладне исе објавува во понеделник. 😆

вафли од грав

Вистинска уметност: ем протеински, ем чоколадни, ем здрави, ем од грав

Листата на придобивки од редовното консумирање на грав е долга. Пред се, изобилува со растителни протеини. Конкретно црвениот грав (каков што користам во овој рецепт) е многу богат со диететски влакна. Исто така содржи значителни количини на отпорен скроб, а обезбедува и многу витамини и минерали, како на пример:

  • Фолат: исто така познат како фолна киселина или витамин Б9, фолатите се сметаат за особено важни за време на бременоста.
  • Железо: овој суштински минерал има многу важни функции во вашето тело.
  • Калиум: минерал што особено влијае врз здравјето на срцето.
  • Витамин К1: исто така познат како филоквинон, витаминот К1 е важен за коагулацијата на крвта.

Па токму затоа гравот е дел од нашата исхрана на различни начини. после превкусното брауни од пред неколку години, решив да пробам да направам вафли од грав и не згрешив! Плус, се baby-friendly, што е уште еден голем плус. Модификацијата за бебе ја пишав на почетокот (рогач наместо какао и без засладувач). И ете така, уште еден забавен начин да јадете грав и да внесете протеин во оброкот (а тоа да не е манџа). Целиот рецепт е подолу, а имате и кратко видео кај мене на инстаграм во reels. И навистина, оваа серија протеински вафли особено ме радува, но ме радува и што мојата колекција на вафли од недела во недела постепено се зголемува. Потсетување, рецепт за вафли имам и во мојата 30 дневна програма за растителна исхрана, како и во прирачникот за бебе оброци 6+м и прирачникот за бебе оброци 9+м.

Доколку си љубител на вафли, по можност чоколадни, и сакаш да внесеш протеински оброк без притоа да додаваш протеин во прав, овие вафли од грав се изборот за тебе. Те предизвикувам и охрабрувам да ги направиш и пробаш бидејќи многу се вкусни, здрави, и полни со протеин. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🫘 Протеински вафли од Грав 🫘 Read More »