Marija Marija Marija

🍳 Омлет од Наут 🍳

Овој омлет од наут е супер алтернатива доколку сте љубител на омлет, но сакате да се храните предоминантно со растителна исхрана. Уште еден во серијата растителни омлети (веќе имам од тофу, од семки тиква), овој омлет од наут има многу слична текстура како класичниот. Се прави од брашно од наут, нема глутен и содржи растителни протеини, што го прави здрава и добра опција што навистина ќе ве засити за појадок.

А, кога ќе го започнете денот со добар појадок, не се прејадувате во текот на денот. Порано не бев некој голем „фан“ на јајца, но денес, уживам во моите растителни опции (кои ја имаат сличната текстура и вкус).

Но, освен за појадок, можете да си го направите и за вечера. Без разлика на времето од денот, овој омлет од наут е секогаш супер опција! Освен што лесно се прави, нискокалоричен е, а сепак многу заситува!

омлет од наут
омлет од наут

Зошто ќе ви се допадне овој омлет од наут?

🍳 Текстура: Смесата од брашно од наут многу наликува на текстурата на омлет. Плус, можете да го направите помек или пак крцкав, секако ќе биде вкусен.

😋 Вкус: Неутралниот вкус на брашното од наут е празно платно за вашата креативност. Додадете ги вашите омилени билки, зачини и зеленчук за да создадете бескрајни комбинации на вкусови.

🤩 Разновидност: Уживајте во вашиот омлет од наут, обичен, полнет со тофу (за уште повеќе протеин), зеленчук и маслинки. Наполнете го со мексиканско бурито фил или пак со печурки.

🌱 Убави состојки: Се прави со едноставни состојки од растително потекло, за да можете комплетно (и без грижи) да уживате во појадокот. Плус, оваа доза има исто протеини колку едно јајце.

Како да го направите?

Подготвувањето омлет од наут е изненадувачки едноставно и брзо (за буквално 5 минути). Потребно ви е нелепливо тавче и маталка. Дополнително – за да го имате вкусот на јајце без да користите јајце, задолжително употребете црна сол (кала намак). Црната сол има многу здравствени придобивки (знам дека ви должам посебен пост на оваа тема), но, на кратко: може да го подобри варењето, да ја намали подуеноста, може да ги ублажи грчевите во мускулите, може да ја подобри количината на железо итн. А за вкус на сирење (плус б12, уште протеини) додадете и нутритивен квасец. И тоа е тоа. Целиот рецепт и начинот на подготовка ги имате подолу во рецептот, а имате и видео кај мене во reels на инстаграм.

Ова е уште една алтернативна варијанта за омлет - овој пат омлет од наут. Со многу сличен вкус и текстура како омлетот од јајца, е супер алтернатива што дефинитивно треба да ја пробате. Доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави мо коменар под овој пост.

Омлет од Наут

Време на подготовка5 minutes
Време на готвење5 minutes
Вкупно време10 minutes
Автор: Марија Марија Марија

Состојки

Омлет

  • ¼ шолја Брашно од Наут
  • шолја Газирана вода
  • ½ к.л. Куркума
  • ¼ к.л. Црна сол
  • ½ к.л. Димена паприка
  • ½ к.л. Италијанска мешавина (или сол и зачини по желба)
  • 1 с.л. Нутритивен квасец Опционално
  • 1 к.л. Маслиново масло за пржење

Полнење (ова е опционално и по желба)

  • 1 Младо кромитче
  • 4 Маслинки
  • 4 Чери домати

Инструкции

  • Сите состојки (освен маслиновото) за омлетот ги мешате во подлабок сад додека да се соединат и смесата ја истурате на загреано нелепливо тавче со маслиновото.
  • Намалете ја јачината и пржете 2-3 минути.
  • Во меѓувреме можете да ги издинстате зеленчуците / печурките или подгответе што ќе додадете во омлетот.
  • Внимателно свртете го омлетот, ставете го полнењето и преклопете.

Вкупно парчиња: 1 омлет
(препорачана порција: 1 порција)
Нутритивни вредности од порција: (**без полнење, само омлет)
Калории: 97 kcal.
Протеини: 6 гр.
Јаглехидрати: 11,3 гр.
Масти: 1,4 гр.
Влакна: 3,3 гр.

* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. 
** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка
*** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .