Marija Marija Marija

🥕 Палачинки со моркови 🥕

палачинки со моркови - Хедер

Палачинки со моркови, затоа што никогаш доволно од моркови, нели? Плус, мислам дека ми фалеа повеќе рецепти со моркови. Некако спонтано почнав да експериментирам со секаков вид на палачинки и мојата колекција сега за сега брои 17 видови! И тоа мислам дека е добар резултат, нели? Но нема застанување, се додека не испробам се од зеленчук и овошје во палачинка варијанта 🤣

Инаку, ако до сега експериментирав за мои потреби, сега палачинките што настануваат се со желба да му послужам разновидни комбинации и вкусови на Каи. Па така излегоа и овие палачинки со моркови. Благички – а тој вкус му е омилен, си ги касна без да има замерки 😍

Имаат вкупно 7 состојки (ако не ги правите за бебе можете да додадете и засладувач) и се прават лесно и во 1 сад.

палачинки со моркови

За бебе (слика најдолу) ги послужив со грчки јогурт и боровинки. А, за мене со сируп без шеќер (нешто што прв пат пробувам) и боровници. Но, супер се и во други комбинации, како на пример вашиот омилен путер од јатки или кое било свежо или смрзнато овошје. Супер се за појадок, бранч, ужина, па дури и десерт – кога сакате малку по „лајт“ и поздрава опција.

палачинки со моркови

Зошто баш моркови?

Пред се, поради сите придобивки што морковот ги има. За потсетување, доколку не сте ги виделе овие рецепти од моркови, сега е време да ги видите и да ги направите затоа што сите до еден се ОДЛИЧНИ:

🥕 Чорба од моркови и ѓумбир
🥕 Сирова торта од моркови
🥕 Гранола со моркови
🥕 Пире од моркови

Во овие постови имам доста опфатено за придобивките од морковите и не знам дали има потреба да пишувам уште, но од најзначајните придобивки што ни се добро познати на сите ќе издвојам:

Морковите се особено добар извор на бета каротен, диететски влакна, витамин К1, калиум и антиоксиданси. Имаат малку калории и помагаат во намалување на нивото на холестерол и подобрување на здравјето на очите.

Интересно е тоа што низ светов има моркови во многу бои, вклучувајќи жолта, бела, портокалова, црвена и виолетова. Кај нас, за жал, има само портокалови, а портокаловите моркови ја добиваат својата светла боја од бета каротенот, антиоксиданс којшто телото го претвора во витамин А.

Дали да си ги направите овие палачинки со моркови?

Хмммм… мислам дека ова е ислишно прашање, затоа што одговорот е јасен. Да! Морате! Уште една причина зошто – морковите имаат низок гликемиски индекс, односно имаат помало влијание во покачувањето на нивото на шеќер во крвта. Тоа би значело дека, доколку не додадете засладувач, овие палачинки се супер опција за појадок.

Имајки го се ова на ум, логично беше дека ќе пробам да ги вклучам морковите што повеќе во исхраната на ова мало човече, па за да не биде во традиционалната барена форма, биднаа палачинки.

Инаку, освен што има малку калории, цвеклото е богато со многу витамини и минерали. Како што кажав претходно, собено е богато со фолат, витамин кој игра клучна улога во растот, развојот и здравјето на мозокот и срцето. И сега веќе мислам дека ве убедив, нели? Повеќе причини сигурно не ви се потребни за да ги направите моите палачинки со моркови уште утре. Затоа, извадете ги морковите и скролнете подолу во овој пост за да го видите целиот рецепт (којшто патем е многу едноставен) и начинот на подготовка. А кај мене на инстаграм во reels бидејќи имате и кратко видео. Како и секогаш секој коментар и секое споделување ми значи ♥️

палачинките на Каи

(‼️) Како и за повеќето палачинки, и за овие е МНОГУ важно да ги печете на нелепливо тавче. 

Доколку си љубител на палачинки (или дома имаш некој таков) а сакаш да внесеш повеќе зеленчук и да го почнеш денот здраво, тогаш дефинитивно треба да ги направиш моите палачинки со морков. Baby approved, но и многу лесни, многу вкусни и многу здрави. Така што, доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или да ми оставиш коментар под овој пост.

🥕 Палачинки со моркови 🥕

Автор: Марија Марија Марија

Состојки

  • ½ шоља Моркови рендани
  • 1 шоља Овесно брашно мелени овесни снегулки
  • 1 шоља Млеко додавајте го постепено додека да ја постигнете посакуваната густина
  • 1 Ленено „јајце“ 1 с.л. мелено ленено семе, накиснето во 2,5 с.л. вода
  • 2 к.л. Ванила екстракт
  • 1 с.л. Путер од бадем
  • ½ к.л. Цимет
  • ½ к.л. Прашок за печиво
  • 1 с.л. Сируп од урми или друг засладувач – опционално

Инструкции

  • Во подбабок сад ставете ги сите состојки (сем млекото) и убаво промешајте.
  • Млекото додадете го на крај и додавајте го постепено за да ја добиете потребната густина. Доколку тестото е многу густо додајте повеќе.
  • Убаво промешајте и ставете 2 лажици од смесата на загреано тавче.
  • Печете на среден оган по околу 2/3 минута од страна.
  • Послужете со вашето омилено овошје или додатоци по желба.

Вкупно парчиња: 8 палачинки
(препорачана порција: 4 палачинки)
Нутритивни вредности од порција: **Без додатоци, само палачинки
Калории: 351,5 Kcal
Протеини: 15 гр.
Јаглехидрати: 38 гр.
Масти: 12 гр.
Влакна: 9,25 гр.

* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи.  
** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка 
*** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка 

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .