Marija Marija Marija

🥄 Солена гранола 🥄

Солена гранола - Хедер

Океј, солена гранола звучи тотално невообичаено, па дури можеби и чудно. Како би јаделе солена гранола? Во што би ја додале? Хмм.. Би рекла, би ја јаделе исто како и секоја друга гранола – со лажица 🤣 Ајде сега шала на страна, затоа што оваа гранола дефинитивно вреди да се проба. Може да се јаде со неутрален (или закиселен) јогурт, како додаток во сендвичи, паста, салати. Многу е вкусна, верувајте! Но, освен тоа, исто така е нутритивно богата, полна со омега-3 и други здрави масти, влакна, протеин, магнезиум, витамин Е, Б3, Б6, антиоксиданси и минерали.

Додадете му „crunch“ на секое јадење

Ако сте како мене и сакате секогаш нешто крцкаво во оброците, тогаш оваа гранола е дефинитивно за вас! Дава предобар солен крцкав шмек и е супер додаток во кој било оброк. Плус, ако (пак како мене) секогаш имате залиха од сварена киноа, тогаш дефинитивно станете и направете ја гранолава. Се прави навистина брзо и лесно, а брзо и се пече – готова е за 10-тина минути. А еве и неколку идеи како да ја јадете:

🥑 На авокадо тост,
🥗 Во салата,
🍝 Во паста,
🍛 Со рижото,
🍚 Со мојот солен печен овес,
🍶 Со јогурт,
🥣 Со тарана,
🥜 За ужинка место грицки

Ова се неколку идеи што први ми паднаа на памет, мислам дека ќе ми текнат уште, ама ако ја направите и ако ви дојде инспирација за уште некое комбо, споделете го во коментар под овој пост.

солена гранола

Доколку сакате пикантно или луто, слободно додадете од вашиот омилен лут сос или заменете ја томато пастата со Gochujang паста (јас тоа го направив) и во двете варијанти е врвна! Така што… скролнете надолу во овој пост за да го видите целиот рецепт, а секако, кај мене на инстаграм во reels имате и кратко видео од подготовката.

Доколку и ти како мене сакаш крцкави додатоци во јадењата, тогаш дефинитивно мораш да ја пробаш мојата солена гранола. Те охрабрувам, бидејќи веројатноста и ти да се навлечеш е ГОЛЕМА. Многу е вкусна и навистина лесно се прави. Доколку ја направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija 

🥄 Солена Гранола 🥄

Време на подготовка2 minutes
Време на готвење10 minutes
Вкупно време12 minutes
Автор: Марија Марија марија

Состојки

  • 1 шоља Сварена киноа
  • ½ шоља Овесни снегулки
  • ¼ шоља Семки тиква
  • ¼ шоља Семки сончоглед
  • шоља Сусам
  • 1 с.л. Нутритивен квасец
  • 1 с.л. Соја сос
  • 1 с.л. Доматно пире
  • 1 к.л. Зеленчуков зачин
  • 1 к.л. Димена пипер
  • 1 к.л. Лук во прав
  • 1 к.л. Сув власец
  • 1 к.л. Сув копар
  • 1 к.л. Куркума
  • 1 к.л. Оригано или друг избор на зачини по вкус

Инструкции

  • Во подлабок сад ставете ги претходно сварената киноа, овесните снегулки, семките и сусамот и убаво промешајте.
  • Додадете го соја сосот и доматната/лутата паста и промешајте.
  • Додадеете ги и зачините и нутритивниот квасец и убаво промешајте за смесата сосема да се соедини.
  • Наредете тенок слој на тавче за печење обложено со хартија за печење и печете 7-8 минути во претходно загреана рерна на 160.
  • Разбуричкајте ја со лажица за да се испече од двете страни и печете уште 7 минути (со повремено гледање, бидејќи секоја рерна е различна)
  • Оставете целосно да се олади и складирајте.

Вкупно парчиња: 30 лажици
(препорачана порција: 2 лажици)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 61,9 kcal
Протеини: 2,58 гр.
Јаглехидрати: 5,02 гр.
Масти: 3,16 гр.
Влакна:
1,43 гр.

* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. 
** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка
*** к.л = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .