Marija Marija Marija

🧇 Протеински Вафли од Тофу 🧇

Вафли од тофу - Хедер

Овие вафли од тофу се уште едни во серијата протеински вафли без додаден протеин. Овој пат солени и со 34 грама протеин, одлични за појадок, па и за ручек! Се прават прилично лесно и брзо и освен што се полни со растителни протеини, исто така изобилуваат и со диететски влакна, витамини и минерали! Јас ги искомбинирав со свежи чери домати, маслинки и хумус, но можете да ги послужите и со авокадо, свежа салата, салца или друг сос/намаз по вкус. Бонус, супер се и за деца бидејќи освен протеинот од тофу, внесуваат и јаглехидрати (скриени зеленчуци). Па така, без да знаат ќе добијат навистина суперздрави (овој пат солени) вафли!

За да ги направите овие протеински вафли од тофу, потребни ви се 7 состојки, зачини по вкус и желба, блендер и тостер за вафли. Целиот рецепт се наоѓа подолу во овој пост, а кај мене на инстаграм во reels. има и кратко видео.

вафли од тофу

Зошто да ги направите овие вафли од тофу?

1️⃣ Солен протеински појадок – нешто што знам дека на многумина им треба!

2️⃣ Многу лесно се комбинираат. Солени се и можете да им додадете буквално што ви душа сака (а може да ви послужат и како подлога за мини пици за вашите малечки)

3️⃣ Суперздрави и супер вкусни. Плус, можете да додадете и други зеленчуци и да добијат друга боја (на пример цвекло за розови или спанаќ за зелени)

4️⃣ Три причини се доволни, но сепак, сите сакаат вафли! Па така, овие вафли од тофу се одличен семеен појадок (или ручек, па дури и вечера).

За тофуто и наутот имам пишувано во многу од моите претходни објави, па мислам дека нема потреба да повторувам зошто треба да ги внесете во вашата исхрана. Брокулата исто така – кралицата меѓу суперхраните. И тоа е тоа, кратко но слатко!

Доколку си љубител на вафли, но сакаш солени вкусови, еве едни протеински вафли од тофу, за одличен почеток на денот. Те охрабрувам да ги направиш и пробаш бидејќи многу се вкусни и здрави. А, доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🧇 Протеински Вафли од Тофу 🧇

Време на подготовка10 minutes
Време на готвење15 minutes
Вкупно време25 minutes
Автор: Марија Марија Марија

Oпрема

  • процесор за храна / блендер

Состојки

  • 150 гр. Тофу
  • ½ шоља Млеко од соја
  • 1 помал Компир сварен
  • 1 помал Морков сварен
  • 2 китки Брокула
  • 2 с.л. Нутритивен квасец
  • 1 с.л. Брашно од наут
  • 1 к.л. Димена паприка
  • 1 к.л. Зеленчуков зачин
  • ¼ к.л. Црна сол (Кала Намак)
  • ½ к.л. За'атар (или зачини по вкус/желба)

Инструкции

  • Ставете ги сите состојки во процесор за храна и блендајте додека да добиете еднолична смеса.
  • Ставете полна лажица од смесата на тостер за вафли и печете неколку минути (овој чекор зависи од тостерот за вафли. Доколку е поголем, потребно е да ставите повеќе од смесата, а печењето исто така ќе зависи од јачината)
  • Послужете со свеж зеленчук и топинзи по вкус и желба.

Вкупно парчиња: 4 вафли
(препорачана порција: 4 парчиња зависно дали внимавате на калориски внес, вредностите подолу се за целата доза, без додатоци)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 387 kcal
Протеини: 34 гр.
Јаглехидрати: 27,6 гр.
Масти: 12,8 гр.
Влакна:
11,8 гр.

* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. 
** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка
*** к.л = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .