Marija Marija Marija

🥠 Пита триаголници со зеленчук и тофу 🥠

Пита триаголници - Хедер
Пита триаголници со зеленчук и тофу

Овие пита триаголници со зеленчук и тофу, се совршена замена за купечка пита или банички. А една од моите „toxic traits“ е дека многу сакам тесто. Пити, банички, кифлички… Толку многу ги сакам, што за мое добро се трудам нивното консумирање да го сведам на минимум. Но, од време на време си правам поздрави варијанти, како на пример мојата пита со спанаќ и тофу, мојата протеинска проја, или пак некое од лепчињата со леќа, ленено семе, микс семиња или сладок компир.

Така сум сигурна дека си ја задоволувам потребата, а притоа не јадам празни калории без никаква нутритивна вредност. Туку напротив, внесувам многу диететски влакна, протеини и витамини и минерали.

Така настанаа и овие пита триаголници со зеленчук и тофу. Имав кори од хељда и првично сакав да ја правам питата со спанаќ, но решив дека од едно пакетче кори, ќе излезат 2 рецепти (вториот наскоро).

Како да си ги направите овие пита триаголници со зеленчук и тофу

Како и секогаш, кај мене на инстаграм во reels имате кратко видео од подготовката. А целиот рецепт е објавен подолу во овој пост. Но, на кратко, овие пита триаголници со зеленчук и тофу се прават навистина лесно. Супер е тоа што можете да користите буквално каков зеленчук имате дома, па секој пат ќе имате различен вкус. За мене тофуто е задолжително, заради извор на протеин, а секогаш додавам плус уште некој извор на расителен протеин за уште подобар баланс.

Конкретно филот во овој рецепт го правев со грашок и леќа, плус морков, кромид, целер, спанаќ, брокула, карфиол и тофу. Навистина превкусно и презаситувачко полнење. Јас ги јадев за ручек, но можете да си ги направите од вечерта претходно и да ги јадете за појадок.

Пита триаголници со зеленчук и тофу
Пита триаголници со зеленчук и тофу

Полнење по ваш вкус, ем супервкусно ем суперздраво!

Велам по ваш вкус, затоа што она што може да се најде во пекарите е веќе познати. Месо, сирење, спанаќ и евентуално праз или зелка. Но вакво зеленчуково полнење нема да најдете во нитуедна пекара. Експлозија од вкусови и симбиоза на здрави состојки се она што треба да ве мотивира да си ги направите. И секако, разноликоста и прилагодливоста. Еднаш наполнете ги со печурки, спанаќ и тофу. Следен пат наполнете ги со хељда, печурки и тофу… Или пак со киноа, брокула, моркови и леќа… Впрочем, со што ви душа сака.

Само имајте го на ум следново – колку повеќе зеленчук, толку позаситувачки и хранливи ќе ги направите. А тоа го сакаме. Вкусен и нуртитивно богат оброк што ќе ги задоволи потребните на микро и макро ниво.

Доколку и ти како мене си љубител на „all things тесто“ тогаш ти препорачувам да си ги направиш овие пита триаголници со зеленчук и тофу. Јас употребив многу зеленчук, но ти можеш многу лесно да ги модификуваш со зеленчукот што го имаш дома. Направи си ги, затоа што се многу вкусни и дефинитивно поздрави од коебило печиво што ќе го купиш надвор. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🥠 Пита триаголници со зеленчук и тофу 🥠

Автор: Марија Марија Марија

Состојки

  • ½ пакетче Кори од хељда
  • 100 гр. Тофу
  • 1 дршка Целер
  • 1 помал Морков
  • 2 мали Млади кромитчиња
  • 1 месечинка Лук
  • 2 мали китки Брокула не глави, туку китки од главата брокула
  • 2 мали китки Карфиол не глави, туку китки од главата карфиол
  • шоља Грашок
  • шоља Кафеава леќа
  • 1 мала Пиперка
  • 1 с.л. Доматно пире
  • 1 к.л. Зеленчуков зачин
  • 1 к.л. Димена пипер
  • 1 к.л. Оригано
  • 3 с.л. Маслиново масло

Инструкции

  • Најпрво подгответе го (измијте, излупете и исецкајте) зеленчукот.
  • Во тенџерче на оган ставете 1 с.л. маслиново (останатите 2 с.л. ги користите за премачкување на корите) со кромидот, морковот, лукот, целерот и пиперката и гответе неколку минути.
  • Потоа додадете ги леќата и тофуто и гответе уште неколку минути.
  • Потоа, додадете го грашокот, брокулата, карфиолот, томато пастата и зачините. Убаво промешајте и оставете да се готви.
  • Додадете ја водата, поклопете го тенџерето и оставете го зеленчукот да се готви минимум 20тина минути (за леќата убаво да се свари.) Друга опција е да користите претходно сварена леќа и грашок, па готвењето на зеленчукот ќе биде само неколку минути.
  • Додека филот се готви, земете една кора и премачкајте ја со малку маслиново. Потоа, додадете уште една кора. Пресечете ги на пола по вертикала – од ова ќе имате 2 триаголника.
  • На дното на корите ставете 1-2 лажици од филот и почнете да превиткувате во триаголна форма, се додека не го зависткате целото тесто.
  • Премачкајте со маслиново и ставете на тавче за печење обложено со хартија за печење.
  • Постапката повторете ја додека да го потрошите филот. Мене ми излегоа 4 триаголници.
  • Ставете ги во претходно загреана рерна на 160 и печете 15тина минути, односно додека да добијат златножолта боја.
  • Оставете ги да се оладат пред да ги послужите.

Вкупно парчиња: 6 пити
(препорачана порција: 2 парчиња)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: kcal
Протеини: гр.
Јаглехидрати: гр.
Масти: гр.
Влакна: гр.

* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. 
** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .