Оваа објава има многу долго име но содржи три рецепти: крцкав киноа тофу сендвич и намаз од сончоглед, односно: крцкаво киноа тофу + сендвич + намаз од сончоглед. И сега мислам дека се оправдав, нели? Инаку, сендвичов излезе многу спонтано. Првично, замислата ми беше да го направам тофуто посебно, а намазот да ми биде посебна објава. Но, решив дека можам да ги искомбинирам, и на едно место да имате повеќе рецепти. Секако, можете се да си направите посебно.
Инаку, овој крцкав киноа тофу сендвич излезе превкусно и мене ми беше врвен ручек, богат со растителни протеини.
Се прави многу лесно. Јас го печев во air-fryer (без воопшто масло) но можете и да го испржите (јас избегнувам пржење максимално) .
А доколку не сакате да го јадете како сендвич, можете да го послужите со салата и многу свеж или печен зеленчук.
Како да го направите ова Киноа тофу?
За сендвичот нема што многу да објаснувам, а крцкавото киноа тофу исто така се прави брзо и лесна! Потребни ви се 3 сада во кои ќе го извалката тофуто. Еден со брашно, еден со млеко и еден со киноа (претходно сварена). Инаку, јас во фрижидер секакош имам сварена киноа. Пред се, затоа што ми е супер за meal-prep а и за рецепти како овој или како вафлите со киноа и јагоди.
За миксот од брашно можете да употребите што сакате (или што имате дома). Јас употребив брашно од наут и нутритивен квасец (за повеќе протеини).
Инаку, целиот рецепт и начинот на подготовка го имате подолу во рецептот, а имате и кратко видео кај мене на инстаграм во reels.
Како да го направите намазот од сончоглед?
Исто така, многу лесно. Прво треба да го накиснете сончогледот во зовриена вода, минимум 2 часа. Потоа процедувате, ги додавате состојките и блендате. И тоа е тоа. Можете да го јадете како додаток во сендвичи и тортиљи, како дресинг во салати (со малку повеќе лимон) или како прилог во други јадења, бидејќи е супер извор на здрави масти (и е многу вкусен). Мене лично овој намаз ми е замена за мајонез.
И така, сосем за крај на овој пост стигнавме и до сендвичот. Јас користев купечко лепче, но ако знаете да си направите дома, тоа ви е плус! На лепчето мачкате од намазот од сончоглед, па го ставате тофуто, па микс зелена салата, домат, краставица и вегански кашкавал (ова е опционално). И тоа е тоа. Брз, избалансиран и многу вкусен ручек со 53 грама протеин и 700 калории.
Доколку сакате сендвич, но малку поздрава варијанта, направете си го овој крцкав киноа сендвич со намаз од сончоглед. Содржи 53 грама растителен протеин и намирници што ги имате дома и што не се процесирани. Многу е вкусен и дефинитивно поздрава варијанта од кој било купечки. Доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.
Крцкав Киноа Тофу Цендвич и Намаз од Сончоглед
Oпрема
- блендер / процесор за храна
Состојки
Крцкаво Киноа Тофу
- 150 гр. Тофу, исечено на парчиња (шницли)
- ⅓ шоља Киноа, сварена
- ¼ шоља Млеко од соја или друго растително
- ¼ шоља Брашно од Наут
- 2 с.л. Нутритивен квасец
- 1 к.л. Димена паприка
- 1 к.л. Зеленчуков зачин
- 1 к.л. Сол + други зачини по вкус
Намаз од сончоглед
- ½ шоља Сончоглед накиснет во вода 2 часа
- ⅓ шоља вода
- 1 месечинка Лук
- 1 к.л. Сол
- 1 с.л. Сок од лимон
- 1 к.л. Сенф
- ½ к.л. Мисо паста опционално
- ½ к.л. Јаворов сируп
Сендвич
- 2 парчиња Леб, по избор
- 2 с.л. Намаз од сончоглед
- 2 парчиња Киноа тофу
- 1 шака Микс зелена салата
- ½ Домат
- ¼ Краставица или друг зеленчук
- 2 парчиња Вегански кашкавал опционално, или други додатоци по желба
Киноа Тофу
Вкупно парчиња: 2 (150 гр. тофу)
(препорачана порција: 2 парчиња)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 393,4 kcal
Протеини: 36,3 гр.
Јаглехидрати: 24,1 гр.
Масти: 15,2 гр.
Влакна: 7,9 гр.
Намаз од сончоглед
Вкупно парчиња: 10 с.л.
(препорачана порција: 2 с.л.)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 84,38 kcal
Протеини: 3,06 гр.
Јаглехидрати: 1,92 гр.
Масти: 7,28 гр.
Влакна: 1,28 гр.
Сендвич
Вкупно парчиња: 1 голем сендвич
(препорачана порција: 1 порција)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 708 kcal
Протеини: 52,56 гр.
Јаглехидрати: 77,62 гр.
Масти: 24,78 гр.
Влакна: 18,58 гр.
* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. ** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка
‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .