Брзи и лесни вафли или мојот прв рецепт за вафли на сајтов. За вафли немав ама баш ниту еден рецепт, од причина што немав тостер. Епа сега имам, и веќе имам еден рецепт за бебе, еден во прирачникот и еве и еден овде – за секого по нешто!
Инаку, овие вафли имаат само 5 состојки и можат многу лесно да се модификуваат. Меки се и сочни и можат достојно да заменат едни саботни палачинки.
Иако од овошје имаат само јаболко, следните што ќе ги правам ќе имаат повеќе овошје, или дури може и зеленчук.
Патем, вафлите што ги имам во прирачникот се со 2 овошја, sneaky 🤭
За да ги направите овие брзи и лесни вафли, потребен ви е блендер и тостер. Толку.
Зошто ќе ви се допаднат овие брзи и лесни вафли?
Освен се брзи и лесни, овие брзи и лесни вафли се и лесно прилагодливи на вкус. Можете да им додадете ванила, какао, или пак јагоди или боровници и со тоа, секој пат ќе имате различни вафли. Можете да ги направите крцкави, со малку подолго печење или меки и сочни доколку ги печете пократко. Плус, можете да ги јадете со што ви душа сака! Мојот предлог е путер од јатки, свежо или смрзнато овошје, џем или само со јаворов сируп и семки. Целиот рецепт е подолу, а имате и кратко видео кај мене на инстаграм во reels.
Доколку си љубител на вафли, еве едни брзи и лесни вафли, од мене за тебе. Те предизвикувам и охрабрувам да ги направиш и пробаш бидејќи многу се вкусни, здрави, меки и сочни. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.
🧇 Брзи и лесни вафли 🧇
Состојки
- ¾ шоља Интегрално спелт брашно
- 1 с.л. Кокосов шеќер
- 1 к.л. Прашок за печивпо
- ¾ шоља Растително млеко
- ¼ шоља Пире од јаболка испечено или сварено јаболко со цимет и ванила
- 1 прстофат Сол опционално
Инструкции
- Ги блендате сите состојки додека да добиете густа, еднолична смеса налик тесто за палачинки.
- Печете во тостер за вафли, 4-5 минути додека да заруменат.
- Послужувате со топинг по желба
Вкупно парчиња: 6 вафли
(препорачана порција: 3 парчиња)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 218 kcal
Протеини: 7,15 гр.
Јаглехидрати: 38,4 гр.
Масти: 2,75 гр.
Влакна: 5,75 гр.
* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. ** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка *** к.л = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка
‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .