Marija Marija Marija

🫘 Протеински вафли од Грав 🫘

вафли од грав - Хедер

Уште еден вафли рецепт (трет во серијата протеински вафли) или вафли од грав! Први беа вафлите од леќа, па вафлите од наут. За сега да му дојде ред и на неговото височество – грав! Имаат, само 8 состојки и 35 грама протеин (без протеин во прав) во целата доза, и секако се прават ултра брзо и лесно. А тоа што се чоколадни е само уште еден плус. Јас ги правев со рогач и без засладувач, за да може да јаде и Каи, но вие доколку не ги правите за бебе, можете да ги направите со какао и плус јаворов сируп (или засладувач по вкус). Гравот не се чувствува, само ја збогатува чоколадната текстура.

И да, овие вафли од грав се супер доколку сакате да го почнете денот со протеини, без да додавате дополнителни прашоци.

Е сега, иако рековме дека сабота е ден за палачинки, а недела е ден за вафли, кога недела ќе се погоди сончева и топла, рецептот се пишува доцна попладне исе објавува во понеделник. 😆

вафли од грав

Вистинска уметност: ем протеински, ем чоколадни, ем здрави, ем од грав

Листата на придобивки од редовното консумирање на грав е долга. Пред се, изобилува со растителни протеини. Конкретно црвениот грав (каков што користам во овој рецепт) е многу богат со диететски влакна. Исто така содржи значителни количини на отпорен скроб, а обезбедува и многу витамини и минерали, како на пример:

  • Фолат: исто така познат како фолна киселина или витамин Б9, фолатите се сметаат за особено важни за време на бременоста.
  • Железо: овој суштински минерал има многу важни функции во вашето тело.
  • Калиум: минерал што особено влијае врз здравјето на срцето.
  • Витамин К1: исто така познат како филоквинон, витаминот К1 е важен за коагулацијата на крвта.

Па токму затоа гравот е дел од нашата исхрана на различни начини. после превкусното брауни од пред неколку години, решив да пробам да направам вафли од грав и не згрешив! Плус, се baby-friendly, што е уште еден голем плус. Модификацијата за бебе ја пишав на почетокот (рогач наместо какао и без засладувач). И ете така, уште еден забавен начин да јадете грав и да внесете протеин во оброкот (а тоа да не е манџа). Целиот рецепт е подолу, а имате и кратко видео кај мене на инстаграм во reels. И навистина, оваа серија протеински вафли особено ме радува, но ме радува и што мојата колекција на вафли од недела во недела постепено се зголемува. Потсетување, рецепт за вафли имам и во мојата 30 дневна програма за растителна исхрана, како и во прирачникот за бебе оброци 6+м и прирачникот за бебе оброци 9+м.

Доколку си љубител на вафли, по можност чоколадни, и сакаш да внесеш протеински оброк без притоа да додаваш протеин во прав, овие вафли од грав се изборот за тебе. Те предизвикувам и охрабрувам да ги направиш и пробаш бидејќи многу се вкусни, здрави, и полни со протеин. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🫘 Протеински Вафли од Грав 🫘

Oпрема

  • процесор за храна / блендер

Состојки

  • 250 гр. Црвен грав, од конзерва исцеден и убаво исплакнат
  • ½ шоља Овесни снегулки
  • ½ шоља Млеко од соја плус уште 1-2 с.л. доколку тестото е многу густо
  • 1 к.л. Ванила екстракт
  • 1 с.л. Путер од кикирики
  • 1 к.л. Прашок за печиво
  • ¼ шоља Рогач или какао ако не правите за бебе
  • 1 зрела Банана
  • 2 с.л. Сируп од урми (или друг засладувач) изоставете ако правите за бебе

Инструкции

  • Ставете ги сите состојки во блендер или процесор за храна и блендајте додека да добиете еднолична смеса.
  • Ставете 1-2 лажици од смесата на претходно намастен тостер за вафли и печете неколку минути (зависно од тостерот).
  • Повторете ја постапката додека да ја потрошите целата смеса.
  • Послужете со свежо овошје по желба.

Вкупно парчиња: 6 вафли
(препорачана порција: 3-6 парчиња зависно дали внимавате на калориски внес, вредностите подолу се за целата доза, без додатоци)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 675,8 kcal
Протеини: 35,2 гр.
Јаглехидрати: 80,9 гр.
Масти: 16,4 гр.
Влакна:
30 гр.

* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. 
** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка
*** к.л = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .