Решив дека ќе правам серија на протеински вафли, па овие вафли од леќа се први на дневен ред. Имаат скоро 32 грама протеин, во целата доза, а притоа не содржат протеин во прав! Многу лесно се прават, но поважно, освен што се супер вкусни, полни се со диететски влакна, витамини и минерали и растителни протеини! Да бидам искрена за овие вафли се инспирирав правејќи ги моите тортиљи од леќа и палачинки за Каи па решив да ги пробам. И навистина се многу вкусни. Плус, ако додадете путер од кикирики овој оброк ќе има повеќе од 35 грама протеин! Јас ги послужувам со овошје но супер се и со џемче или сируп од урми! Супер се за деца, бидејќи ќе внесат многу протеини, растителни влакна и хранливи материи од леќата или со други зборови, ќе им послужите навистина суперздрави вафли!
За да ги направите овие протеински вафли од леќа, потребни ви се 5 состојки, блендер и тостер за вафли. За целиот рецепт скролнете подолу во овој пост, а кај мене на инстаграм во reels. има и кратко видео.
Зошто овие вафли од леќа се супер?
Прва причина: чинија полна со протеини! А веќе знаете дека денес сè се врти околу протеините нели? Но, освен што се протеински, овие вафли од леќа се и многу хранливи и многу здрави.
Втора причина: лесно се прилагодуваат на вкус. Овој рецепт е благ, но многу лесно можете да ги направите и солени. Доколку се решите за оваа блага варијанта, можете да ги комбинирате со џем, крем, овошје или путер од јатки. Во секоја комбинација се одлични.
Трета причина: Сите сакаат вафли! Односно, ова е супер појадок (или вечера) за целото семејство. Ако сабота е ден за палачинки, тогаш недела дефинитивно е ден за вафли!
А сега кога сме кај вкусот, кога подобро ќе размислам, следниот предизвик ми е да ги направам солени и со уште повеќе протеини!
Доколку си љубител на вафли, еве едни протеински вафли, за одличен почеток на денот. Те предизвикувам и охрабрувам да ги направиш и пробаш бидејќи многу се вкусни, здрави, меки и сочни. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.
🧇 Протеински вафли од леќа 🧇
Oпрема
- блендер / процесор за храна
- тостер за вафли
Состојки
- ½ шоља Леќа (црвена)
- 1 шоља Млеко од соја
- 1 Урма, свежа без семка
- 1 с.л. Ванила
- 1 к.л. Цимет
- ¼ к.л. Прашок за печиво
Инструкции
- Во тегла или длабок сад со капак ставете ја леќата, урмата и млекото и оставете да киснат преку ноќ.
- Истурете во блендер, додадете ванила и цимет и блендајте додека да добиете густо тесто.
- Ставете од смесата на тостер за вафли (намачкајте со малку кокосово масло) и печете – печењето зависи од тостерот.
- Послужете со путер од кикирики и свежо овошје, или топинг по желба.
Вкупно парчиња: 5 вафли
(препорачана порција: 3-5 парчиња зависно дали внимавате на калориски внес, вредностите подолу се за целата доза, без додатоци)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 456 kcal
Протеини: 31,7 гр.
Јаглехидрати: 57 гр.
Масти: 7,3 гр.
Влакна: 12 гр.
* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. ** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка *** к.л = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка
‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .