Marija Marija Marija

🥞 Палачинки од Јапонски јаболки 🥞

Палачинки од јапонски јаболки - Хедер

Палачинки од јапонски јаболки, или уште еден рецепт што произлезе најслучајно на свет. Имено, кога ќе ти донесат „две мали гајбички“ јапонски јаболки, што всушност се фул големи гајби, ќе треба да бараш начини што побрзо и покреативно да ги искористиш. Бидејќи веќе имам лепче од јапонски јаболки и мафини од јапонски јаболки, прво на списокот беа овие палачинки.

Плус, секако сакав да му послужам јапонско јаболко на Каи, со надеж дека же му се допадна (мисија успешна, многу му се допадна) па така падна одлуката за овие палачинки.

Инаку, имам уште еден рецепт на ум (а можеби и повеќе, за да се дотрошат „малите гајбички“).

Но ајде уште малку за палачинкиве. Освен што се навистина многу вкусни, многу се меки и воздушести и совршени за бебе.

палачинки од јапонски јаболки

Како да ги направите овие палачинки со јапонски јаболки

Како и повеќето мои рецепти за палачинки, така и овие, се прават прелесно. јас прво ја извадив содржината од јаболките и ја изблендав со рачен блендер. А потоа ги измешав сите останати состојки заедно. Доколку користите рачен блендер, ги правите во еден сад, што значи нема миење садови и нема неред во кујна. А тоа многу, ама многу значи. Целиот рецепт е подолу во овој пост, а кај мене на инстаграм во reels има и кратко видевце. Секое споделување ми значи 😍

Инаку, зошто е добро да јадете јапонски јаболки може да прочитате во некој од моите претходно објавени постови. Сега само ќе ви кажам зошто да ги направите овие палачинки од јапонски јаболки – затоа што се превкусни! Каи изеде 2 цели + пире и ги бендиса двете варијанти.


Доколку си љубител на палачинки и сакаш да пробуваш нови варијанти и вкусови, тогаш направи си ги моите палачинки од јапонски јаболки. Те охрабрувам, бидејќи се многу вкусни, меки и воздушести. Плус, се прават многу лесно и брзо. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija  или остави ми коментар под овој пост.

🥞 Палачинки од јапонски јаболки 🥞

Време на подготовка5 minutes
Време на готвење25 minutes
Вкупно време30 minutes
Автор: Марија Марија Марија

Oпрема

  • блендер/рачен блендер
  • нелепливо тавче за палачинки

Состојки

  • ½ шоља Пире од јапонски јаболки изблендана внатрешноста без лушпа
  • 1 к.л. Ванила екстракт
  • ½ к.л. цимет
  • 1 шоља Овесно брашно мелени овесни снегулки
  • 1 к.л. Прашок за печиво
  • 1 шоља Растително млеко додавајте постепено, можеби ќе ви треба помалку или повеќе, во зависност од густината
  • кокосово масло за пржење (опционално)

Инструкции

  • Извадете ја содржината од јапонските јаболки и изблендајте ги во блендер или со рачен блендер за да довиете ½ шоља пире. Колку јапонски јаболки ви се потребни, зависи од нивната големина и внатрешност.
  • Додадете ги ванилата и циметот и промешајте.
  • Во подлабок сад, додадете ги сите состојки и убаво промешајте за да добиете густо тесто за палачинки.
  • Млекото додавајте го постепено, за да ја добиете посакуваната густина. доколку смесата е премногу густа, додадете уште малку млеко.
  • Печете на нелепливо тавче за палачинки по околу 2 минути од страна на среден оган.
  • Послужете со путер од јатки и свежо овошје.

Вкупно парчиња: 8-9 палачинки
(препорачана порција: 4 палачинки)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 321,5 kcal
Протеини: 9,15 гр.
Јаглехидрати: 46,45 гр.
Масти: 7,35 гр.
Влакна:
8,95 гр.

* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. 
** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка
*** к.л = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .