Втори во серијата протеински вафли се овие вафли од наут! По вафлите од леќа, нови, со само 7 состојки и 24 грама протеин (без протеин во прав) во целата доза, и секако брзи, лесни и вкусни! Иако главната состојка е наут, верувајте не се чувствува, напротив многу се вкусни! За мене ги правев обични, за Каи ги правев со банана, а следен пат сакам да им додадам плус уште некое овошје, мислам дека ќе бидат уште поубави. Инаку, наутот им додава посебна структура и влажност на тестото.
Погодни се за пребирливи јадачи, но уште поважно, погодни се и за meal-prep што значително може да ви го олесни животот. За да ги направите овие вафли од наут, потребен ви е процесор за храна и тостер за вафли. И наут, секако 😆
И како што гледам, полека но сигурно сабота е ден за палачинки, а недела е ден за вафли.
Зошто треба да ги направите овие вафли од наут?
Затоа што се уште еден паметен начин да внесете протеин во оброкот (а тоа да не е манџа). Но исто така, се прават многу лесно а и се лесно прилагодливи на вкус. Можете да им додадете, какао, или пак јагоди или малини и со тоа, секој пат да имате различен вкус. Плус, можете да ги јадете со што ви душа сака! Мојот предлог секогаш е путер од кикиритки (уште малку протеин), свежо или смрзнато овошје, кокосов јогурт или домашен џем. Овој пат јас ги јадев со путер од кикирики, сируп од урми и дробени пекани (плус малини) – врвна комбинација! Целиот рецепт е подолу, а имате и кратко видео кај мене на инстаграм во reels. И освен што сум среќна за оваа серија протеински вафли, среќна сум и што мојата колекција на вафли постепено се зголемува. Потсетување, рецепт за вафли имам и во мојата 30 дневна програма за растителна исхрана, како и во прирачникот за бебе оброци 6+м и прирачникот за бебе оброци 9+м.
Доколку си љубител на вафли, сакаш денот да го започнеш со протеински оброк а да не мора да додаваш прашок, овие вафли од наут ги исполнуваат сите услови. Те предизвикувам и охрабрувам да ги направиш и пробаш бидејќи многу се вкусни, здрави, меки и сочни. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.
🧇 Протеински Вафли од Наут 🧇
Состојки
- 100 гр. Наут, од конзерва убаво исцеден и исплакнат
- ⅔ шолја Млеко од соја или повеќе, доколку тестото њ многу густо
- ½ шолја Овесни снегулки
- 1 Ленено „јајце“ 1 с.л. мелено ленено семе, накиснато во 2,5 с.л. вода
- 1 с.л. Псилиум (тегавец)
- 1 к.л. Цимет
- 2 к.л. Ванила екстракт
Инструкции
- Најпрво, направете го лененото „јајце“ бидејќи треба да отстои 10тина минути.
- Потоа, додадете ги сите состојки во процесор за храна и блендајте додека да добиете еднолична смеса.
- Ставете малку кокосово масло на тостерот за вафли и ставете 1-2 лажици од тестото.
- Испечете и повторете со остатокот од тестото. Послужете со додадок по желба.
Вкупно парчиња: 6 вафли
(препорачана порција: 3-6 парчиња зависно дали внимавате на калориски внес, вредностите подолу се за целата доза, без додатоци)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 412,8 kcal
Протеини: 23,3 гр.
Јаглехидрати: 40,8 гр.
Масти: 12 гр.
Влакна: 17,2 гр.
* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. ** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка *** к.л = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка
‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .