Marija Marija Marija

🫓 Крекери од Леќа 🫓

крекери од леќа - Хедер
крекери од леќа

Овие крекери од леќа се многу вкусни, многу здрави и полни со растителни протеини, здрави масти и диететски влакна. И тоа е се што недостасува на купечките крекери. Се прават многу брзо и лесно а можете да ги модификувате по вкус. Главната улога во подготовката на овие крекери е црвената леќа па затоа додека го читате овој пост, станете и закиснете си една шоља црвена леќа во поголема тегла со вода. Така, уште утре ќе можете да си ги направите овие крекери.

Крекери од леќа за појадок, ручек, вечера или пак за ужина

Добро прочитавте. Овие крекери од леќа можете да ги јадете буквално во секоја варијанта. Со јогурт и салата или тофу кајгана и хумус за појадок. Како замена за крутони во голема протеинска салата за ручек. Со маслинки и домат за вечера. Или пак доколку имате потреба да грицкате, мојата препорака е да не посегате по друго сем по овие крекери од леќа, така ќе грицкате паметно и здраво.

Леќа сега, леќа засекогаш

Леќа е една од оние намирници што ја јадеме можеби секој втор ден. Дали се тоа тортиљи/врапови, палачинки, дали се вафли, или манџа, дали се ќофтиња, лепче или пак намаз (наскоро) леќата е сеприсутна. И со причина. Во една шоља леќа има 46 грама растителен протеин, 21 грам диететски влакна и само 4,2 грама масти.

И ете така, многу лесно протеинскиот бар ќе го замените со протеински крекер (особено ако во моментот повеќе ви се јаде нешто солено).

Инаку, јас ги правев со ленено семе, семки од сончоглед и тиква и сусам, но вие можете да додадете што имате дома или што ви одговара на вкус. Исто така, моето комбо на зачини мене ми е превкусно, но вие можете да го модификувате по ваш вкус. Затоа се одлични – базата е иста но комбинациите се бескрајни!

крекери од леќа
крекери од леќа

Уште неколку причини зошто да ги направите овие крекери од леќа

Голем дел од причините веќе ги поминав погоре, но ајде уште некоја причина плус (доколку ви треба). Леќата е одличен извор на витамини од групата Б, железо, магнезиум, калиум и цинк. Исто така е одличен извор на растителни протеини и диететски влакна.

Одличен извор е на полифеноли кои го подобруваат здравјето, имаат силни антиоксидантни и антиинфламаторни својства со потенцијални ефекти кои ги инхибираат клетките на ракот.

Го штити срцето така што помага во губење на тежината, спречување на акумулација на хомоцистеин во телото и подобрување на нивото на холестерол и крвниот притисок.

Доста ви се причини нели? Но ајде уште една: МНОГУ се вкусни! Затоа скролнете малку за да го видите целиот рецепт, а кај мене на инстаграм во reels имате и кратко видео од подготовката.

Доколку сакаш здрави грицки или здрава солена ужинка, пробај ги моите крекери од леќа. Лесно се прават, богати се со протеин, многу се вкусни и здрави! Ќе го направат грицкањето да е со помалку грижа на совест. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🫓 Крекери од Леќа 🫓

Време на подготовка5 minutes
Време на готвење20 minutes
Киснење на леќа8 hours
Вкупно време25 minutes
Автор: Марија Марија Марија

Oпрема

  • блендер

Состојки

  • 1 шоља Црвена леќа накиснета во 2 шољи вода преку ноќ, исцедена и исплакната
  • 1 шоља Вода за блендање на леќата следниот ден
  • шоља Семки соноглед (или 2 полни лажици)
  • шоља Семки тиква (или 2 полни лажици)
  • шоља Ленено семе (или 2 полни лажици)
  • шоља Сусам (или 2 полни лажици)
  • 1 к.л. Прашок за печиво
  • 1 к.л. Зеленчуков зачин или сол
  • 1 к.л. Димена паприка
  • 1 к.л. Куркума
  • 1 к.л. Чили опционално
  • 1 к.л. За'атар или зачини по вкус

Инструкции

  • Најпрво закиснете ја леќата од претходната вечер.
  • Следното утро убаво исцедете ја и исплакнете ја и ставете ја во блендер со водата и блендајте додека да добиете еднолична смеса.
  • Истурете ја смесата во подлабок сад и додадете ги сите останати состојки. Убаво промешајте.
  • Обложете тавче со хартија за печење и намачкајте малку маслиново врз хартијата (за да не се залепат). Потоа истурете ја смесата.
  • Печете во претходно загреана рерна на 160, 20тина минути (проверувај те ги, бидејќи секоја рерна е различна).

Вкупно парчиња: 24 крекери
(препорачана порција: 6 крекери
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 366 kcal
Протеини: 19 гр.
Јаглехидрати: 27,5 гр.
Масти: 17,42 гр.
Влакна: 10,625 гр.

* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. 
** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка
*** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .