Marija Marija Marija

🧆 Ќофтиња од Леќа во доматен сос 🧆

Ќофтиња од Леќа

Овие ќофтиња од леќа се еден од оние оброци за коишто апсолутно не очекувате колку ќе биде вкусен. И не само тоа, овој оброк е здрав, балансиран, вкусен и ве држи сити долго време. Веќе знаеме за нутритивниот квасец и леќата, дека се извори на растителен протеин, а во комбинација со бадемите и домашниот вегански пармезан, вкусот е ВРВЕН!

Потекло на ќофтињата

Инаку, знам дека кога ќе се спомне зборот „ќофтиња“ асоцијацијата најчесто е на содржината (мелено месо), но, мене асоцијацијата ми е на формата (топчиња). Денес ќофтиња се јадат низ целиот свет и во најразлични форми. Сепак, се верува дека концептот потекнува од персиските ќофтиња познати како „кофта“.

Како и да ги викате, овие ќофтиња од леќа се крцкави, имаат совршен чаден вкус и одлично одат со сосот од домати.

Исто така, многу добро одат во сендвич со хумус, свежа рукола и димено тофу (испробано). А мислам дека одлично ќе одат и во сос од индиски ореви и нутритивен квасец или пак во кари сос со кокосово млеко. Овие, како и многу други варијации на сосови останува да ги пробаме. А, ќофтињата верувам во секоја комбинација ќе бидат превкусни! Очекувам ваши идеи за сосови што ќе одат добро со овие ќофтиња од леќа.

kjoftinja od lekja

Како да подготвите ќофтиња од леќа

Можеби се прават за нијанса подолго од моите вообичаени оброци, но дефинитивно вреди секоја минута. Јас најчесто ја делам во две етапи. Прво, од вечер ја подготвувам леќата: во тенџерче ставам малце маслиново, лук и леќата и зачини и потоа додавам вода. Оставам да се вари 20-тина минути, додека леќата да омекне и да ја упие целата вода. Доколку се уште е тврда а водата е упиена, додавам уште малку вода. Следниот ден, го динстам кромидот, и во блендер ги додавам сите состојки. Подолу во рецептот ја имате целата постапка по чекори.

Сосот од домати исто така се прави прилично лесно (додека ќофтињата се печат) а е многу вкусен. Целата постапка можете да си ја прочитате подолу во рецептот. Како што напоменав погоре, можете да пробувате и со сосови по ваш избор, или пак да ги јадете како додаток на салата, паста, интегрален ориз, киноа…

Инаку, една порција од 4 ќофтиња, има 14,4 гр. протеин. За уште повеќе протеин, можете да ги комбинирате со тофу, или пак киноа или паста од леќа или грашок, а не заборавајте да послужите и многу свежа салата. Мене најубаво ми одат во комбинација со зелка, морков, брокула, маслиново и лимон – но секако, ова е по вкус.

Доколку се уште немаш пробано ќофтиња од леќа, направи ги овие. Прво затоа што се ПРЕВКУСНИ, потоа затоа што се многу здрави, крцкави а сочни. Секако, доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🧆 Ќофтиња од Леќа 🧆

Време на подготовка15 minutes
Време на готвење35 minutes
Вкупно време50 minutes
Автор: Марија Марија Марија

Oпрема

  • процесор за храна / блендер
  • тавче и хартија за печење
  • тавче за пржење

Состојки

Леќа

  • 1 шоља Зелена леќа
  • 3 месечинки Лук исецкан
  • 1 к.л. Сол
  • 1 к.л. Димена Пипер плус зачини по желба

Ќофтиња

  • 2 с.л. Ленено семе мелено
  • 2 с.л. Нутритивен квасец
  • ½ шоља Бадеми мелени
  • 1 Кромид издинстан
  • 2 с.л. Вегански Пармезан
  • 1 к.л. Зеленчуков зачин
  • 2 к.л. Димена пипер
  • ½ к.л. Сол
  • ½ к.л. Бибер

Доматен сос

  • 1 Кромид
  • 2 Домати излупени и исецкани
  • 2 с.л. Доматна паста
  • 1 конзерва Пелати
  • 1 к.л. Сол
  • 1 к.л. Јаворов сируп или засладувач по желба (за да не биде кисел сосот)
  • 1 к.л. Оригано и останати зачини по ќелба и вкус

Инструкции

Леќа

  • Најпрво сварете ја леќата со лукче и малку маслиново. Варете 20тина минути додека не ја упие целата течност и да омекне. Ова можете да го направите и претходната вечер.

Ќофтиња

  • Најпрво, издинстајте го кромидот и оставете го малку да се олади.
  • Во процесор за храна ставете ја претходно сварената леќа, заедно со издинстаниот кромид и сите останати состојки за ќофтињата и пулсирајте додека да добиете еднолична смеса.
  • Со лажица земајте еднаква количина и формирајте топчиња.
  • Наредете ги на тавче за печење, обложено со хартија за печење и пропрскајте ги со малку маслиново (1 лажичка).
  • Ставете ги во претходно загреана рерна на 170 и печете ги 15тина минути, додека да заруменат и да станат крцкави.

Доматен сос

  • Пропржете го кромидот додека да омекне.
  • Додадете ги доматите, доматната паста и мешајте да се соединат.
  • Додадете ги пелатите од конзерва и зачините и убаво изгмечете за да се добие сос.
  • Гответе на среден оган 10тина минути.
  • Послужете го сосот заедно со ќофтињата и свежа салата.

Вкупно парчиња: 13
(препорачана порција: 4 парчиња)
Нутритивни вредности од порција: ** без сос, само ќофтиња
Калории: 220,4 kcal
Протеини: 14,4 гр.
Јаглехидрати: 22 гр.
Масти: 14 гр.
Влакна: 11,2 гр.

* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. 
** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка
*** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .