🍅 Крекери со Домати 🍅
Овие крекери со домати се еден од оние рецепти што совршено го доловуваат вкусот на летото: зрели домати што мирисаат на сонце, медитерански билки, едноставни состојки и мнооооогу крцкање буквално со секое залче. Овие крекери се толку едноставни и речиси и да не бараат многу труд. А изгледаат како да се послужени на мала тераса покрај море. И секако дека летото, морето и медитеранот ме инсипираа за овие крекери со домати, овес и тофу. Лесни, хранливи и богати со растителни протеини и диететски влакна. Иако на прв поглед изгледаат прилично обично, тие се многу повеќе од тоа. Благодарение на комбинацијата од овес и тофу, добиваш крекери богати со растителни протеини, диететски влакна и сложени јаглехидрати за подолготрајна ситост! Плус, доматите внесуваат природна сочност и лесна киселкаста свежина. Додека ароматичните зачини го заокружуваат вкусот и му даваат оној препознатлив медитерански карактер.


Зошто овие крекери со домати?
Една од работите што најмногу ми се допаѓа кај овие крекери со домати, е нивната разновидност. Подеднакво добро функционираат како лесен појадок, попладневна ужина, додаток покрај салата или како дел од летна даска со хумус, маслинки, свеж зеленчук и намази.
Особено се практични затоа што можат да се подготват однапред и неколку дена да останат крцкави ако се чуваат во затворен сад. Па така, кога ќе посакаш нешто брзо, наместо купечки грицки полни со заситени масти шеќери и непотребни адитиви, имаш домашна алтернатива направена од вистински, целосни намирници. Тофуто не само што ја збогатува хранливата вредност, туку придонесува и за пријатната структура на крекерите. Овесот, пак, дава природна полнота и е одличен извор на бета-глукани, растворливи влакна кои придонесуваат за подолго чувство на ситост и поддршка на здравјето на срцето. Заедно создаваат комбинација што не е само вкусна, туку и функционална. Особено ако се трудиш да внесуваш повеќе растителни протеини во секојдневната исхрана.
За целиот рецепт и начинот на подготовка скролнете надолу во овој пост. А секако, кај мене на инстаграм во reels имате и кратко видео од подготовката.

Медитеранската исхрана одамна се смета за еден од најбалансираните начини на исхрана во светот. А нејзината убавина лежи токму во едноставноста. Наместо строги правила, таа нè учи да избираме сезонски намирници. Да готвиме со свежи состојки и да уживаме во секој залак. Во овие крекери токму тоа доаѓа до израз. Сочните домати носат ликопен, моќен антиоксиданс по кој се препознатливи. Овесот обезбедува стабилна енергија, а тофуто додава квалитетни растителни протеини без непотребни заситени масти. Кога сето тоа ќе се спои со зачини и мааааалку екстра девствено маслиново масло, резултатот е рецепт што мириса на лето и на медитерански двор…


Доколку и ти како мене сакаш крцкави крекери, што ќе станат дел од твоето летно секојдневие, тогаш мораш да ги пробаш овие крекери со домати. Те охрабрувам, бидејќи се многу вкусни и се прават навистина брзо и лесно. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.…
🍅 Крекери со Домати 🍅 Read More »








































