Marija Marija Marija

Барови

🍫 Домашни протеински барови 🍫

протеински барови - Хедер
протеински барови

Во време кога број еден тема на дискусија е протеинот и кога велнес индустријата царува со производство на брзи протеински оброци, ужини и особено протеински барови, моите домашните протеински барови се совршено решение за сите што сакаат здрава алтернатива без вештачки состојки и рафинирани шеќери. Овие протеински барови не само што се вкусни и богати со растителни протеини, туку имаат и здрави масти и диетески влакна и минерали што го хранат телото во текот на целиот ден.

Моќна комбинација на нутриенти

Моите протеински барови содржат природни, хранливи состојки кои обезбедуваат балансирана енергија:

Протеин и есенцијални аминокиселини

  • Протеин во прав и колаген – поддржуваат мускулен раст, регенерација и здравје на кожата, косата и ноктите.
  • Киноа – комплетен растителен протеин што содржи сите девет есенцијални аминокиселини.
  • Наут – одличен извор на растителен протеин и влакна, помага во стабилизирање на шеќерот во крвта.

Здрави масти за одржлива енергија

  • Путер од кикирики – богат со мононезаситени масти, магнезиум и витамин Е.
  • Семе од коноп и тиква – содржат протеини но и омега-3 и омега-6 масни киселини, кои помагаат во намалување на воспаленијата и поддржуваат здравје на срцето.

Природен извор на енергија

  • Урми – природно слатки, богати со растителни влакна, калиум и антиоксиданси, обезбедуваат долготрајна енергија.

Зошто да ги изберете моите протеински барови?

протеински барови

Моите домашни протеински барови се совршено избалансирани – едно барче има 13 грама протеин и 130 калории. Но исто така, 8 грама јаглехидрат, 5 грама масти и 3.5 грама растителни влакна! Ова ги прави погодни за секој што бара здрава опција за зголемување на дневниот внес на протеини, и да остане енергичен!

✔ Поевтини се од купечките
✔ Одличен пред или по тренинг или за ужинка
✔ Заситуваат и даваат долготрајна енергија
✔ Богати со растителни влакна за подобра дигестија
✔ Природно засладени, без рафинирани шеќери и вештачки адитиви
✔ Вкусни се

И покрај се ова што набројав, овие протеински барови исто така се прават многу лесно. Откако ќе ги изблендате сите состојки, ги ставате во замрзнувач да се стегнат околу еден час и тоа е тоа. Целата постапка ја имате подолу во постот а кај мене на инстаграм во reels имате и кратко видео.

Доколку и често посегнуваш по протеински барови за ужинка, тогаш ти препорачувам да си ги направиш овие домашни протеински барови. Здрави се, вкусни, избалансирани и се прават многу лесно. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🍫 Домашни протеински барови 🍫 Read More »

🍫 Чоколадни крамбл барови 🍫

чоколадни крамбл барови

Овие чоколадни крамбл барови се мојот втор рецепт за крамбл десерт. Првиот беше мојот летен крамбл со цреши. И морам да признаам, двата се феноменални! Овој рецепт е богат, чоколаден и најважно од се – без печење! Се прави многу лесно и има вкупно 8 состојки (што сум сигурна дека ги имате по дома)

Како и сите останати мои десерти, така и овие чоколадни крамбл барови се многу подобар избор од кое било готово, купечко благо…

Иако се чоколадни (а не овошни) сепак се супер и за во лето, затоа што стојат во фрижидер и се супер разладувачко благо. Иако, јас лично повеќе преферирам освежителни овошни десерти, сепак, овие чоколадни крамбл барови се навистина превкусни. Плус се супер за секоја прилика – и за секојдневно заблажување, но и да ги послужите на гости.

Што ги прави овие чоколадни крамбл барови толку посебни?

Здрави состојки: Основата на овие барови се состои од здрави и природни состојки како овесни снегулки, таан, кокосово масло, и јаворов сируп. Овие состојки се богати со влакна, витамини и минерали.

Вегански и без глутен: Како и сите мои десерти, така и овие барови се целосно вегански и можат да бидат без глутен ако се користи овес без глутен.

Без рафиниран шеќер: Користам малку природен засладувач како јаворов сируп или сируп од урми, што ги прави маааалку подрави.

Богат чоколаден вкус: И покрај тоа што се здрави, овие барови не губат на вкусн. Црното чоколадо и путерот од кикиритки им даваат богат и интензивен вкус кој навистина ќе ја задоволи вашата потреба за благо.

чоколадни крамбл барови
чоколадни крамбл барови

Брзи, лесни и многу едноставни за подготовка

Тоа што не се печат, туку се прават во еден сад и се чуваат во фрижидер ги прави совршени (особено за во лето). Инаку од дозата во рецептот излегуваат 6 големи, односно 12 помали коцки (а една помала коцка е сосем доволна – верувајте!)

И како и за секоја друга објава, така и за оваа, целиот рецепт и начинот на подготовка (како и нутритивната вредност) ја имате на крајот на овој пост, а кај мене на инстаграм во reels имате и кратко видео од подготовката.

Направете си ги уште денес и уживајте ги со појадок, ужинка или десерт.

Доколку си љубител на брзи и лесни десерти, тогаш дефинитивно треба да ги направиш овие чоколадни крамбл барови! Те охрабрувам, бидејќи освен што се МНОГУ вкусни, се прават многу брзо и едноставно (и најважно) не се печат! Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🍫 Чоколадни крамбл барови 🍫 Read More »

🍫 Здрави Твикс Барови 🍫

твикс барови - Хедер
твикс барови

Овие твикс барови ми се едни од 4-те омилени чоколадни десерти, заедно со Баунти, Сникерс и Марс (уште не ми е објавен, ама ќе биде наскоро). За разлика од вистинските чоколади коишто се процесирани и преполни со шеќери, моите се релативно поздрави, од целосни состојки и со контролирана количина на природен шеќер. 😍

Признавам, можеби фоткиве не се најубавите фотки од твикс барови, но затоа, вкусот компензира за тоа!

За постов, сакав да се видат сите слоеви, па тешко ми беше да го исечам стврднатото чоколадо, но вообичаено цели ги поливам со чиколадо и тогаш немам проблем со сечење 😆

Во секој случај, како и да решите да ги направите, нема да погрешите, бидејќи се навистина совршени кога имате потреба од благо.

Совршениот карамел за совршените твикс барови

твикс барови

Карамелот е навистина совршен и од само 3 состојки (без прегорен шеќер, нормално). Да се разбереме, не велам дека не е калоричен и дека треба да го изедете цел наеднаш, но велам дека освен што има природен шеќер од урмите, има и протеин и здрави масти од путерот од кикирики и диететски влакна. Значи не внесувате само празни калории. А дека ќе ве заблажи, е тоа ви гарантирам!

Инаку, овие твикс барови се прават навистина многу лесно. Вообичаено карамелот го правам само со урми и вода, но овој пат урмите ги киснев во топло млеко и има разлика! Доколку сакате да намалите калории, слободно можете млекото да го замените со вода. Целата постапка ја имате подолу во постот а кај мене на инстаграм во reels имате и кратко видео.

Зошто да ги направите уште денес?

Инаку, од нутриционистички аспкт, мора да ги направите затоа што се МНОГУ ВКУСНИ! Да бидеме реални, не мора во секое залче да бараме научни и нутриционистички причини зошто да го изедеме. Иако за овие твикс барови има: содржат антиоксиданси, протеини, здрави масти… сепак доволна причина е тоа што се малку подобра опција од кој било купечки десерт, бидејќи не содржат процесирани состојќи, преработен шеќер, емулгатори и останати додатоци што не можеме да ги прочитаме. Ете така, мојот совет е овој, а останатото е на вас!

Доколку и ти како мене си љубител на Твикс, тогаш овие твикс барови се десертот шо мораш да си го направиш. Те охрабрувам, бидејќи се навистина вкусни и се прават многу лесно. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🍫 Здрави Твикс Барови 🍫 Read More »

🥥 Трослојни барови 🥥

трослојни барови - Хедер
трослојни барови

Како и сите мои барови, така и овие трослојни барови се прават многу лесно, освен ако имате бебе и ако треба да снимате reel за на инстаграм. Е тогаш ќе ви требаат три дена како мене 🤣 Шала на страна, многу се освежителни и вкусни, не се многу благи (а може да бидат и уште помалку, доколку го изоставите засладувачот).

Во однос на состојките: имаат вкупно 12 состојки за сите 3 слоја + чоколадото од горе, што исто така е опционално (но секако, препорачливо). Потребен ви е процесор за храна или блендер и калапче или силиконска модла. Јас ги правев во калап за мафини, но можете да ги направите во какво било тавче, само обложете го со хартија за печење.

Во однос на вкусот: неверојатно освежителен! Само еден бар е доволен да ви ги засити потребите за благо (и повеќе од тоа). Навистина се многу вкусни

Како да си ги направите овие барови трослојни барови

Без да снимате видео – јас го направив тоа за вас и можете да го најдете кај мене на инстаграм во reels. Остатокот е лесен: правите прв слој, па во замрзнувач. Правите втор слој, ставате врз првиот, па во замрзнувач. Правите трет слој, ставате врз вториот, па во замрзнувач и на крај по желба полевате со црно чоколадо.

Пред да ги јадете, извадете ги од замрзнувач и ставете ги малку во фрижидер, за да се отпуштат. Направете си топло кафе и опуштете се во топло-ладно уживање.

И како и секогаш, скролнете надолу за целиот рецепт…

трослојни барови
трослојни барови

Вкусни, едноставни и (релативно) поздрави

Легитимно велам дека овие трослојни барови се релативно поздрави. Ако сме реални, изобилуваат со здрави масти од јатките и кокосовото млеко. Имаат шеќер од урмите (што е природен, но сепак е шеќер). Но исто така имаат и многу антиоксиданси од урмите и од шумското овошје па ете баланс. Дури си мислам дека на кокос слојот може да му се додаде и протеин во прав па да бидет и малку побалансирани. Штета што ова ми текна пишувајќи го последниот пасос од постов, откако веќе ги направив… Ајде, следна тура…

Инаку, од оваа доза мене ми излегоа 8 големи барчиња. Вие можете да ги направите во големината што вам ви одговара, но тоа секако ќе ја примени калориската вредност засметана на крајот од овој пост.

Овие трослојни барови се еден од оние десерти што едноставно мора да ги направиш барем еднаш. Многу се освежителни и вкусни и се прават навистина лесно. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🥥 Трослојни барови 🥥 Read More »

🍫 Чоколадо со сусам и таан 🍫

чоколадо со сусам и таан - Хедер

Чоколадо со сусам и таан, или брз десерт што не одзема време ниту бара особени вештини за подготовка. Ги заситува потребите за благо и е поздрава варијанта од купечко чоколадо, бидејќи нема додаден шеќер. Секако, доколку црното чоколадо ви е премногу горко, можете да додадете малку засладувач.

Моќни коцки, одлични за здравјето

Сусамот е одличен извор на здрави масти, диететски влакна, растителни протеини, витамини од групата Б, минерали, антиоксиданси и други корисни растителни соединенија. Редовната консумација на сусам може да помогне во контролата на шеќерот во крвта, да го намали холестеролот и болката од артритис. Исто така, консумирањето на сусам, може да го подобри целокупниот имунитет, да ја намали инфламацијата и холестеролот и триглицеридите.

чоколадо со сусам и таан
чоколадо со сусам и таан

Сусамот се верува дека може да помогне во урамнотежување на хормоните за време на менопауза, како и да го подобри здравјето на тироидната жлезда но и на коските.

Дополнително, црното чоколадо е богато со минерали, како железо, магнезиум и цинк. Содржи и антиоксиданси наречени флавоноиди, коишто имаат повеќе здравствени придобивки.

Се на се, ова чоколадо со сусам и таан е одличен десерт што може и треба да си го вметнете во исхраната (секако, во модерирани количини).

Како го направите ова чоколадо со сусам и таан

За отприлика 5 минути (можеби и помалце) во еден сад и без премногу размислување. Целиот рецепт и начинот на подготовка го има објаснето подолу во овој пост а имате и кратко видео кај мене на инстаграм во reels.

Доколку ви се допадна ова чоколадо со сусам и таан…

Тогаш, ве потсетувам на уште неколку постари (но превкусни) рецепти со сусам и таан. Пробајте ги, нема да погрешите:

1️⃣ Слатко-горки бомбици со таан
2️⃣ Љубовни колачиња со таан
3️⃣ Бисквити со таан и сусам
4️⃣ Таан карамел барови
5️⃣ Гранола со таан
6️⃣ Паста со леќа и таан

✨ Чекам да направите нешто и да ми го пишете вашиот фаворит!

чоколадо со сусам и таан
Доколку си љубител на чоколадо, но сакаш поздрава домашна верзија, тогаш дефинитивно треба да го направиш ова чоколадо со сусам и таан. Се прави за 5 минути и е многу вкусно и супер здраво. Доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави мо коменар под овој пост.

🍫 Чоколадо со сусам и таан 🍫 Read More »

🍫 Барови од Амарант и Киноа 🍫

Барови од амарант и киноа - Хедер

Од Инките, Маите и Ацтеките до лесен и здрав десерт

Овие барови од амарант и киноа ги правам години наназад, бидејќи се прават лесно, многу се здрави и вкусни и немаат никаков додаден шеќер. Инаку, киноата и амарантот, наспроти популарното мислење дека се „модерни супер-храни“ всушност се семиња со долга древна историја. Еве и зошто. Амарантот бил една од основните храни во древните цивилизации на Инките, маите и Ацтеките. Инаку, самото име потекнува од грчкиот збор „амарантос“, што значи „оној што не вене“, а цветот амарант се сметал за симбол на бесмртноста во Античка Грција.

Всушност амарантот е група од повеќе од 60 различни видови зрна кои се одгледуваат околу 8.000 години. Се класифицира како „псевдожитарка“, што значи дека технички не е зрно од житарки како пченица или овес, но содржи сличен сет на хранливи материи и се користи на слични начини.

Нема глутен, богат е со диететски влакна, железо, манган, магнезиум и фосфор и ги содржи сите есенцијални аминокиселини што го прави комплетен протеин. Содржи антиоксиданси, ја намалува инфламацијата, го намалува нивото на холестерол и може да помогне во процесот на губење на тежината.

Сето ова го прави амарантот житарка којашто треба да ја консумираме често пред се поради придобивките а и поради тоа што сеподготвува лесно и едноставно.

Амарант vs. Киноа

Киноата датира отприлика од сличен период во историјата како амарантот. За киноата се верува дека првпат била одгледувана пред околу 5.000 години на езерото Титикака на границата со Боливија и Перу. Инките го прогласиле ова семе за свето, нарекувајќи го како „мајка на сите житарки“. Традиционално, царот на Инките би бил тој што ќе го посее првото семе од сезоната користејќи „златни орудија“. И историски и нутритивно овие две „псевдожитарки“ што всушност се семиња, имаат многу сличен профил.

КалорииПротеиниМастиЈаглехидратиВлакнаЖелезоМагнезиумКалиум
Амарант1023,8 гр.1,6 гр.16,6 гр.2,1 гр.2,1 мг.65 мг.135 мг.
Киноа1204,4 гр.1,9 гр.18,5 гр.2,8 гр.1,49 мг.64 мг.172 мг.
* на 100 гр зготвени

Амарантот има помалку калории, јаглехидрати и масти на 100 гр, (што е супер доколку треба да сте во калориски дефицит). Исто така, содржи поголема количина на железо што е од витално значење за производството на црвени крвни зрнца кои помагаат во пренесувањето на кислородот низ телото. Киноата, пак, обезбедува малку повеќе протеини на 100 грама, но е покалорична. Содржината на влакна може да помогне да се чувствувате сити подолго и за среќа двете житарки содржат приближна количина на диететски влакна.

Како да ги направите моите барови од амарант и киноа?

Убаво погодивте – ЛЕСНО! 🤣 Нели, како и сите мои десерти (и останати јадења) така и овие барови од амарант и киноа се прават за 10-тина минути. Најмногу време одзема пукањето на амарантот (но, можете да си го испукате од вечер). А сепак, најдолго време ќе ви помине во чекање да се стврднат за да можете да ги пробате. Житарките, во комбинација со антиоксидансите од какаото и црното чоколадо (доколку користите) и здравите масти од путерот од јатки, ем ќе го израдуваат вашиот организам ем ќе ви ги задоволат потребите за благо, без притоа да имате грижа на совест (сепак, не ги јадете сите одеднаш 🤣🤣).

Доколку сакате да се задржите само на семиња (да не употребите јатки) можете путерот од јатки да го замените со путер од сончоглед или путер од тиква (се прават подеднакво лесно како и путерите од јатки).

Барови од Амарант и Киноа

Засладувач не ви треба и мојот совет е да не употребите. Аромата на ванила можете да ја замените со арома од бадем или рум за да добиете малку „појак“ шмек, или комплетно да ја изоствите.

Крцкави и суптилно слатки, овие барови од амарант и киноа можат да бидат вашата ужина или десерт а дури можете да ги здробите во јогуртот за појадок (доколку немате гранола.). Целиот рецепт и начинот на подготовка е подолу во овој пост, а кратко видео имате и кај мене на инстаграм во reels.

Доколку сакаш здрав, вкусен и крцкав десерт или ужина, еве ти прилика да ги направиш барови од амарант и киноа. Те охрабрувам, бидејќи се многу вкусни и се прават навистина лесно и брзо. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🍫 Барови од Амарант и Киноа 🍫 Read More »

🫘 Најздравиот брз десерт 🫘

Најздравиот брз десерт - Хедер

Без преувеличување – ова е најздравиот брз десерт што дефинитивно можете (и треба) да си го направите. Има вкупно 5 состојки + црно чоколадо што е опционално, но секако, препопрачливо. Затоа што – животот нема смисла без црно чоколадо, нели?

Инаку, ова меко и сочно колаче е природно засладено само со урми, додека останатите состојки се 3 од 6-те најздрави семиња што треба да ги консумирате.

Семки од тиква

освен што се одличен извор на растителен протеин, семките од тиква се богати со витамини и минерали како манган и витамин К, коишто играат важна улога во процесот на заздравување на раните. Исто така содржат цинк, минерал кој му помага на имунолошкиот систем да се бори против бактериите и вирусите. Семките од тиква се исто така одличен извор на: Фосфор, Магнезиум, Железо, Калиум, Бакар. Во една шоља семки од тиква има 285 калории, 12 гр. протеини, 36 гр. јаглехидрати, 12 гр. диететски влакна и 12 гр. масти.

Најздравиот брз десерт

Семки сончоглед

Семките од сончоглед, освен што се многу вкусни, се и многу здрави. Придонесуваат во намалување на ризикот од развој на болести како висок крвен притисок или срцеви заболувања. Содржат хранливи материи што го подобруваат имунолошкиот систем и го зголемуваат нивото на енергија. Генерално, семките сончоглед можат да помогнат во намалување на воспалението, подобрување на здравјето на срцето, поддршка на имунолошкиот систем, зголемување на нивото на енергија. Исто така, се и одличен извор на: Витамин Е Витамин Б1 Витамин Б6 Железо Бакар Селен Манган Цинк Калиум.

Ленено семе

Доколку ја читате содржината на мојот сајт или пак доколку го следите мојот инстаграм профил, веќе знаете дека ленено семе користам многу често. И за тоа, имам неколку причини.

najzdraviot brz desert

Лененото семе значително го подобрува здравјето на дигестивниот систем, а може да помогне и при ублажување на констипацијата. Може да помогне и во намалување на вкупниот холестерол во крвта и нивото на липопротеини со ниска густина (ЛДЛ, или „лош“), што може да помогне и придонесе во намалување на ризикот од срцеви заболувања.

Јас од ленено семе правам сешто – пудинг за појадок, лепче, тако тортиљи, го ставам во крекери но и како замена за јајце во многу други рецепти.

Инаку, здравствените придобивки од лененото семе произлегуваат од фактот дека изобилува со влакна и омега-3 масни киселини, како и фитохемикалии наречени лигнани. Една лажица (7 грама) мелено ленено семе содржи 2 грама полинезаситени масни киселини (вклучува омега 3), 2 грама диетални влакна и 37 калории.

И тоа се состојките на најздравиот брз десерт (што можеби требаше да го крстам барови со семки, но ми текна откако го напишав цел текст) 😆

Го заслужува името најздравиот брз десерт

Сега, кога ги имате сите овие информации, мислам дека може да се сложите дека ова е еден од најздравите десерти што можете да ги приготвите. Се прави во процесор за храна, брзо и едноставно и стои во фрижидер неколку денови. Повеќе убедување не ви треба, нели? Чекам коментари! Целиот рецепт го имате во рецептот подолу, а начинот на подготовка во кратко видео кај мене во reels на инстаграм.

Доколку сакаш брз и здрав десерт, тогаш ова е дефинитивно знакот да го направиш најздравиот брз десерт. Освен што се прави лесно, МНОГУ е здраво е и навистина превкусно! Доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🫘 Најздравиот брз десерт 🫘 Read More »

🥜 Чашки со путер од кикирики 🥜

чашки со путер од кикирики - Хедер
Чашки со путер од кикирики

Мислам дека мојата опсесија со путер од кикирики веќе е добро позната, па така овие чашки со путер од кикирики се еден од оние брзи и лесни десерти што ми ја полни душата и ми ја дава целата енергија на светот.

Здрави се, природно засладени со урми, богати со Омега-3 здрави масти, и со само 4 состојки.

🌰 Ореви – богати со железо, калциум, калиум, магнезиум, фолат, и омега 3 масни киселини. Можат да помогнат во намалување на холестеротол, намалување на инфламацијата и ризикот од срцеви заболувања.

🍮 Урми – богати со антиоксиданси и диететски влакна, го подобруваат здравјето на дигестивниот систем и зајакнување на коските. Особено се корисни за време на бременоста, бидејќи помагаат во природно породување.

🍫 Какао – богато со флавоноиди – нутриенти што помагаат при намалување на крвниот притисок, ја подобруваат циркулацијата на крвта до срцето и мозокот и помагаат во спречување на згрутчувањето на крвта.

🥜 Путер од кикирики – богат со витамин Е и Б витамини, но и антиоксиданси и омега-6 масни киселини. Може да помогне при кардиоваскуларни заболувања и помага во спречување на дијабет.

Десерт или енергетска бомба

И двете! Овие чашки со путер од кикирики ем ќе ве заблажат (иако се природно засладени) ем ќе ви ја дадат потребната енергија, поради тоа што се богати со јатки и урми. Сепак, колку и да ви се вкусни, препорачувам да јадете само по едно, бидејќи иако се здрави, сепак се доста калорични – а ова е особено важно доколку внимавате на внесот на калории. За сите вас коишто сакате да качите некое кило – овие чашки со путер од кикирики се совршени за вас! Кога сме кај путер од кикирики, веќе знаете дека мојот избор е секогаш CRUX!

Како да ги направите овие чашки со путер од кикирики?

Во три едноставни чекори:

  1. Ги мешате сите состојки во блендер додека да добиете еднолична смеса (тесто)
  2. Ја натапкувате смесата (тестото) во тавче за мафини и правите вдлабнување со лажичка
  3. Ги полните со по 1 лажиче путер од кикирики

Пред да ги пробате, задолжително оставете ги во фрижидер да се стврднат. Инаку, целиот рецепт и начинот на подготовка го имате во рецептот подолу а можете да го погледнете и видеото во reels кај мене на инстаграм.

По желба, можете да им ставите и растопено чоколадо или (како во мојот случај) од мојот чоколаден сос.

Чашки со путер од кикирики
Доколку сакаш малку поздрав десерт што нема додаден шеќер а ти дава многу енергија, тогаш дефинитивно треба да ги пробаш овие чашки со путер од кикирики. Те охрабрувам, бидејќи се многу вкусни и се прават навистина лесно и брзо (и забавно). Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🥜 Чашки со путер од кикирики 🥜 Read More »

🥜 Барови со Ориз и Путер од Кикирики 🥜

барови со ориз и путер од кикирики

Носталгија од детството со овие барови со ориз и путер од кикирики. Океј, овие барови не се баш исти како чоколадото со ориз „од наше време“ ама овој се прават ептен лесно и се мноооооогу вкусни! Плус, ви требаат само 4 состојки – ако не ја броиме цврстата волја што ќе ви биде потребна за да не ги изедете сите!

Ова е инаку еден од оние рецепти кога многу ти се јаде благо, од една страна, не сакаш да јадеш нешто нездраво а од друга страна не ти се поминува долго време во кујна.

Среќа за овие барови од ориз и путер од кикирики потребни се буквално 5 минути да се направат и отприлика 30тина за да се зацврстат. Мојот избор за путер од кикирики веќе го знаете: @crux.mk затоа што буквално НЕМА подобар путер од кикирики!

Како да си ги направите овие барови со ориз и путер од кикирики

Многу лесно и во само седум чекори! Целата постапка ја имате во рецептот долу, но чекорите се толку лесни и едноставни, сигурна сум дека без проблем ќе ги запамтите:

🥜 Чекор 1: Стопете го путерот од кикиритки и сирупот.
🍚 Чекор 2: Додадете го оризот.
🥣 Чекор 3: Убаво измешајте.
🥮 Чекор 4: Истурете во калап обложен хартија за печење.
🥶 Чекор 5: Замрзнете.
🍫 Чекор 6: Стопете го чоколадото со малку кокосово масло.
🍩 Чекор 7: Истурете го врз замрзнатиот ориз.

🥶 Повторете го Чекор 5!

Последниве три чекори не спаѓаат во подготовката:
1. Сечете. 2. Јадете. 3. Повторете. 🤤🤤🤤

барови со ориз и путер од кикирики
barovi so oriz i puter od kikiriki

Брзи, лесни, едноставни и (релативно) поздрави

Океј, да бидеме реални ова не е најздравиот десерт што можете да го најдете на мојот сајт. Сепак, путерот од кикирики изобилува со масти (ако здрави) но треба да бидете внимателни со количината.

Инаку, од оваа доза мене ми излегоа 7 големи, односно 14 мали барчиња. Вие можете да ги направите во големината што вам ви одговара, но тоа секако ќе ја примени калориската вредност засметана на крајот од овој пост.

Доколку си љубител на брзи и лесни десерти, тогаш дефинитивно треба да ги направиш овие барови со ориз и путер од кикирики! Те охрабрувам, пред се, затоа што се МНОГУ вкусни. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🥜 Барови со Ориз и Путер од Кикирики 🥜 Read More »

🍘 Просо Барови за Бојана 🍘

просо барови за бојана - Хедер
Просо Барови

Другарка ми Бојана, ме замоли да и направам просо барови што нема да имаат кокосово масло. Пробала некаде некои барови што и се допаднале па ме предизвика да направам нешто што ќе и се допадне и што ќе може лесно да си го прави дома. А на такви предизвици особено се радувам. Е сега, ја чекам да ми остави коментар дали предизвикот е успешен 😎

Просото е здраво. Многу.

Просо секогаш имам дома, но најчесто го употребувам како додаток во манџи од типот на леќа, грашок или боранија. Причината – комбинирањето на просо со останатите мешунки создава високо сварлив, целосен протеин, преполн со нутриенти. Па, доколку не употребувате просо во вашите готвени јадења, еве ви причина да почнете!

Но, во десерт не знам зошто не ми текнало да го направам, што признавам, ми било голема грешка. Овие просо барови ги правам прв пат – но дефинитивно не и последен. Всушност, мислам дека ќе пробувам уште многу варијации на темата просо барови!

💪🏻 Просото е одличен извор на протеини, влакна, како и многу витамини и минерали како на пример: Витамин А, Витамин Б, Фосфор, Калиум, Калциум, Железо;
🌱 Обезбедува повеќе есенцијални амино киселини од повеќето други житарки;
👌🏻 Преполно е со антиоксиданси;
🍡 Има низок гликемиски индекс, што значи дека не го зголемува нивото на шеќер во крвта;
🩸 Богато е со влакна и нескробни полисахариди, два вида несварливи јаглехидрати кои помагаат во контролата на нивото на шеќер во крвта;
🍽 Содржи растворливи влакна, кои произведуваат вискозна супстанција во цревата. За возврат, ова ги заробува мастите и помага да се намали нивото на холестерол;
🍚 Просото е зрно без глутен, што го прави остварлив избор за луѓето со целијачна болест или оние кои следат диета без глутен;
👨🏻‍🍳 Богато е со ниацин, што му помага на вашето тело да управува со повеќе од 400 ензимски реакции;
🍛 Богато е со диететски влакна (и растворливи и нерастворливи). Нерастворливите влакна во просото се познати како „пребиотик“, што значи дека ги поддржуваат добрите бактерии во вашиот дигестивен систем;

За појадок, за ужина, за десерт, за енергија

Да, овие барови се супер здрава опција со чај и овошје за појадок. Одлични се за ужина додека сте во движење. Супер избор се за десерт, но, даваат и супер количина на енергија, па можете да изедете едно пред вежбање. Сепак, обидете се да не изедете повеќе од 2 во текот на денот, бидејќи, сепак, семките се доста калорични.

Комбинацијата на состојките освен што е супер здрава е многу вкусна и ги задоволува потребите за благо.

Дефинитивно овие просо барови имаат потенцијал да станат вашиот омилен крцкав десерт и да ги заменат сите купечки гранола-барови и спакувани „здрави“ слатки. Но, мислам дека нема потреба повеќе да објаснувам. Мислам дека ова доволно да ве убеди да си ги направите уште веднаш, бидејќи и подготовката им е ултра-лесна.

proso barovi
Доколку сакаш здрава, вкусна и крцкава ужина, еве ти прилика да ги направиш моите просо барови. Те охрабрувам, бидејќи се многу вкусни и се прават навистина лесно и брзо. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🍘 Просо Барови за Бојана 🍘 Read More »

🍫 Најлесните чоколадни барчиња 🍫

најлесните чоколадни барчиња - Хедер

Овие барчиња се дефинитивно најлесните чоколадни барчиња на светот! Кога прв пат ги направив, ги објавив само во хајлајтс, и мислам дека не ја добија славата што ја заслужуваат. Па, неодамна ги објавив и со видео сакајки да покажам колку навистина брзо и лесно се прават. За жал, за „fudge“ нема соодветен македонски збор а овој десерт е токму тоа! Меко, чоколадно и многу вкусно колаче со само 6 состојки. Се прави буквално за 5 минути, во еден сад, без неред во кујна и без комплицирани чекори. Едноставно ги мешате сите состојки заедно!

6 добри состојки

Мислам дека сите ќе се сложиме, доколку имате портреба од нешто благо, добро е да знаете од какви состојки е направено. Но, уште подобро е, доколку знаете дека сите состојки се добри за вас. Епа, баш такви се најлесните чоколадни барчиња. Само 6 состојки – сите добри за вас. Ќе знаете какви нутритиенти сте внеле и ќе бидете сигурни дека не внесувате празни калории.

Најлесните чоколадни барчиња
Најлесните чоколадни барчиња

Урми и Сируп од урми

Освен што се одличен придоден засладувач или „бонбони од природата“, урмите се богати со калиум, магнезиум, бакар, манган, железо, витамин Б6, и диететски влакна. Сето ова ги прави погодни за многу состојби и заболувања, како што е констипацијата и контролата на шеќерот во крвта. Содржат неколку видови на антиоксиданси што можат да помогнат во спречување на одредени хронични заболувања, како што се срцеви заболувања, рак, Алцхајмерова болест и дијабетес. Урмите, исто така може да го поттикнат и олеснат природното породување кај бремените жени, доколку се консумираат во последните неколку недели од бременоста.

Какао

Какаото содржи полифеноли, антиоксиданси кои помагаат за подобрување на нивото на холестерол и шеќер во крвта и го намалуваат ризикот од срцеви заболувања. Богато е со теобромин, којшто помага да се намали инфламацијата и може да има заштитни дејства од болести како дијабетес, срцеви заболувања, рак. Бидејќи какаото е богато со фитонутриенти, но има малку масти и шеќер, калориите што ќе ги добиете, ќе бидат преполни со здрави материи. Какаото исто така, го зголемува чувството на ситост. Со други зборови, иако чоколадото вообичаено се поврзува со зголемување на телесната тежина, какаото во прав всушност може да помогне да се намали телесната тежина, обезбедувајќи важни хранливи материи.

Путер од кикирики

Уште една многу моќна состојка! Кикириките и путерот од кикирики содржат хранливи материи што можат да го зајакнат здравјето на срцето и да го подобрат нивото на шеќер во крвта. Путерот од кикирики обезбедува добра количина на растителни протеини. Исто така, содржи есенцијални витамини и минерали, како што се магнезиум, калиум, ниацин, витамин Е и цинк. Но, содржи и хранливи материи што можат да го подобрат здравјето на срцето, вклучувајќи: мононезаситени масни киселини (MUFAs) и полинезаситени масни киселини (PUFAs). Путерот од кикирики е храна со релативно малку јаглени хидрати што содржи добри количини на масти и протеини, и влакна. Ова значи дека путерот од кикирики, (без додаден шеќер), нема значително влијание врз нивото на гликоза во крвта, што го прави погоден за лицата со дијабетес.

Кокосово малсо

Кокосовото масло е богат извор на триглицериди (од среден ланец), вид на заситени масти. Овие масти можат да го забрзаат согорувањето на калориите, а со тоа можат да помогнат во губењето на тежината. Овие триглицериди се и брз извор на енергија што телото го апсорбира и користи побрзо од другите видови заситени масти. Кокосовото масло помага во хидрирање вашата кожа и во подобрување на заштитната функцијана кожата. Исто така, може да помогне во зајакнувањето на косата (ја зголемува флексибилноста и го намалува кршењето на влакната).

Доколку се уште го немаш пробано и направено најлесните чоколадни барчиња, не ја пропуштај оваа прилика. Те охрабрувам, бидејќи ова сочно и меко колаќе е навистина вкусно и се прави за буквално 5 минути. Доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija 

🍫 Најлесните чоколадни барчиња 🍫 Read More »

🍮 Најлесното трослојно колаче од урми 🍮

трослојно колаче од урми хедер

Кога сакате нешто МНОГУ благо а да нема преработени шеќери, ова брзинско трослојно колаче од урми е совршено за вас. Има само 6 состојки и се прави многу лесно. Од оваа количина ми излегоа 15 парчиња, ама моја препорака е да сечете помали парчиња и да добиете 30 затоа што, верувајте многу е благо. Практично ова е вистинска калориска бомба!

Се чини дека веднаш штом го објавив на мојот инстаграм профил, ова најлесно трослојно колаче од урми стана еден од омилените и најзачувувани десерти. А на мое големо задоволство, добив и добар фидбек од многумина што веднаш го направија и пробаа.

Карамел од урми

Инаку карамелот од урми ми е еден од најчесто употребуваните додатоци во рецепти (не е исто со сируп од урми) и за него решив да посветам целосен пост. Причината е следна: стои долго во фрижидер, може сам по себе да е десерт или пак да биде дел од други десерти. Јас ги практикувам и двете опции.

трослојно колаче од урми

Последно предупредување

Да, ова е навистина последно предупредуање: внимавајте на изедената количина од ова трослојно колаче од урми 😀

Зошто е толку вкусно? Затоа што првиот слој е комбинација од ореви, какао и урми. Вториот слој е комбинација од бадеми, ванила и урми. Третиот слој е карамел. И сосем за крај прелив од црно чоколадо.

Одлично оди со кафе и чај и доколку сте внимателни и имате силен карактер за да не подлегнете на вкусот и ако не дозволите вкусот комплетно да ве обземе, стои долго и во фрижидер. 😆 Со среќа!

Доколку се уште го немаш пробано и направено најлесното трослојно колаче од урми, еве совршена прилика. Те охрабрувам, бидејќи е навистина вкусно и многу, многу благо. Доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija 

🍮 Најлесното трослојно колаче од урми 🍮 Read More »