Овие твикс барови ми се едни од 4-те омилени чоколадни десерти, заедно со Баунти, Сникерс и Марс (уште не ми е објавен, ама ќе биде наскоро). За разлика од вистинските чоколади коишто се процесирани и преполни со шеќери, моите се релативно поздрави, од целосни состојки и со контролирана количина на природен шеќер. 😍
Признавам, можеби фоткиве не се најубавите фотки од твикс барови, но затоа, вкусот компензира за тоа!
За постов, сакав да се видат сите слоеви, па тешко ми беше да го исечам стврднатото чоколадо, но вообичаено цели ги поливам со чиколадо и тогаш немам проблем со сечење 😆
Во секој случај, како и да решите да ги направите, нема да погрешите, бидејќи се навистина совршени кога имате потреба од благо.
Совршениот карамел за совршените твикс барови
Карамелот е навистина совршен и од само 3 состојки (без прегорен шеќер, нормално). Да се разбереме, не велам дека не е калоричен и дека треба да го изедете цел наеднаш, но велам дека освен што има природен шеќер од урмите, има и протеин и здрави масти од путерот од кикирики и диететски влакна. Значи не внесувате само празни калории. А дека ќе ве заблажи, е тоа ви гарантирам!
Инаку, овие твикс барови се прават навистина многу лесно. Вообичаено карамелот го правам само со урми и вода, но овој пат урмите ги киснев во топло млеко и има разлика! Доколку сакате да намалите калории, слободно можете млекото да го замените со вода. Целата постапка ја имате подолу во постот а кај мене на инстаграм во reels имате и кратко видео.
Зошто да ги направите уште денес?
Инаку, од нутриционистички аспкт, мора да ги направите затоа што се МНОГУ ВКУСНИ! Да бидеме реални, не мора во секое залче да бараме научни и нутриционистички причини зошто да го изедеме. Иако за овие твикс барови има: содржат антиоксиданси, протеини, здрави масти… сепак доволна причина е тоа што се малку подобра опција од кој било купечки десерт, бидејќи не содржат процесирани состојќи, преработен шеќер, емулгатори и останати додатоци што не можеме да ги прочитаме. Ете така, мојот совет е овој, а останатото е на вас!
Доколку и ти како мене си љубител на Твикс, тогаш овие твикс барови се десертот шо мораш да си го направиш. Те охрабрувам, бидејќи се навистина вкусни и се прават многу лесно. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.
🍫 Здрави Твикс Барови 🍫
Состојки
Основа
- 1 шоља Бадемово брашно или ситно мелени бадеми
- ½ шоља Овесно брашно мелени овесни снегулки
- 1 с.л. Ванила екстракт
- 3 с.л. Кокосово масло растопено и малку оладено
- 2 с.л. Јаворов сируп или течен засладувач со 0 калории
Карамел
- 6 свежи урми
- ⅓ шоља Овесно млеко топло
- 3 с.л. Путер од кикирики
Чоко прелив
- 100 гр. Црно чоколадо
- 1 с.л. Кокосово масло
Инструкции
- Во подлабок сад ставете ги сите состојки за базата и убаво мешајте за да се соедини во тесто.
- Тестото натапкајте го во калап или тавче и ставете го во замрзнувач да се стегне.
- Загрејте го овесното млеко и ставете ги урмите да киснат во млекото 10тина минути.
- Потоа додадете го путерот од кикирики и изблендајте додека да добиете густ карамел.
- Истурете го карамелот врз базата и премачкајте во еднаков слој. Вратете во замрзнувач да се стегне.
- Црното чоколадо растопете го со кокосово масло и прелијте врз карамелот.
- За да ви биде полесно сечењето, препорачувам прво да ги исечете па потоа да ги прелиете со чоколадо, бидејќи карамелот е мек а чоколадото ќе се стврдне, па малце ќе ви се распаднат како на мене.
- Откако ќе полиете со чоколадо, ставете во фрижидер да се стегне и уживајте!
Вкупно парчиња: 12
(препорачана порција: 1 парче)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 153,87 kcal
Протеини: 3,65 гр.
Јаглехидрати: 9,79 гр.
Масти: 10,6гр.
Влакна: 2,06 гр.
* Јас користам кујнска вага, ви препорачувам да набавите, многу е корисна ** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка
‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .