Чоколадо со сусам и таан, или брз десерт што не одзема време ниту бара особени вештини за подготовка. Ги заситува потребите за благо и е поздрава варијанта од купечко чоколадо, бидејќи нема додаден шеќер. Секако, доколку црното чоколадо ви е премногу горко, можете да додадете малку засладувач.
Моќни коцки, одлични за здравјето
Сусамот е одличен извор на здрави масти, диететски влакна, растителни протеини, витамини од групата Б, минерали, антиоксиданси и други корисни растителни соединенија. Редовната консумација на сусам може да помогне во контролата на шеќерот во крвта, да го намали холестеролот и болката од артритис. Исто така, консумирањето на сусам, може да го подобри целокупниот имунитет, да ја намали инфламацијата и холестеролот и триглицеридите.


Сусамот се верува дека може да помогне во урамнотежување на хормоните за време на менопауза, како и да го подобри здравјето на тироидната жлезда но и на коските.
Дополнително, црното чоколадо е богато со минерали, како железо, магнезиум и цинк. Содржи и антиоксиданси наречени флавоноиди, коишто имаат повеќе здравствени придобивки.
Се на се, ова чоколадо со сусам и таан е одличен десерт што може и треба да си го вметнете во исхраната (секако, во модерирани количини).
Како го направите ова чоколадо со сусам и таан
За отприлика 5 минути (можеби и помалце) во еден сад и без премногу размислување. Целиот рецепт и начинот на подготовка го има објаснето подолу во овој пост а имате и кратко видео кај мене на инстаграм во reels.



Доколку ви се допадна ова чоколадо со сусам и таан…
Тогаш, ве потсетувам на уште неколку постари (но превкусни) рецепти со сусам и таан. Пробајте ги, нема да погрешите:
1️⃣ Слатко-горки бомбици со таан
2️⃣ Љубовни колачиња со таан
3️⃣ Бисквити со таан и сусам
4️⃣ Таан карамел барови
5️⃣ Гранола со таан
6️⃣ Паста со леќа и таан
✨ Чекам да направите нешто и да ми го пишете вашиот фаворит!

Доколку си љубител на чоколадо, но сакаш поздрава домашна верзија, тогаш дефинитивно треба да го направиш ова чоколадо со сусам и таан. Се прави за 5 минути и е многу вкусно и супер здраво. Доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави мо коменар под овој пост.
🍫 Чоколадо со сусам и таан 🍫
Состојки
- ½ шоља Сусам тостиран на тавче
- 2 с.л. Семе коноп (излупено) опционално
- 1 с.л. Јаворов сируп или засладувач по желба, опционално
- 3 с.л. Таан
- 200 гр Црно чоколадо
- 1 с.л. Кокосово масло растопено, за топење на чоколадото
Инструкции
- Истостирајте го сусамот минута-две на тавче додека да добие златна боја.
- (Опционално) Доколку користите семе од коноп, додадете го во сусамот.
- Истостираниот сусам ставете во подлабок сад.
- Растопете го чоколадото со кокосовото масло.
- Таанот додадете го во растопеното чоколадо и убаво промешајте. Потоа, смесата од чоколадо и таан истурете ја во садот со сусамот и убаво промешајте.
- (Опционално) Додадете јатки по желба (јас користев пекан ореви) и убаво промешајте.
- Истурете ја смесата во силиконски калап или тавче за леб обложено со хартија за печење и ставете во фрижидер да се стврдне отприлика 30тина минути.
Вкупно парчиња: 20 коцки
(препорачана порција: 2 коцки)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 194,8 kcal.
Протеини: 3,41 гр.
Јаглехидрати: 8,12 гр.
Масти: 15,36 гр.
Влакна: 3,68 гр.
* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. ** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка *** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка
‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .