Marija Marija Marija

🫘 Најздравиот брз десерт 🫘

Без преувеличување – ова е најздравиот брз десерт што дефинитивно можете (и треба) да си го направите. Има вкупно 5 состојки + црно чоколадо што е опционално, но секако, препопрачливо. Затоа што – животот нема смисла без црно чоколадо, нели?

Инаку, ова меко и сочно колаче е природно засладено само со урми, додека останатите состојки се 3 од 6-те најздрави семиња што треба да ги консумирате.

Семки од тиква

освен што се одличен извор на растителен протеин, семките од тиква се богати со витамини и минерали како манган и витамин К, коишто играат важна улога во процесот на заздравување на раните. Исто така содржат цинк, минерал кој му помага на имунолошкиот систем да се бори против бактериите и вирусите. Семките од тиква се исто така одличен извор на: Фосфор, Магнезиум, Железо, Калиум, Бакар. Во една шоља семки од тиква има 285 калории, 12 гр. протеини, 36 гр. јаглехидрати, 12 гр. диететски влакна и 12 гр. масти.

Најздравиот брз десерт

Семки сончоглед

Семките од сончоглед, освен што се многу вкусни, се и многу здрави. Придонесуваат во намалување на ризикот од развој на болести како висок крвен притисок или срцеви заболувања. Содржат хранливи материи што го подобруваат имунолошкиот систем и го зголемуваат нивото на енергија. Генерално, семките сончоглед можат да помогнат во намалување на воспалението, подобрување на здравјето на срцето, поддршка на имунолошкиот систем, зголемување на нивото на енергија. Исто така, се и одличен извор на: Витамин Е Витамин Б1 Витамин Б6 Железо Бакар Селен Манган Цинк Калиум.

Ленено семе

Доколку ја читате содржината на мојот сајт или пак доколку го следите мојот инстаграм профил, веќе знаете дека ленено семе користам многу често. И за тоа, имам неколку причини.

najzdraviot brz desert

Лененото семе значително го подобрува здравјето на дигестивниот систем, а може да помогне и при ублажување на констипацијата. Може да помогне и во намалување на вкупниот холестерол во крвта и нивото на липопротеини со ниска густина (ЛДЛ, или „лош“), што може да помогне и придонесе во намалување на ризикот од срцеви заболувања.

Јас од ленено семе правам сешто – пудинг за појадок, лепче, тако тортиљи, го ставам во крекери но и како замена за јајце во многу други рецепти.

Инаку, здравствените придобивки од лененото семе произлегуваат од фактот дека изобилува со влакна и омега-3 масни киселини, како и фитохемикалии наречени лигнани. Една лажица (7 грама) мелено ленено семе содржи 2 грама полинезаситени масни киселини (вклучува омега 3), 2 грама диетални влакна и 37 калории.

И тоа се состојките на најздравиот брз десерт (што можеби требаше да го крстам барови со семки, но ми текна откако го напишав цел текст) 😆

Го заслужува името најздравиот брз десерт

Сега, кога ги имате сите овие информации, мислам дека може да се сложите дека ова е еден од најздравите десерти што можете да ги приготвите. Се прави во процесор за храна, брзо и едноставно и стои во фрижидер неколку денови. Повеќе убедување не ви треба, нели? Чекам коментари! Целиот рецепт го имате во рецептот подолу, а начинот на подготовка во кратко видео кај мене во reels на инстаграм.

Доколку сакаш брз и здрав десерт, тогаш ова е дефинитивно знакот да го направиш најздравиот брз десерт. Освен што се прави лесно, МНОГУ е здраво е и навистина превкусно! Доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🫘 Најздравиот брз десерт 🫘

Време на подготовка5 minutes
Ладење30 minutes
Вкупно време35 minutes
Автор: Марија Марија Марија

Oпрема

  • бландер / процесор за храна

Состојки

  • 1 шоља Семки од тиква накиснети во вода
  • ¼ шоља Ленено семе
  • ½ шоља Семки од сончоглед
  • 10 Урми накиснети во врела вода 10 мин и убаво исцедени
  • ¼ шоља Сок од црвен грејпфрут
  • 70 gr. Црно чоколадо или чопколадни капки
  • 1 к.л. Кокосово масло за топење на чоколадото

Инструкции

  • Во блендер или процесор за храна ставете го лененото семе и сончогледот и сомелете ги.
  • Додадете ги урмите, сокот од цитрон и накиснетите (исцедени) семки од тиква и изблендајте.
  • Смесата ставете ја во тавче за печење обложено со хартија за печење и ставете во фрижидер да се стврдне.
  • Растопете го чоколадото, полијте го колачето и вратете во фрижидер уште малку да се стврдне чоколадото.

Вкупно парчиња: 18
(препорачана порција: 2 коцки)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 160 Kcal
Протеини: 4,1 гр.
Јаглехидрати: 18 гр.
Масти: 2,5 гр.
Влакна: 4,4 гр.

* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи.  
** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка 
*** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка 

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .