Marija Marija Marija

🍘 Просо Барови за Бојана 🍘

просо барови за бојана - Хедер
Просо Барови

Другарка ми Бојана, ме замоли да и направам просо барови што нема да имаат кокосово масло. Пробала некаде некои барови што и се допаднале па ме предизвика да направам нешто што ќе и се допадне и што ќе може лесно да си го прави дома. А на такви предизвици особено се радувам. Е сега, ја чекам да ми остави коментар дали предизвикот е успешен 😎

Просото е здраво. Многу.

Просо секогаш имам дома, но најчесто го употребувам како додаток во манџи од типот на леќа, грашок или боранија. Причината – комбинирањето на просо со останатите мешунки создава високо сварлив, целосен протеин, преполн со нутриенти. Па, доколку не употребувате просо во вашите готвени јадења, еве ви причина да почнете!

Но, во десерт не знам зошто не ми текнало да го направам, што признавам, ми било голема грешка. Овие просо барови ги правам прв пат – но дефинитивно не и последен. Всушност, мислам дека ќе пробувам уште многу варијации на темата просо барови!

💪🏻 Просото е одличен извор на протеини, влакна, како и многу витамини и минерали како на пример: Витамин А, Витамин Б, Фосфор, Калиум, Калциум, Железо;
🌱 Обезбедува повеќе есенцијални амино киселини од повеќето други житарки;
👌🏻 Преполно е со антиоксиданси;
🍡 Има низок гликемиски индекс, што значи дека не го зголемува нивото на шеќер во крвта;
🩸 Богато е со влакна и нескробни полисахариди, два вида несварливи јаглехидрати кои помагаат во контролата на нивото на шеќер во крвта;
🍽 Содржи растворливи влакна, кои произведуваат вискозна супстанција во цревата. За возврат, ова ги заробува мастите и помага да се намали нивото на холестерол;
🍚 Просото е зрно без глутен, што го прави остварлив избор за луѓето со целијачна болест или оние кои следат диета без глутен;
👨🏻‍🍳 Богато е со ниацин, што му помага на вашето тело да управува со повеќе од 400 ензимски реакции;
🍛 Богато е со диететски влакна (и растворливи и нерастворливи). Нерастворливите влакна во просото се познати како „пребиотик“, што значи дека ги поддржуваат добрите бактерии во вашиот дигестивен систем;

За појадок, за ужина, за десерт, за енергија

Да, овие барови се супер здрава опција со чај и овошје за појадок. Одлични се за ужина додека сте во движење. Супер избор се за десерт, но, даваат и супер количина на енергија, па можете да изедете едно пред вежбање. Сепак, обидете се да не изедете повеќе од 2 во текот на денот, бидејќи, сепак, семките се доста калорични.

Комбинацијата на состојките освен што е супер здрава е многу вкусна и ги задоволува потребите за благо.

Дефинитивно овие просо барови имаат потенцијал да станат вашиот омилен крцкав десерт и да ги заменат сите купечки гранола-барови и спакувани „здрави“ слатки. Но, мислам дека нема потреба повеќе да објаснувам. Мислам дека ова доволно да ве убеди да си ги направите уште веднаш, бидејќи и подготовката им е ултра-лесна.

proso barovi
Доколку сакаш здрава, вкусна и крцкава ужина, еве ти прилика да ги направиш моите просо барови. Те охрабрувам, бидејќи се многу вкусни и се прават навистина лесно и брзо. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🍘 Просо барови за Бојана 🍘

Време на подготовка12 minutes
Време на готвење10 minutes
Вкупно време22 minutes

Oпрема

  • тавче за печење
  • хартија за печење
  • длабок сад за мешање

Состојки

  • 1 шоља просо исплакнето и тостирано во рерна, 7 минути
  • ½ шоља бадеми тостирани во рерна, 7 минути
  • ½ шоља семки тиква тостирани во рерна, 7 минути
  • ½ шоља семки сончоглед тостирани во рерна, 7 минути
  • 1 шоља сусам тостиран во рерна, 7 минути
  • 8 големи свежи урми, ситно исецкани ако се суви, треба малце да се накиснат во вода
  • ½ шоља сува брусница (без шеќер)
  • 2 с.л. сируп од урми за помала блажина можете и само 1
  • 3 с.л. путер од кикирики или путер од јатки по ваша желба

Инструкции

  • Загрејте ја рерната на 170 степени.
  • На едно тавче обложено со хартија за печење истурете го исплакнатото и исцедено просо и убаво распоредете го. Ставете го во рерна и тостирајте го 10-12 минути.
  • Во меѓувреме, обложете уште едно тавче за печење со хартија за печење и тука истурете го сусамот, семките од тиква и сончоглед и бадемите. Тостирајте ги 7-8 минути.
  • Додека семките и просото се печат, во длабок сад за мешање истурете ја брусницата, путерот од кикирики и сирупот од урми.
  • Урмите (препорачливо да се свежи и сочни – доколку не се, накиснете ги малку во врела вода за да омекнат) ситно исецкајте ги. Треба да станат паста кога ќе ги мешате состојките.
  • Додадете ги урмите во садот. А откако ќе се истостираат, додадете ги и просото и семките.
  • Бадемите можете да ги додадете цели или подобро да ги исецкате во сецко за да бидат на помали парчиња.
  • Измешајте ги убави сите состојки. Урмите треба да станат како паста и смесата да биде леплива и добро да се соедини. Бидете упорни и трпеливи во мешањето.
  • Обложете тавче за печење со хартија за печење и овде истурете ја смесата. Убаво натапкајте ја за да биде рамна.
  • Ставете во ладилник да се стегне. Мене ми стоеше преку ноќ, но и некој час е доволно.
  • Исечете на барови и послужете. Мене ми излегоа 25 барчиња од оваа количина.

Вкупно парчиња: 25 парчиња
(препорачана порција: 2 барчиња)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 289,6 kcal.
Протеини: 7,82 гр.
Јаглехидрати: 31 гр.
Масти: 14,16 гр.
Влакна: 5,06 гр.

* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. 
** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка
*** к.л = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .

2 thoughts on “🍘 Просо Барови за Бојана 🍘”

  1. Другарка ти не може да коментира, полна и е устата 😂 ВРВ!

    1. а така! ова го рачунам како одобрување 🤣 на здравје 🥰

Comments are closed.