Кога сакате нешто МНОГУ благо а да нема преработени шеќери, ова брзинско трослојно колаче од урми е совршено за вас. Има само 6 состојки и се прави многу лесно. Од оваа количина ми излегоа 15 парчиња, ама моја препорака е да сечете помали парчиња и да добиете 30 затоа што, верувајте многу е благо. Практично ова е вистинска калориска бомба!
Се чини дека веднаш штом го објавив на мојот инстаграм профил, ова најлесно трослојно колаче од урми стана еден од омилените и најзачувувани десерти. А на мое големо задоволство, добив и добар фидбек од многумина што веднаш го направија и пробаа.
Карамел од урми
Инаку карамелот од урми ми е еден од најчесто употребуваните додатоци во рецепти (не е исто со сируп од урми) и за него решив да посветам целосен пост. Причината е следна: стои долго во фрижидер, може сам по себе да е десерт или пак да биде дел од други десерти. Јас ги практикувам и двете опции.
Последно предупредување
Да, ова е навистина последно предупредуање: внимавајте на изедената количина од ова трослојно колаче од урми 😀
Зошто е толку вкусно? Затоа што првиот слој е комбинација од ореви, какао и урми. Вториот слој е комбинација од бадеми, ванила и урми. Третиот слој е карамел. И сосем за крај прелив од црно чоколадо.
Одлично оди со кафе и чај и доколку сте внимателни и имате силен карактер за да не подлегнете на вкусот и ако не дозволите вкусот комплетно да ве обземе, стои долго и во фрижидер. 😆 Со среќа!
Доколку се уште го немаш пробано и направено најлесното трослојно колаче од урми, еве совршена прилика. Те охрабрувам, бидејќи е навистина вкусно и многу, многу благо. Доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija
🍮 Најлесното трослојно колаче од урми 🍮
Oпрема
- блендер или процесор за храна
- тавче
Состојки
Прв слој
- 1 шоља ореви сомелени
- 12 урми без семка полиени со врела вода
- ½ шоља какао
Втор слој
- 1 шоља бадеми сомелени
- 12 урми без семка полиени со врела вода
- 1 с.л. ванила екстракт
Трет слој – Карамел
- 12 урми без семка полиени со врела вода
- 1 с.л. ванила екстракт
- 1 с.л. вода
- Растопено црно чоколадо (за прелив)
Инструкции
- Исцедете ги накиснатите урми и изблендајте ги.
- Додадете ги сомелените ореви и какаото и блендајте се заедно. Ова е смесата за првиот слој – натапкајте ја во тавче и ставете ја во фрижидер додека го подготвувате вториот слој.
- Исцедете ги накиснатите урми и изблендајте ги.
- Додадете ги сомелените бадеми и ванилата и блендајте заедно. Ова ви е вториот слој – натапкајте го врз првиот и вратете во фрижидер.
- Карамелот е веќе познат – ги цедите урмите и ги блендате со 1 лажица вода и 1 лажица ванила додека да добиете мека карамел смеса.
- Ставете го карамел слојот врз колачето и ставете во фрижидер да се стегне.
- На крај полијте со малку црно чоколадо и оставете го во фрижидер за убаво да се стегне.
- Исечете, послушете и внимавајте на количината!
Вкупно парчиња: 15
(препорачана порција: 1 парчe)
Нутритивни вредности од порција:
Калории:
Протеини:
Јаглехидрати:
Масти:
Влакна:
* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. ** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка *** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка
‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .
[Поврзано] Највкусните чоколадни бомбици со бадеми & портокал