Marija Marija Marija

🍫 Барови од Амарант и Киноа 🍫

Барови од амарант и киноа - Хедер

Од Инките, Маите и Ацтеките до лесен и здрав десерт

Овие барови од амарант и киноа ги правам години наназад, бидејќи се прават лесно, многу се здрави и вкусни и немаат никаков додаден шеќер. Инаку, киноата и амарантот, наспроти популарното мислење дека се „модерни супер-храни“ всушност се семиња со долга древна историја. Еве и зошто. Амарантот бил една од основните храни во древните цивилизации на Инките, маите и Ацтеките. Инаку, самото име потекнува од грчкиот збор „амарантос“, што значи „оној што не вене“, а цветот амарант се сметал за симбол на бесмртноста во Античка Грција.

Всушност амарантот е група од повеќе од 60 различни видови зрна кои се одгледуваат околу 8.000 години. Се класифицира како „псевдожитарка“, што значи дека технички не е зрно од житарки како пченица или овес, но содржи сличен сет на хранливи материи и се користи на слични начини.

Нема глутен, богат е со диететски влакна, железо, манган, магнезиум и фосфор и ги содржи сите есенцијални аминокиселини што го прави комплетен протеин. Содржи антиоксиданси, ја намалува инфламацијата, го намалува нивото на холестерол и може да помогне во процесот на губење на тежината.

Сето ова го прави амарантот житарка којашто треба да ја консумираме често пред се поради придобивките а и поради тоа што сеподготвува лесно и едноставно.

Амарант vs. Киноа

Киноата датира отприлика од сличен период во историјата како амарантот. За киноата се верува дека првпат била одгледувана пред околу 5.000 години на езерото Титикака на границата со Боливија и Перу. Инките го прогласиле ова семе за свето, нарекувајќи го како „мајка на сите житарки“. Традиционално, царот на Инките би бил тој што ќе го посее првото семе од сезоната користејќи „златни орудија“. И историски и нутритивно овие две „псевдожитарки“ што всушност се семиња, имаат многу сличен профил.

КалорииПротеиниМастиЈаглехидратиВлакнаЖелезоМагнезиумКалиум
Амарант1023,8 гр.1,6 гр.16,6 гр.2,1 гр.2,1 мг.65 мг.135 мг.
Киноа1204,4 гр.1,9 гр.18,5 гр.2,8 гр.1,49 мг.64 мг.172 мг.
* на 100 гр зготвени

Амарантот има помалку калории, јаглехидрати и масти на 100 гр, (што е супер доколку треба да сте во калориски дефицит). Исто така, содржи поголема количина на железо што е од витално значење за производството на црвени крвни зрнца кои помагаат во пренесувањето на кислородот низ телото. Киноата, пак, обезбедува малку повеќе протеини на 100 грама, но е покалорична. Содржината на влакна може да помогне да се чувствувате сити подолго и за среќа двете житарки содржат приближна количина на диететски влакна.

Како да ги направите моите барови од амарант и киноа?

Убаво погодивте – ЛЕСНО! 🤣 Нели, како и сите мои десерти (и останати јадења) така и овие барови од амарант и киноа се прават за 10-тина минути. Најмногу време одзема пукањето на амарантот (но, можете да си го испукате од вечер). А сепак, најдолго време ќе ви помине во чекање да се стврднат за да можете да ги пробате. Житарките, во комбинација со антиоксидансите од какаото и црното чоколадо (доколку користите) и здравите масти од путерот од јатки, ем ќе го израдуваат вашиот организам ем ќе ви ги задоволат потребите за благо, без притоа да имате грижа на совест (сепак, не ги јадете сите одеднаш 🤣🤣).

Доколку сакате да се задржите само на семиња (да не употребите јатки) можете путерот од јатки да го замените со путер од сончоглед или путер од тиква (се прават подеднакво лесно како и путерите од јатки).

Барови од Амарант и Киноа

Засладувач не ви треба и мојот совет е да не употребите. Аромата на ванила можете да ја замените со арома од бадем или рум за да добиете малку „појак“ шмек, или комплетно да ја изоствите.

Крцкави и суптилно слатки, овие барови од амарант и киноа можат да бидат вашата ужина или десерт а дури можете да ги здробите во јогуртот за појадок (доколку немате гранола.). Целиот рецепт и начинот на подготовка е подолу во овој пост, а кратко видео имате и кај мене на инстаграм во reels.

Доколку сакаш здрав, вкусен и крцкав десерт или ужина, еве ти прилика да ги направиш барови од амарант и киноа. Те охрабрувам, бидејќи се многу вкусни и се прават навистина лесно и брзо. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🍫 Барови од Амарант и Киноа 🍫

Време на подготовка5 minutes
Време на готвење10 minutes
Вкупно време15 minutes
Автор: Марија Марија Марија

Состојки

  • ½ шоља Амарант сув, тостиран
  • ½ шоља Киноа сува, тостирана
  • шоља Путер од кикирики или бадем или јатки/смеки по желба
  • ¼ шоља Кокосово масло растопено
  • 1 к.л. Ванила екстракт
  • 1 дозерка Протеин (Опционално)
  • шоља Растително млеко Доколку не користите протеин, употребете ⅓ шоља млеко
  • шоља Какао
  • 1 прстофат Сол
  • ½ шоља Црно чоколадо (опционално, за глазура) растопено

Инструкции

  • Првиот чекор е да ги испукате амарантот и киноата. Овој чекор можете да го направите и од претходно.
  • Убаво загрејте тавче на среден оган. Додајте 1 лажица амарант и покријте со капак. Протресете убаво и за неколку секунди ќе почне да пука. Истурете во длабок сад и повторете со остатокот.
  • Не тостирајте повеќе од 10 секунди (додека да добијат бело-златеникава боја) бидејќи може да ви загорат.
  • Повторете го истото и со Киноата. Неа можете да ја тостирате и цела количина.
  • Истурете ги амарантот и киноата во подлабок сад и додадете ги сите состојки (освен чоколадото).
  • Убаво промешајте за да добиете еднолична смеса.
  • Обложете калап или тавче со хартија за печење и исурете ја смесата. Убаво натапкајте и израмнете.
  • Ставете го тавчето во фрижидер да се лади најмалку 1 час – или во ладилник 30тина минути.
  • Исечете во барови по ваша желба и уживајте!

Вкупно парчиња: 20 коцки
(препорачана порција: 2 цоцки)
Нутритивни вредности од порција: ** без глазура од црно чоколадо, со протеин
Калории: 179,98 kcal.
Протеини: 7,4 гр.
Јаглехидрати: 10,8 гр.
Масти: 12,92 гр.
Влакна: 2 гр.

* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. 
** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка
*** к.л = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .