Marija Marija Marija

🍫 Чоколадни крамбл барови 🍫

чоколадни крамбл барови

Овие чоколадни крамбл барови се мојот втор рецепт за крамбл десерт. Првиот беше мојот летен крамбл со цреши. И морам да признаам, двата се феноменални! Овој рецепт е богат, чоколаден и најважно од се – без печење! Се прави многу лесно и има вкупно 8 состојки (што сум сигурна дека ги имате по дома)

Како и сите останати мои десерти, така и овие чоколадни крамбл барови се многу подобар избор од кое било готово, купечко благо…

Иако се чоколадни (а не овошни) сепак се супер и за во лето, затоа што стојат во фрижидер и се супер разладувачко благо. Иако, јас лично повеќе преферирам освежителни овошни десерти, сепак, овие чоколадни крамбл барови се навистина превкусни. Плус се супер за секоја прилика – и за секојдневно заблажување, но и да ги послужите на гости.

Што ги прави овие чоколадни крамбл барови толку посебни?

Здрави состојки: Основата на овие барови се состои од здрави и природни состојки како овесни снегулки, таан, кокосово масло, и јаворов сируп. Овие состојки се богати со влакна, витамини и минерали.

Вегански и без глутен: Како и сите мои десерти, така и овие барови се целосно вегански и можат да бидат без глутен ако се користи овес без глутен.

Без рафиниран шеќер: Користам малку природен засладувач како јаворов сируп или сируп од урми, што ги прави маааалку подрави.

Богат чоколаден вкус: И покрај тоа што се здрави, овие барови не губат на вкусн. Црното чоколадо и путерот од кикиритки им даваат богат и интензивен вкус кој навистина ќе ја задоволи вашата потреба за благо.

чоколадни крамбл барови
чоколадни крамбл барови

Брзи, лесни и многу едноставни за подготовка

Тоа што не се печат, туку се прават во еден сад и се чуваат во фрижидер ги прави совршени (особено за во лето). Инаку од дозата во рецептот излегуваат 6 големи, односно 12 помали коцки (а една помала коцка е сосем доволна – верувајте!)

И како и за секоја друга објава, така и за оваа, целиот рецепт и начинот на подготовка (како и нутритивната вредност) ја имате на крајот на овој пост, а кај мене на инстаграм во reels имате и кратко видео од подготовката.

Направете си ги уште денес и уживајте ги со појадок, ужинка или десерт.

Доколку си љубител на брзи и лесни десерти, тогаш дефинитивно треба да ги направиш овие чоколадни крамбл барови! Те охрабрувам, бидејќи освен што се МНОГУ вкусни, се прават многу брзо и едноставно (и најважно) не се печат! Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🍫 Чоколадни крамбл барови 🍫

Автор: Марија Марија Марија

Состојки

  • ¼ шоља Јаворов сируп
  • 1 с.л. Кокосово масло растопено
  • шоља Таан
  • 1 с.л. Ванила екстракт
  • 1 шоља Овесни снегулки
  • 1 шоља Овесно брашно мелени овесни снегулки
  • 100 гр. Црно чоколадо
  • 1 с.л. Путер од кикирики

Инструкции

  • Ставете ги сите состојки освен чоколадото и путерот од кикирики во подлабок сад и мешајте додека да добиете хомогена смеса.
  • Натапкајте ⅔ од смесата во силиконски калап, или обичен калап но обложен со хартија за печење или растеглива фолија (да ви биде полесно да го извадите).
  • Чоколадото растопете го со 1 лачичка кокосово масло и кога ќе се растопи, додадете го путерот од кикирики. Убаво промешајте за да добиете една смеса.
  • Истурете ја чоколадната смеса врз базата и убаво размачкајте.
  • Врз чоколадото наронете од остатокот од смесата за да направите крамбл.
  • Ставете во ладилник неколку часа за да се стегне.

Вкупно парчиња: 12 мали коцки
(препорачана порција: 1 коцка)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 185,32 kcal
Протеини: 4,18 гр.
Јаглехидрати: 17,9 гр.
Масти: 9,7 гр.
Влакна: 3,225 гр.

* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. 
** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .

Оставете коментар

Your email address will not be published. Потребните полиња се обележани со *