Marija Marija Marija

🍫 Најлесните чоколадни барчиња 🍫

најлесните чоколадни барчиња - Хедер

Овие барчиња се дефинитивно најлесните чоколадни барчиња на светот! Кога прв пат ги направив, ги објавив само во хајлајтс, и мислам дека не ја добија славата што ја заслужуваат. Па, неодамна ги објавив и со видео сакајки да покажам колку навистина брзо и лесно се прават. За жал, за „fudge“ нема соодветен македонски збор а овој десерт е токму тоа! Меко, чоколадно и многу вкусно колаче со само 6 состојки. Се прави буквално за 5 минути, во еден сад, без неред во кујна и без комплицирани чекори. Едноставно ги мешате сите состојки заедно!

6 добри состојки

Мислам дека сите ќе се сложиме, доколку имате портреба од нешто благо, добро е да знаете од какви состојки е направено. Но, уште подобро е, доколку знаете дека сите состојки се добри за вас. Епа, баш такви се најлесните чоколадни барчиња. Само 6 состојки – сите добри за вас. Ќе знаете какви нутритиенти сте внеле и ќе бидете сигурни дека не внесувате празни калории.

Најлесните чоколадни барчиња
Најлесните чоколадни барчиња

Урми и Сируп од урми

Освен што се одличен придоден засладувач или „бонбони од природата“, урмите се богати со калиум, магнезиум, бакар, манган, железо, витамин Б6, и диететски влакна. Сето ова ги прави погодни за многу состојби и заболувања, како што е констипацијата и контролата на шеќерот во крвта. Содржат неколку видови на антиоксиданси што можат да помогнат во спречување на одредени хронични заболувања, како што се срцеви заболувања, рак, Алцхајмерова болест и дијабетес. Урмите, исто така може да го поттикнат и олеснат природното породување кај бремените жени, доколку се консумираат во последните неколку недели од бременоста.

Какао

Какаото содржи полифеноли, антиоксиданси кои помагаат за подобрување на нивото на холестерол и шеќер во крвта и го намалуваат ризикот од срцеви заболувања. Богато е со теобромин, којшто помага да се намали инфламацијата и може да има заштитни дејства од болести како дијабетес, срцеви заболувања, рак. Бидејќи какаото е богато со фитонутриенти, но има малку масти и шеќер, калориите што ќе ги добиете, ќе бидат преполни со здрави материи. Какаото исто така, го зголемува чувството на ситост. Со други зборови, иако чоколадото вообичаено се поврзува со зголемување на телесната тежина, какаото во прав всушност може да помогне да се намали телесната тежина, обезбедувајќи важни хранливи материи.

Путер од кикирики

Уште една многу моќна состојка! Кикириките и путерот од кикирики содржат хранливи материи што можат да го зајакнат здравјето на срцето и да го подобрат нивото на шеќер во крвта. Путерот од кикирики обезбедува добра количина на растителни протеини. Исто така, содржи есенцијални витамини и минерали, како што се магнезиум, калиум, ниацин, витамин Е и цинк. Но, содржи и хранливи материи што можат да го подобрат здравјето на срцето, вклучувајќи: мононезаситени масни киселини (MUFAs) и полинезаситени масни киселини (PUFAs). Путерот од кикирики е храна со релативно малку јаглени хидрати што содржи добри количини на масти и протеини, и влакна. Ова значи дека путерот од кикирики, (без додаден шеќер), нема значително влијание врз нивото на гликоза во крвта, што го прави погоден за лицата со дијабетес.

Кокосово малсо

Кокосовото масло е богат извор на триглицериди (од среден ланец), вид на заситени масти. Овие масти можат да го забрзаат согорувањето на калориите, а со тоа можат да помогнат во губењето на тежината. Овие триглицериди се и брз извор на енергија што телото го апсорбира и користи побрзо од другите видови заситени масти. Кокосовото масло помага во хидрирање вашата кожа и во подобрување на заштитната функцијана кожата. Исто така, може да помогне во зајакнувањето на косата (ја зголемува флексибилноста и го намалува кршењето на влакната).

Доколку се уште го немаш пробано и направено најлесните чоколадни барчиња, не ја пропуштај оваа прилика. Те охрабрувам, бидејќи ова сочно и меко колаќе е навистина вкусно и се прави за буквално 5 минути. Доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija 

🍫 Најлесните чоколадни барчиња 🍫

Време на подготовка5 minutes
Време на ладење во фрижидер30 minutes
Вкупно време35 minutes
Автор: Марија Марија Марија

Oпрема

  • тавче за печење / силиконска модла

Состојки

  • 5 с.л. Какао
  • 2 с.л. Путер од кикирики
  • 6 с.л. Кокосово масло растопено
  • 2 с.л. Сируп од урми или јаворов сируп
  • 4 Големи свежи урми без семка, ситно исецкани
  • прстофат сол
  • (опционално) неколку ореви, ситно исецкани

Инструкции

  • Ги сецкате урмите ситно и ги мешате сите состојки во еден сад, додека убаво се соединат.
  • Ја истурате смесата во калапче/тавче/модла и ставате во фрижидер барем 30тина минути да се стегне.
  • Премачкувате со путер од кикирики (опционално, но препорачливо) и уживате во магијата!

Вкупно парчиња: 15
(препорачана порција: 2 паричња)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 83,7 kcal.
Протеини: 1,91 гр.
Јаглехидрати: 9,5 гр.
Масти: 6,21 гр.
Влакна: 2,15 гр.

* с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .