Мислам дека мојата опсесија со путер од кикирики веќе е добро позната, па така овие чашки со путер од кикирики се еден од оние брзи и лесни десерти што ми ја полни душата и ми ја дава целата енергија на светот.
Здрави се, природно засладени со урми, богати со Омега-3 здрави масти, и со само 4 состојки.
🌰 Ореви – богати со железо, калциум, калиум, магнезиум, фолат, и омега 3 масни киселини. Можат да помогнат во намалување на холестеротол, намалување на инфламацијата и ризикот од срцеви заболувања.
🍮 Урми – богати со антиоксиданси и диететски влакна, го подобруваат здравјето на дигестивниот систем и зајакнување на коските. Особено се корисни за време на бременоста, бидејќи помагаат во природно породување.
🍫 Какао – богато со флавоноиди – нутриенти што помагаат при намалување на крвниот притисок, ја подобруваат циркулацијата на крвта до срцето и мозокот и помагаат во спречување на згрутчувањето на крвта.
🥜 Путер од кикирики – богат со витамин Е и Б витамини, но и антиоксиданси и омега-6 масни киселини. Може да помогне при кардиоваскуларни заболувања и помага во спречување на дијабет.
Десерт или енергетска бомба
И двете! Овие чашки со путер од кикирики ем ќе ве заблажат (иако се природно засладени) ем ќе ви ја дадат потребната енергија, поради тоа што се богати со јатки и урми. Сепак, колку и да ви се вкусни, препорачувам да јадете само по едно, бидејќи иако се здрави, сепак се доста калорични – а ова е особено важно доколку внимавате на внесот на калории. За сите вас коишто сакате да качите некое кило – овие чашки со путер од кикирики се совршени за вас! Кога сме кај путер од кикирики, веќе знаете дека мојот избор е секогаш CRUX!
Како да ги направите овие чашки со путер од кикирики?
Во три едноставни чекори:
- Ги мешате сите состојки во блендер додека да добиете еднолична смеса (тесто)
- Ја натапкувате смесата (тестото) во тавче за мафини и правите вдлабнување со лажичка
- Ги полните со по 1 лажиче путер од кикирики
Пред да ги пробате, задолжително оставете ги во фрижидер да се стврднат. Инаку, целиот рецепт и начинот на подготовка го имате во рецептот подолу а можете да го погледнете и видеото во reels кај мене на инстаграм.
По желба, можете да им ставите и растопено чоколадо или (како во мојот случај) од мојот чоколаден сос.
Доколку сакаш малку поздрав десерт што нема додаден шеќер а ти дава многу енергија, тогаш дефинитивно треба да ги пробаш овие чашки со путер од кикирики. Те охрабрувам, бидејќи се многу вкусни и се прават навистина лесно и брзо (и забавно). Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.
🥜 Чашки со путер од кикирики 🥜
Oпрема
- блендер или процесор за храна
- тавче за мафини или силиконски модлли
Состојки
Чашки
- 1 шоља Ореви
- 1 шоља Урми, без семка накиснети во врела вода 10 мин.
- 2 с.л. Какао
Полнење
- 9 к.л. Путер од кикирики за секоја чашка по 1
Инструкции
- Ги киснете урмите во врела вода додека да омекнат. Доколку се суви, киснете ги 10 минути, доколку се свежи, минута-две.
- Исцедете ги и ставете ги во процесор за храна или блендер заедно со оревите и какаото и мелете додека да добиете еднолична смеса – тесто.
- Натапкајте ја смесата во тавче/калап за мафини и со лажичка направете вдлабнување.
- Во секоја чашка ставете по 1 лажичка путер од кикирики и ставете во фрижидер да се стврднат пред да ги јадете.
Вкупно парчиња: 9 парчиња
(препорачана порција: 1 чашка)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 141 kcal.
Протеини: 3,8 гр.
Јаглехидрати: 11,15 гр.
Масти: 9,4 гр.
Влакна: 1,97 гр.
* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. ** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка *** к.л = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка
‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .