Marija Marija Marija

🥥 Трослојни барови 🥥

трослојни барови

Како и сите мои барови, така и овие трослојни барови се прават многу лесно, освен ако имате бебе и ако треба да снимате reel за на инстаграм. Е тогаш ќе ви требаат три дена како мене 🤣 Шала на страна, многу се освежителни и вкусни, не се многу благи (а може да бидат и уште помалку, доколку го изоставите засладувачот).

Во однос на состојките: имаат вкупно 12 состојки за сите 3 слоја + чоколадото од горе, што исто така е опционално (но секако, препорачливо). Потребен ви е процесор за храна или блендер и калапче или силиконска модла. Јас ги правев во калап за мафини, но можете да ги направите во какво било тавче, само обложете го со хартија за печење.

Во однос на вкусот: неверојатно освежителен! Само еден бар е доволен да ви ги засити потребите за благо (и повеќе од тоа). Навистина се многу вкусни

Како да си ги направите овие барови трослојни барови

Без да снимате видео – јас го направив тоа за вас и можете да го најдете кај мене на инстаграм во reels. Остатокот е лесен: правите прв слој, па во замрзнувач. Правите втор слој, ставате врз првиот, па во замрзнувач. Правите трет слој, ставате врз вториот, па во замрзнувач и на крај по желба полевате со црно чоколадо.

Пред да ги јадете, извадете ги од замрзнувач и ставете ги малку во фрижидер, за да се отпуштат. Направете си топло кафе и опуштете се во топло-ладно уживање.

И како и секогаш, скролнете надолу за целиот рецепт…

трослојни барови
трослојни барови

Вкусни, едноставни и (релативно) поздрави

Легитимно велам дека овие трослојни барови се релативно поздрави. Ако сме реални, изобилуваат со здрави масти од јатките и кокосовото млеко. Имаат шеќер од урмите (што е природен, но сепак е шеќер). Но исто така имаат и многу антиоксиданси од урмите и од шумското овошје па ете баланс. Дури си мислам дека на кокос слојот може да му се додаде и протеин во прав па да бидет и малку побалансирани. Штета што ова ми текна пишувајќи го последниот пасос од постов, откако веќе ги направив… Ајде, следна тура…

Инаку, од оваа доза мене ми излегоа 8 големи барчиња. Вие можете да ги направите во големината што вам ви одговара, но тоа секако ќе ја примени калориската вредност засметана на крајот од овој пост.

Овие трослојни барови се еден од оние десерти што едноставно мора да ги направиш барем еднаш. Многу се освежителни и вкусни и се прават навистина лесно. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🥥 Трослојни барови 🥥

Автор: Марија Марија Марија

Oпрема

  • процесор за храна
  • тавче за леб или мафини / силиконска модла

Состојки

Прв слој:

  • ½ шоља Лешници
  • шоља Ореви
  • 2 с.л. Какао
  • 6 поголеми Урми, свежи или накиснети во вода и процедени
  • 1 с.л. Кокосово масло растопено
  • 2 с.л. Вода опционално, за регулирање на густината. Доколку ги киснете урмите, нема потреба

Втор слој:

  • 6 с.л. Кокос
  • 5 с.л. Кокосова крема од конзерва ½ конзерва
  • 1 с.л. Кокосово масло растопено
  • 1 с.л. Засладувач по желба течен

Трет слој:

  • 1 шоља Микс шумско овошје
  • 2 с.л. Сок од лимон или вода
  • 1 с.л. Чиа
  • 1 с.л. Засладувач по желба опционално

Стопено чоколадо, опционален завршен слој

    Инструкции

    • Во процесор за храна или блендер прво ги мелете јатките.
    • Потоа ги додавате урмите и останатите состојки (сем водата) и блендате додека да добиете густа леплива смеса. Дојдајте вода доколку смесата е пресува и не се соединува.
    • Натапкајте го првиот слој во калап и ставете во замрзнувач.
    • Во подлабок сад ставете ги систе состојки за вториот слој и убаво измешајте додаде да добиете густа хомогена смеса.
    • Натапкајте го вториот слој во калапот врз првиот и вратете во замрзнувач.
    • Ставете тенџерче на среден оган и додајте го шумското овошје. Изгмечете и оставете да се вари малку. Додајте го лимонот (и доколку користите) засладувачот и убаво промешајте. Сосем на крај додајте ја чиата, измешајте и тргнете од оган. Оставете да се олади и згусне.
    • Ставете го џемот врз вториот слој во калапот и вратете во замрзнувач.
    • Опционално – растопете малку црно чоколадо, полијте врз џемот и вратете во замрзнувач.

    Вкупно парчиња: 8 големи парчиња
    (препорачана порција: 1 парче)
    Нутритивни вредности од порција:
    Калории: 228,75 kcal
    Протеини: 3,13 гр.
    Јаглехидрати: 18,82 гр.
    Масти: 15,68 гр.
    Влакна: 3,85 гр.

    * Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. 
    ** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка

    ‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .