Оваа веганска протеинска проја велам дека е протеинска, поради тоа што ја правам со тофу, печурки, нутритивен квасец и семки од тиква – сите одлични извори на растителен протеин. Плус, богата е со железо и здрави масти, поради спанаќот и семките. Подготовката е лесна и едноставна, од надвор е крцкава а внатре мека и сочна. Нема буквално ниту една причина да не ја направите уште веднаш. Од овие состојки се добиваат 6 поголеми или 8 помали парчиња.
Најважно за проја е да не биде сува како што обично знае да биде пројата. Епа, мојата проја е сочна и мека внатре, со крцкава коричка од надвор. Откако прв пат ја објавив на мојот инстаграм профил, оваа протеинска проја ја направив уште неколку пати, затоа што е супер опција за појадок, па дури и ручек со многу свежа салата од страна. Сите состојки се одлични, нема глутен, а количината на протеин заситува и ве држи сити подолг период. Можете да ја направите од вечер и да си ја спакувате за појадок за на работа со малку свеж домат и маслинки.
Лесен, прилагодлив рецепт
Инаку, да, рецептов може и слободно да се адаптира. На пример, во полнењето можете да ставите и друг зеленчук (одлична е и само со тофу и сушени чери домати). Каква комбинација и да направите, ова е еден супер вкусен и балансиран оброк.
Можете да ја направите во тава а можете да ја направите и како мафини, доколку имате силиконски модли и тавче за мафини. Така што, без размислување најтопло ви препорачувам да си ја направите во вкусот и обликот што најмногу ви се допаѓа.
Доколку се уште ја немаш пробано мојата протеинска проја, еве прилика! Те охрабрувам, бидејќи е навистина вкусна, крцкава и мека. Плус, преполна со протеини и железо. Доколку ја направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija
🥬 Веганска протеинска проја со спанаќ, печурки и тофу 🥬
Состојки
За смеса
- 1 шоља пченкарно брашно
- ½ шоља овесно брашно
- ½ шоља интегрално спелт брашно
- ½ шоља маслиново масло
- 1½ шоља кисела вода
- 1 пакетче прашок за печиво
- 1 к.л. сол
За фил:
- 200 гр. свежи шампињони
- 1 шака спанаќ
- 100 гр. тофу
- 10 маслинки опционално, ама многу вкусно
- 2 с.л. нутритивен квасец
- семки: тиква, сончоглед, лен, бел и црн сусам
Инструкции
- Се мешаат состојките за смесата + дел од семињата (дел зачувајте за да наросите од горе на крај) додека не добиете еднолично средно густо тесто.
- Се додаваат состојките за филот (ситно исечкани) и се меша се заедно.
- Во тавче ставате малце маслиново, премачкувате и наросувате со пченкарно брашно (за да не се залепи) и ја полевате смесата.
- Израмнувате и ги наросувате остатокот од семките и уште малце сол.
- Печете во претходно загреана рерна 40-тина минути на 170.
Вкупно парчиња: 8
(препорачана порција: 2 парчиња)
Нутритивни вредности од порција:
Калории:
Протеини:
Јаглехидрати:
Масти:
Влакна:
* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. ** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка *** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка
‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .