Marija Marija Marija

🍲 Мусака со компири 🍲

мусака од компир - Хедер

Многу сакам мусака! Најмногу ја сакам со модар патлиџан, но и оваа со компири ми е високо на врвот. Вообичаено мусака правам со мојата смеса од леќа, печурки и ореви, но овој пат имав од веганското мелено, па решив да го искористам. И морам да признаам дека излезе превкусна! 13 состојки + зачини и отприлика час и половина за превкусен оброк. Знам, мусака не е од најбрзите оброци, но е дефинитивно многу вкусен и „cosy & comforting“ оброк.

Мене лично мусака секогаш ќе ме потсеќа на баба ми (правеше ненадминлива мусака со модри патлиџани) ама потајно се надевам дека така ќе викаат и за мојата мусака.

Мојата верзија е богата со зеленчук (секогаш може повеќе) и многу, ама многу убав вкус!

мусака со компири

Потеклото на мусака

Сигурна сум дека сите веќе добро знаете, но да се потсетиме. Мусака е јадење на база на модар патлиџан или компир, најчесто со мелено месо. Најмногу се прави (и е најтипична) на Балканот и на Блискиот Исток, но има многу многу локални и регионални варијации. Интересен е фактот дека модерната грчка мусака е создадена во 1920-тите од Николаос Целементес. Најчесто, завршниот слој се прави со крем од млеко и јајце или млеко и брашно (бешамел). Во Грција (а и кај нас) мусаката се прави во неколку слоеви и се служи топла, за ручек. Она што ми беше интересно е, кога ја креирал, Целементес предложил и веганска варијанта за деновите на православниот пост. Исто така, Романија, има веганска верзија и наместо со месо се прави со печурки или мешавина од пржен кромид и ориз.

Верзиите во Египет, Турција и остатокот од Блискиот Исток се сосема различни. Во Египет, messa’aa може да се направи веганска или вегетаријанска, но и со месо. Но, во сите варијанти, главната состојка е пржениот модар патлиџан. Исто ака, во Турција, мусака се состои од тенко исечен и пржен модар патлиџан во сос од месо и домати. А пак, во Саудиска Арабија muṣagga‘a се јаде топла, но во другите арапски земји често се јаде ладна.

А сега, мојата мусака со компири

Мојот завршен слој не е со јајца и брашно, туку крем и млеко од соја. Ја направив со компир и во помалку слоеви, односно компир, фил, компир, прелив и ја јадевме за ручек. Кога ја правам со модар патлиџан, го печам. Преполна е со зеленчук, зачини, а супер шмек и даде и сенфот. Инаку, кога ја правам со модар патлиџан, кратко го печам (не го пржам) но ајде тоа нека биде посебен рецепт, таман со филот од леќа, ореви и печурки.

мусака со компири

И ете така, доколку немате идеја што да зготвите, имате компири и зеленчук, направете си ја одаа мусака. Превкусен ручек што инстантно ќе ве врати во детството или пак ќе ве транспортира во грчка таверна. Целиот рецепт и начинот на подготовка е подолу во овој пост, а секако, кај мене на инстаграм во reels имате и кратко видео од подготовката. И секако, погледнете ја целата категорија ручек, сигурно ќе се инспирирате што да зготвите следно.

Доколку си љубител на мусака, оваа моја верзија навистина многу потсетува на оригиналот. Малку е поздрава бидејќи не е пржена и нема јајца и брашно и направена е со комплетно растителни состојки (месото го заменив со веганско). Вкусна е и дефинитивно вреди да се проба (посебно за време на пости. Доколку ја направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija 

🍲 Мусака со компир 🍲

Состојки

  • 2 средни Моркови
  • 2 дршки Целер
  • 4 Млади кромитчиња
  • 1 Чили пиперче опционално
  • 3 месечинки Лук
  • 1 с.л. Маслиново масло
  • 2 големи печурки околу 80-100 гр.
  • 1 с.л. Сенф
  • 1 с.л. Доматна паста
  • 1 пакување Веганско мелено „месо“
  • 1 к.л. Димена паприка
  • 1 к.л. Зеленуков зачин
  • 6 Компири исечкани на тенки кришки
  • 1 шоља Доматен сос
  • 1 Крема од соја/овес
  • ½ шоља Растително млеко (од соја)

Инструкции

  • Во подлабоко тенџерче на оган ставете го маслиновото, кромидот, целерот и морковот и гответе кратко.
  • Додадете ги печурките, сенфот, доматната паста и убаво промешајте.
  • Додадете го веганското месо, зачините и доматниот сос и убаво промешајте. Гответе 30тина минути за зеленчукот убаво да се зготви.
  • Во меѓувреме, излупете ги и тенко исечете ги компирите.
  • Во огноотпорен сад, наредете еден слој од компирите, па ставете од филот, па наредете уште еден слој од компирите.
  • Во подлабок сад, промешајте ја кремата и растителното млеко и полијте го врз мусаката.
  • Покријте го садот со фолија и печете го во претходно загреана рерна на 150, отприлика 1 час.
  • Извадете ја фолијата и печете уште 10тина минути.

Вкупно парчиња: 2-3 порции
(препорачана порција: 1 порција)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: kcal
Протеини: гр.
Јаглехидрати: гр.
Масти: гр.
Влакна:
гр.

* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. 
** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка
*** к.л = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .