Оваа пита со спанаќ и тофу е мојата верзија на грчката спанакопита. Секако, со растителни состојќи, но не и помалку вкусна од оригиналната. Се прави лесно, пред се поради тоа што користев готови кори од хељда, а полнењето е навистина превкусно. Вообичаено додавам и печурки, но овој пат немав, па ги изоставив.
Инаку, свекрва ми е експерт за пити, и со неа не можам да се споредувам, па моите пити не се совршено замотани, но и тоа е во ред, се додека се вкусни и здрави, нели? Плус, за секоја вештина треба тренинг, па верувам дека со текот на времето ќе се усовршам и јас 🥹



Брз, здрав и избалансиран ручек
Оваа пита со спанаќ и тофу е богата со растителни протеини, но и многу диететски влакна, витамин ц, железо, магнезиум, витамин Е, калиум, калциум и антиоксиданси. Јас секогаш додавам нутритивен квасец, за да ја зголемам протеинската вредност и поради тоа што содржи б12.
Како да ја направите оваа пита со спанаќ и тофу
Прво започнете со подготовка на тофу филот. Измешајте ги сите состојки во подлабок сад, и тргнете ги на страна.
Потоа, продинстајте го младото кромитче и лукот и додадете го спанаќот – со тоа го подготвувате и филот од спанаќ. Можете да користите свеж или замрзнат спанаќ, само трудете се да е убаво исцеден.
Откако спанаќ-филот е готов, оставете го да се олади и додадете го во тофу филот, заедно со зачините, нането и сокот и кората од лимон.




Последната етапа е филувањето и „ролањето“. Јас користев малку маслиново, но можете да користите и мешавина од маслиново и кисела вода за премачкување на корите. Процесот е следен:

Доколку готовката ви подзвуќи комплицирано, без грижи. Чим јас можам да ја правам, верувајте, секој може. Ниту е тешко, ниту комплицирано – а резултатот е 😍😍😍
Оваа пита со спанаќ и тофу е навистина превкусна и супер здрава! Целиот рецепт и начинот на подготовка е објаснет подолу а имате и кратко видео кај мене на инстаграм во reels.
| Земате лист кора, го премачкувате со малку маслиново, ставате уште еден лист, филувате, ролате, мотате во крукче, редите на тава обложена со хартија за печење, повторувате. |




Доколку ти се јаде пита, дефинитивно направи ја оваа пита со спанаќ и тофу. Многу потсеќа на грчката спанакопита, па можеби и да е повкусна. Не е мрсна (внимаваме на маслото, нели) а богата е со протеини, витамини, минерали и антиоксиданси. Секако, доколку ја направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.
🥬 Пита со спанаќ и тофу 🥬
Состојки
Тофу фил
- 300 гр. Тврдо тофу
- 100 гр. Свилено тофу Опционално
- 2 с.л. Сок од лимон
- 1 к.л. Зеленчуков зачин
- 4 с.л. Нутритивен квасец
Спанаќ фил
- 500 гр. Спанаќ
- 4 Млади кромитчиња
- 4 месечинки Лук
- 1 с.л. Маслиновоп
- 1 к.л. Сол
- 1 к.л. Зеленчуков зачин
- 1 к.л. Копар или други зачини по вкус
За пита
- 1 пакување Готови кори од хељда
- Свежо нане по желба
- Маслиново масло за премачкување на корите
- Сусам за наросување, опционално
Инструкции
Тофу фил
- Издробете го тврдото тофу со раце или вилушка.
- Додадете ги зачините и нутритивниот квасец.
- Доколку користите и свилено (меко) тофу, додадете го, заедно со лимонот и убаво промешајте за смесата убаво да се соедини.
Спанаќ фил
- Исецкајте го младото кромитче и лукче и пропржете го на малку малсиново масло.
- Додајте го спанаќот и зачините и гответе кратко додека се да омекне.
- Оставете го да се олади, па додадете го во смесата со тофу и убаво промешајте.
Пита
- Земете една кора, така што подолгиот крај да е паралелен со вас, и намачкајте малку маслиново.
- Врз неа, додадете уште еден лист кора.
- Додадете 1 лажица од смесата и убаво распоредете ја по должина.
- Замотајте во ролна и поставете ја ролната во тавче за печење обложено со хартија за печење.
- Повторете ја постапката со сите листови, односно, додека имате фил и додека да го исполните тавчето за печење (јас користев тавче од 20 цм)
- Наредената пита, премачкајте ја со малку маслиново масло, наросете бел и црн сусам и малку сол.
- Ставете ја да се пече, во претходно загреана рерна, на 170 степени, 20тина минути, или додека да добие златно-кафена боја.
- Оставете ја малку да се олади пред да ја исечете.
Вкупно парчиња: 4
(препорачана порција: 1 парче)
Нутритивни вредности од порција:
Калории:
Протеини:
Јаглехидрати:
Масти:
Влакна:
* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. ** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка *** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка **** Времето на печење многу зависи од рерната. Погледнувајте ја по 17 минути печење.
‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .

