Marija Marija Marija

🍞 Здраво лепче со помалку јаглехидрати 🍞

vegan-keto-bread-header
здраво лепче со помалку јаглехидрати

Ова здраво лепче го правам често, затоа што има мало количество на јаглехидрати и е нискокалорично. Рецептов го имам објавено веќе два пати на мојот инстаграм профил, но објавите се на англиски, па еве фина прилика да го објавам и на Македонски. Инаку, едно парче има само 2 грама јаглехидрати – за споредба, едно мало парче леб од кисело тесто (sourdough) има 19 грама, додека обичен бел леб има 10 грама јаглехидрати. Во однос на калории, едно парче од ова лепче содржи 117kcal, но, поважно е што содржи големо количество на протеин, диететски влакна и здрави масни киселини.

Комбинацијата на брашна е одлична: бадемово (брашно, не мелени бадеми), кокосово и брашно од семки од тиква.

Доколку внимавате на макронутритиентите и доколку засметувате колкава количина на јаглехидрати внесувате, тогаш ова здраво лепче е совршено за вас. Подготовката не е најлесна (чекорите се детално и прецизно објаснети во рецептот подолу) но вреди, затоа што е и многу вкусно и многу здраво.

Доколку се уште го немаш направено ова здраво лепче, те охрабрувам, бидејќи е навистина вкусно и здраво. Доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🍞 Здраво лепче со помалку јаглехидрати 🍞

Време на подготовка10 minutes
Време на готвење50 minutes
Време на одмарање10 minutes
Вкупно време1 hour 10 minutes
Автор: Марија Марија Марија

Oпрема

  • кујнска вага важно, за прецизно мерење на состојките
  • тавче за печење леб / силиконска модла
  • хартија за печење

Состојки

Суви состојки

  • 120 гр. бадемово брашно (брашно, не мелени бадеми) можете да си го направите дома, со бланширање, лупење и мелење на бадеми
  • 160 гр. брашно од семки од тиква сомелете семки од тиква
  • 60 гр. кокосово брашно брашно, не рендан кокос
  • 70 гр. псилиум тегавец
  • 40 гр. чиа семе
  • 1 к.л. прашок за печиво
  • 1 к.л. сол

Течни состојки

  • 30 мл. маслиново масло
  • 5 мл. јаболков оцет или сок од лимон
  • 480 мл. топла вода

Инструкции

  • Загрејте ја рерната на 200°C. Обложете помало тавче за печење леб со хартија за печење и намастете ја картијата малку. (Доколку користите силиконска модла, овој чекор не е потребен.)
  • (❗️) Важно: Сите состојки мора да се МНОГУ прецизно измерени (тестирано) бидејќи брашната содржат многу растителни влакна и доколку количината е поинаква лебот ќе биде влажен.
  • Измешајте ги сите суви состојки. Потоа, додајте ги сите течни состојки.
  • (❗️) Важно: Водата мора да е топла – доколку не е, брашната нема да се активираат.
  • Прво мешајте со маталка а потоа замесете со рака додека не се формира леплива топка.
  • (❗️) Важно: доколку тестото ви се лепи за рацете, ви треба уште тегавец (постепено додавајте по 1 к.л. додека месите). Можете да ги наквасите или намастите рацете додека месите за да не ви се лепи тестото за рацете.
  • (❗️) Важно: Оставете го тестото да одмори 10тина минути, за да можат тестата убаво да се врзат.
  • Ставете го тестото во калапот и формирајте го така како што сакате да излезе од печење, бидејќи нема да се крене. Не го натапкувајте многу бидејќи ќе биде многу густо.
  • Додадете семки од тиква, сончоглед и лен (или други семки по желба) на површината на лепчето и многу нежно натапкајте ги за да се залепат.
  • Времето на печење е околу 50 минути, зависно од фурната.
  • (❗️) Важно: Печете 30 минути, па покријте го лепчето со фолија за да не изгори од горе а убаво да се испече во внатрешноста.
  • По 50 минути печење, искористете го методот на чепкалка и доколку излезе влажна, печење уште 10тина минути, но не повќе од 70 минути вкупно.
  • (❗️) Важно: проверувајте го на секои 5 минути откако ќе поминат иницијалните 50 минути печење, за да не изгори.
  • Оставете го убаво да се излади пред да го пресечете.

Вкупно парчиња: 12 парчиња
(препорачана порција: 2 парчиња)
Нутритивни вредности од порција (** без додатоци):
Калории: 354 kcal
Протеини: 14,8 гр.
Јаглехидрати: 4г р.
Масти: 14,6 гр.
Влакна: 4,2 гр.
Антиоксиданси, омега-3,
 калциум, калиум, тиамин, ниацин, фолат, витамин Б6

* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. 
** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка
*** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка

[Поврзано] Најлесното лепче со семки


‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .