Во фрижидер најчесто имам тегла со карамел од урми којшто го употребувам во различни комбинации (често само црпнувам со лажица и ставам малце свежи боровинки). Овие чоколадни бомбици со бадеми и портокал беа еден таков „искористи-го-карамелот-од-урми десерт“. Плус, комбинацијата чоколадо-портокал мислам дека се уште е непобедена, па кога на тоа ќе се додаде карамел од урми и бадеми го добивате ова вистинско овошно-марципан совршенство! Но, уште кога прв пат ги објавив на мојот инстаграм профил, кажав дека сепак ќе мора да ги направите за да се уверите дека се навистина најдобри 🤪
Бадемите се едни од најздравите јатки. Содржат многу здрави масти, диететски влакна, протеини, магнезиум и витемин Е. Го намалуваат нивото на шеќер во крвта, го намалуваат крвниот притисок и го намалуваат нивото на холестерол. Од останатите моќи, бадемите го намалуваат гладот што може да помогне во процесот на губење тежина.
Полифенолите во урмите придонесуваат за намалување на инфламацијата, а освен овие антиоксиданси, јадејќи урми внесувате и железо, витамин Б6, калиум (за подобро срце) и здрав природен шеќер што не е полн со празни калории.
Ете така, освен што овие чоколадни бомбици со бадеми и портокал се многу вкусни исто така се супер здрав десерт. 💪🏻
Доколку си еден од ретките што се уште ги нема пробано и направено овие чоколадни бомбици со бадеми и портокал, еве прилика да ги направиш. Те охрабрувам, бидејќи се навистина вкусни и лесни. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.
🍊 Највкусните чоколадни бомбици со бадеми & портокал 🍊
Oпрема
- процесор за храна / блендер
Состојки
Карамел
- 400 гр. свежи урми без семка
- 1½ шоља топла вода за киснење на урмите
- 1 с.л. ванила екстракт
- 2-5 с.л. вода во којашто се киснеа урмите
- ¼ к.л. сол
Бомбици
- 1 шоља карамел
- 1 шоља бадеми
- 2 с.л. сок од портокал
- 1 к.л. кора од портокал
- 100 гр црно чоколадо / чоколадни капки за преливање на бомбиците
- 1 к.л. кокосово масло за топење на чоколадото
Инструкции
- Прво направете си го карамелот: Закиснете ги урмите во водата четириесетина минути.
- Потоа, исцедете ги, ставете ги во блендер, заедно со малку од водата во којашто се киснеа (додавајте ја постепено, прво една лажица, па потоа уште една…), ванилата и солта и блендајте додека да добиете кремаст карамел.
- Ако е многу густ, додајте уште малце вода додека да ја добиете конзистентноста што ја сакате.
- Ставете го карамелот во тегличка и чувајте го во фрижидер.
- За бомбиците, сомелете ги бадемите и додајде го карамелот, сокот и кората од портокал и блендајте додека да добиете густа леплива смеса.
- Формирајте топчиња и ставете ги во фрижидер да се стегнат.
- Растопете го чоколадото со кокосовото масло, и потоа прелијте ги стврднатите бомбици.
Вкупно парчиња:
(препорачана порција: 3 парчиња)
Нутритивни вредности од порција:
Калории:
Протеини:
Јаглехидрати:
Масти:
Влакна:
Антиоксиданси, магнезиум, калиум, железо
* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. ** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка *** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка
‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .