Marija Marija Marija

🍳 Тофу Кајгана 🍳

тофу кајгана - Хедер

Тофу кајгана правам многу често, и неколку пати до сега имам објавувано рецепти на мојот инстаграм профил. Причината – секој пат тофу кајганата ја правам различно. Дали станува збор за различна комбинација на зачини, или пак различни додатоци, убавината е во тоа што буквално секој пат имам различно вкусен оброк. Инаку, зошто треба да јадеме тофу веќе имам набројано во постот за тофу омлет. А уште неколку придобивки ќе најдете подолу.

Совршено балансиран појадок

Инаку, оваа тофу кајгана ми е една од омилените опции за појадок. Одлична е доколку сте љубител на солен појадок (наспроти кашите и пудинзите). Искомбинирана со авокадо или маслинки и свеж зеленчук како пиперка, домат или краставица – е совршено балансиран оброк со сите макронутриенти. Растителен протеин од тофуто (плус, секогаш нутритивен квасец), масти од авокадото/маслинките и јаглехидрати од зеленчукот.

Тофу кајгана
Тофу кајгана

Различна комбинација, секој ден

Добро, не мора да јадете тофу кајгана секој ден (можете да го пробате и омлетот) или да пробате некој друг појадок, ама можностите се бескрајни.

Во 100 грама тофу, има само 76 калории и 8 грама протеини – имајте го ова на ум кога ќе го составувате вашиот следен појадок. Особено, доколку водите евиденција за внес на манутрикронутриети на дневно ниво.

Исто така, оваа тофу кајгана може лесно да ја ставите и во сендвич, со печурки и кисели краставички. Буквално секоја комбинација е одлична!

Уште неколку прични зошто оваа Тофу кајгана е добра за вас

🫀Протеинот од соја (како што е тофуто) може да го намали ризикот од срцеви заболувања. Експертите веруваат дека комбинацијата од влакна, протеини и изофлавони што ги содржи тофуто, може да предизвика придобивки за здравјето на срцето. Оваа специфична комбинација, се чини дека е покорисна за намалување на нивото на холестерол отколку суплементите од соја.

😵‍💫 Тофуто може да заштити и од дијабетес тип 2.

🧠 Неодамнешните студии забележуваат дека изофлавоните од соја може да ја подобрат меморијата, вниманието и целокупната функција на мозокот кај некои возрасни.

tofu scramble
Доколку се уште не сакаш тофу, пробај ја мојата тофу кајгана.🤣 Те охрабрувам да ја направиш уште денес за појадок или ручек затоа што е многу вкусна и добро избалансирана. Доколку ја направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🍳 Тофу Кајгана 🍳

Автор: Марија Марија Марија

Oпрема

  • вилушка за гмечење на тофуто
  • тавче за пржење

Состојки

  • 150 гр. Тофу
  • 2 с.л. Растително млеко
  • 2 с.л. Нутритивен квасец
  • ¼ к.л. Сол
  • ¼ к.л. Црна сол опционално, дава вкус на јајца
  • ¼ к.л. Куркума
  • ¼ к.л. Димена пипер
  • ¼ к.л. Лук во прав опционално
  • 1 к.л. Маслиново масло

Инструкции

  • Во подлабок сад ставете го тофуто и убаво изгмечете го со вилушка.
  • Додадете го млекото и зачините и убаво промешајте.
  • Оставете малку да отстои за да се упие млекото и зачините.
  • На тавче загрејте го маслиновото и ставете го тофуто да се пржи.
  • Мешајте повремено да не загори, се додека не го испржите по вкус.
  • Можете да ставите семки од тиква да се тостираат заедно со тофуто, сусам, семки сончоглед. Можете исто така да пропржите прво малку печурки па да го додадете тофуто, или пак млад кромид, чери домати, пиперка… Буквално секоја опција е вкусна!

Вкупно парчиња: 1
(препорачана порција: 1 порција)
Нутритивни вредности од порција (**без додатоци):
Калории: 216 kcal
Протеини: 20 гр.
Јаглехидрати: 10,8 гр.
Масти: 13,3 гр.
Влакна: 5,4 гр.

* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. 
** с.л. = супена лажица, го користам како кратенка
*** к.л. = кафена лажичка, го користам како кратенка 

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .