На Малта јадев ПРЕДОБАР вегански сладолед од црно чоколадо и портокал и толку ми беше вкусен што се опседнав да го направам дома. Барем во некоја приближна варијанта.
Бев скептик, ама сепак успеав да постигнам релативно близок вкус. Далеку е од италијанското „џелато“ од Малта, ама и мојот сладолед од црно чоколадо и портокал е многу вкусен. Дефинитивно вреди да се проба.
Се прави многу лесно, потребен ви е само процесор за храна или блендер, вкупно 8 состојки и 10 минути.
За црното чоколадо и какаото веќе знаеме дека се моќни антиоксиданси. Исто така, знаеме дека совршено си одговараат со порктокал (ако не знаете, клик овде). А овој сладолед е далеку подобра опција од кој било купечки, бидејќи единствениот шеќер е од бананите. Плус има здрави масти од путерот од лешник и витамин Ц од портокалот. За да го избалансирам, му додадов и дозерка протеин со вкус на чоколадо, но тоа е сосем опционално.
Лето, повели, спремни сме 😍
Најчесто сладоледот се смета за „забранета“ или „лоша“ храна па често пати се избегнува. Јас лично мног сакам сладолед и кога ќе наидам на вегански, секогаш пробувам. Ем си ја хранам душата, ем како во случајов, собирам инспирација за нови рецепти.
Не гледајте на храната како на „лоша“ или „добра“. Трудете се тоа што го консумирате да биде умерено и пред се балансирано. Убаво е да избегнувате шеќер и процесирана храна, но ништо лошо нема да се случи доколку некогаш се „почастите“.
Сепак, за да сте сигурни дека ќе јадете сладолед со убав состав, здрав и без додаден шеќер, направете си го овој сладолед од црно чоколадо и портокал. Така со сигурност ќе се разладите во топлите летни денови и нема да имате грижа на совест!
Доколку се уште немаш направено ниту еден од моите сладоледи, пробај го прво овој! Те охрабрувам, бидејќи е лесен, вкусен, здрав и без додаден шеќер. Плус, може лесно да се избалансира. Доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.
🍨Сладолед од црно чоколадо и портокал🍨
Oпрема
- блендер / процесор за храна
- Сад / тавче
Состојки
- 2 Банани смрзнати
- 2 с.л. Путер од лешник
- 6 с.л. Какао
- 5 с.л. Растително млеко
- ½ шоља Црно чоколадо растопено
- 1 дозерка Протеин од чоколадо опционално
- Сок и кора од 1 портокал
- Прстофат сол
Инструкции
- Ги ставате смрзнатите банани во процесор за храна.
- Блендате малку и потоа ги додавате сите останати состојки.
- Блендате се додека да добиете хомогена смеса.
- Ја ставате смесата во сад/тавче и ја ставате во замрзнувач (идеално преку ноќ).
- Послужувате со кора од портокал.
Вкупно парчиња: ±40тина топчиња
(препорачана порција: 2 топчиња)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 46,25 kcal
Протеини: 4,775 гр*. *(со додаден протеин)
Јаглехидрати: 12,96 гр.
Масти: 2,145 гр.
Влакна: 1,615 гр.
Антиоксиданси, магнезиум, калиум, железо
* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. ** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка
‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .