Marija Marija Marija

тофу

🍅 Крекери со Домати 🍅

Овие крекери со домати се еден од оние рецепти што совршено го доловуваат вкусот на летото: зрели домати што мирисаат на сонце, медитерански билки, едноставни состојки и мнооооогу крцкање буквално со секое залче. Овие крекери се толку едноставни и речиси и да не бараат многу труд. А изгледаат како да се послужени на мала тераса покрај море. И секако дека летото, морето и медитеранот ме инсипираа за овие крекери со домати, овес и тофу. Лесни, хранливи и богати со растителни протеини и диететски влакна. Иако на прв поглед изгледаат прилично обично, тие се многу повеќе од тоа. Благодарение на комбинацијата од овес и тофу, добиваш крекери богати со растителни протеини, диететски влакна и сложени јаглехидрати за подолготрајна ситост! Плус, доматите внесуваат природна сочност и лесна киселкаста свежина. Додека ароматичните зачини го заокружуваат вкусот и му даваат оној препознатлив медитерански карактер.

Зошто овие крекери со домати?

Една од работите што најмногу ми се допаѓа кај овие крекери со домати, е нивната разновидност. Подеднакво добро функционираат како лесен појадок, попладневна ужина, додаток покрај салата или како дел од летна даска со хумус, маслинки, свеж зеленчук и намази.

Особено се практични затоа што можат да се подготват однапред и неколку дена да останат крцкави ако се чуваат во затворен сад. Па така, кога ќе посакаш нешто брзо, наместо купечки грицки полни со заситени масти шеќери и непотребни адитиви, имаш домашна алтернатива направена од вистински, целосни намирници. Тофуто не само што ја збогатува хранливата вредност, туку придонесува и за пријатната структура на крекерите. Овесот, пак, дава природна полнота и е одличен извор на бета-глукани, растворливи влакна кои придонесуваат за подолго чувство на ситост и поддршка на здравјето на срцето. Заедно создаваат комбинација што не е само вкусна, туку и функционална. Особено ако се трудиш да внесуваш повеќе растителни протеини во секојдневната исхрана.

За целиот рецепт и начинот на подготовка скролнете надолу во овој пост. А секако, кај мене на инстаграм во reels имате и кратко видео од подготовката.

крекери со домати

Медитеранската исхрана одамна се смета за еден од најбалансираните начини на исхрана во светот. А нејзината убавина лежи токму во едноставноста. Наместо строги правила, таа нè учи да избираме сезонски намирници. Да готвиме со свежи состојки и да уживаме во секој залак. Во овие крекери токму тоа доаѓа до израз. Сочните домати носат ликопен, моќен антиоксиданс по кој се препознатливи. Овесот обезбедува стабилна енергија, а тофуто додава квалитетни растителни протеини без непотребни заситени масти. Кога сето тоа ќе се спои со зачини и мааааалку екстра девствено маслиново масло, резултатот е рецепт што мириса на лето и на медитерански двор…

Доколку и ти како мене сакаш крцкави крекери, што ќе станат дел од твоето летно секојдневие, тогаш мораш да ги пробаш овие крекери со домати. Те охрабрувам, бидејќи се многу вкусни и се прават навистина брзо и лесно. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija  или остави ми коментар под овој пост.

🍅 Крекери со Домати 🍅 Read More »

🍢 Тофу Суфлаки „Тофлаки“ 🍢

тофу суфлаки

Тофу суфлаки, затоа што не можеш да поминеш два месеци во Грција, без да јадеш месо и да не го направиш, нели? По мене, најубавото кај медитеранската кујна е што лесно се прилагодува без да го изгуби својот препознатлив карактер. Токму така настана ова тофу суфлаки „тофлаки“. Мојата растителна верзија на традиционалното суфлаки, во кое главната улога ја има тофуто. Во комбинација со црвена, жолта и портокалова пиперка, зелена тиквичка и виолетов кромид, добив превкусен шарен оброк! Маринирано со превкусна маринада, а потоа испечено додека не добие златна боја, ова јадење е доказ дека едноставните состојки можат да создадат богат и незаборавен вкус. Лесно е, свежо, богато со растителни протеини и совршено за секоја летна трпеза.

И освен што ова тофу суфлаки е ароматично и сочно, многу вкусно и веднаш ќе ве транспортира на море, и е супер опција за вашиот следен ручек (малку калории, многу протеини)!

За целиот рецепт скролни надолу а кај мене на инстаграм во reels имаш и кратко видео одподготовката!

Како да го направиш ова Тофу Суфлаки?

Всушност, целата поента е во маринадата. Во оваа верзија, лимоновиот сок внесува свежина, лукот додава длабочина, а ориганото, сусамот и чадената пиперка создаваат препознатлив медитерански шмек. Сенфот во комбинација со соја сос, го доближува тофуто до вкусот на месо. А, зеленчукот, пак, при печење добива природна сладост и лесно карамелизира, па секое раженче нуди совршен баланс помеѓу сочност, крцкавост и арома. Освен што е шарен (баш по мој вкус), ова е и оброк што обезбедува квалитетни растителни протеини, влакна, витамини и минерали, без да биде тежок или премногу калоричен.

Еден pro tip: краевете на стапчињата натопи ги убаво во вода, за да не изгорат при печење!

Инаку, целиот рецепт има 446 калории, 31 грам растителен протеин и 10 грама растителни влакна.

тофу суфлаки
тофу суфлаки

Зошто да го направиш ова Тофу Суфлаки?

Медитеранската исхрана се темели на свежи сезонски состојки, квалитетни масти, многу зеленчук и уживање во храната. Ова тофу суфлаки „тофлаки“ совршено ја следи таа филозофија. Покажува дека традиционалните рецепти не мора да се копираат буквално за да го задржат својот дух. Понекогаш е доволно само малку креативност за да се создаде јадење што е истовремено познато и сосема ново. Богато со растителни протеини, полно со бои и вкусови и создадено за споделување со луѓето што ги сакаш, ова е рецепт што лесно ќе стане дел од летното мени.

Свесна сум дека за секој еден што јаде месо, ова звучи како „уште една глупост“. НО, јас мислам дека најубавите оброци не се оние што совршено ја следат традицијата, ниту пак оние што содржат месо (извинете, не јадам месо веќе 25 години), туку оние што создаваат нови летни спомени околу масата.

Доколку сакаш суфлаки а во исто време ти треба и пауза од месо ова Тофу Суфлаки е опција за твојот слеедн ручек! е совршениот избор за вас. Направен од зеленчук и тофукрцкаво и сочно, освежително и вкусно и полно со протеини! Дај му шанса, вреди да се проба. Може да се прави на скара или да се пече во рерна. И секако, доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🍢 Тофу Суфлаки „Тофлаки“ 🍢 Read More »

🍲 Протеински Њоки од Тофу 🍲

протеински њоки од тофу - Хедер
протеински њоки од тофу

Овие протеински њоки од тофу се супер доказ дека омилените „comfort“ јадења можат да бидат истовремено вкусни, хранливи и богати со растителни протеини. Ако мислите дека њоките мора да бидат направени исклучиво од компири и бело брашно, сега ќе ви откријам една поинаква верзија. Моите протеински њоки од тофу, ќе ве воодушеват со својата мека текстура и едноставна подготовка. Овој рецепт е идеален за сите кои сакаат да внесат повеќе протеини во својата исхрана, без да се откажат од вкусните домашни оброци.

Според мене, тофуто е една од најразновидните намирници во растителната кујна. Нема никаков вкус, и баш благодарение на таа неутралност, лесно се комбинира со различни состојки и зачини. Во овој рецепт освен што придонесува за текстурата, тофуто додава и значајна количина протеини, правејќи ги овие њоки многу позаситувачки од традиционалната верзија. Плус имаат 53 грама протеин и 18 грама влакна на 800 калории (за целиот оброк).

Целиот рецепт е подолу во објавава а кај мене на инстаграм во reels има и кратко видео од подготовката.

Зошто баш овие протеински њоки од тофу?

Една од најголемите предности на овие протеински њоки од тофу е тоа што не бараат многу состојки. Всушност, самите љоки се прават со две состојки + зачини. Плус, не се потребни посебни техники или комплицирани чекори. Само се мешаат состојките, се формира тесто (за нијанса повнимателно отколку со компир) и се обликуваат њоките. Ако ме прашувате мене, супер се за денови кога сакате домашен оброк, немате идеја или пак премногу време за готвење. Јас ги правев со супер доматен сос, но вие можете да експериментирате и со тоа.

Многумина мислат дека растителните оброци не можат да бидат доволно заситувачки (без доволно протеини), но овие протеински њоки со тофу се пример за спротивното. Комбинацијата на јаглехидрати и протеини создава балансиран оброк кој обезбедува енергија и чувство на ситост.

Меки, вкусни и богати со протеини

Домашните њоки имаат сосема поинаков вкус и текстура од купечките. Па, откако еднаш ќе ги пробате овие протеински њоки со тофу, големи се шансите да посакате повторно да ги подготвите.

Плус, можете целосно да го прилагодите рецептот по ваш вкус. Сакате повеќе арома? Додадете оригано, босилек или лук во прав. Сакате њоки во боја? Додадете малку пире од спанаќ или тиква. Сакате побогат вкус? Додадете сушени чери домати. Можностите се навистина бескрајни.

Овие тофу њоки се уште еден доказ дека здравата и балансирана исхрана не мора да биде комплицирана. Со неколку едноставни состојки можете да создадете јадење кое е вкусно, хранливо и доволно впечатливо за да стане редовен дел од вашето мени. Ве убедив?

протеински њоки од тофу
Без разлика дали си љубител на њоки, дали сакаш растителната исхрана или сакаш да пробате нешто ново, овие протеински њоки од тофу се супер варијанта, особено ако сакаш протеински оброк. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🍲 Протеински Њоки од Тофу 🍲 Read More »

🥯 Протеински Мајонез без масло 🥯

Доколку сакаш мајонез, но се грижиш за здравјето, мојот протеински мајонез без масло, е за тебе! Направен од свилено тофу, овој протеински мајонез е кремаст, богат и неверојатно вкусен, а во исто време лесен и хранлив. Дефинитивно совршена алтернатива на класичниот мајонез што ќе сакаш (и ќе можеш) да ја користиш секој ден.

Наместо голема количина масло и јајца, главната состојка на овој протеински мајонез е свиленото тофу. И токму тоа создава мазна, кремаста текстура и додава растителен протеин во секој залак. Резултатот е тонунез, или веганез, односно посен мајонез што е многу полесен, но сепак доволно богат и вкусен. Одличен е за сендвичи, салати, врапови, или како сос.

Она што најмногу го сакам кај овој рецепт е тоа што е многу едноставен. Буквално само неколку состојки, блендер и неколку минути се доволни за да добиетш домашен протеински мајонез со совршена текстура. А најдобриот дел? Можете лесно да се прилагоди! Повеќе сенф, повеќе лимон, малку лук или зачини зависно од вкусот што го сакаш.

Инаку, целиот рецепт и начинот на подготовка е малку подолу во постов, а кај мене на инстаграм во reels имаш и кратко видео од подготовката.

протеински мајонез
Screenshot

Пет причини зошто овој протеински мајонез без масло?

Прво, освен што е вкусен, нема ни капка масло, па го прави одличен доколку внимаваш на калорискиот внес. Второ, овој протеински мајонез е и одличен начин да внесеш повеќе протеин во оброците без премногу да се оптоваруваш или да чувствуваш тежина. Трето, совршен е за луѓе што бараат полесни опции, растителни (plant-based) оброци или едноставно сакаат поздрава верзија од омилените сосови што секогаш ги имаат во фрижидер. Четврто, свиленото тофу има неутрален вкус, што значи дека ги впива сите ароми од состојките што му се додават и создава навистина балансиран и кремаст резултат. Петто, се прави за 30 секунди!

Ако сега не те убедив, веројатно никогаш нема!

Доколку сакаш мајонез, но сакаш да внимаваш на калорискиот внес, направи си го мојот протеински мајонез. Брз, лесен, вкусен и хранлив, овој мој тофунез е доказ дека и поздравите верзии можат да бидат подеднакво вкусни, ако не и повкусни од класиката или оригиналот. Доколку го направиш, тагни го мојот профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🥯 Протеински Мајонез без масло 🥯

Време на подготовка5 minutes
Вкупно време5 minutes
Автор: Марија Марија Марија

Oпрема

  • блендер

Состојки

  • 1 пакување Свилено Тофу
  • 1 с.л. Сенф (полна)
  • 1 к.л. Јаворов сируп или Мед
  • 2 с.л. Лимон, исцеден
  • ½ к.л. Сол
  • ½ к.л. Провансалска мешавина

Инструкции

  • Сите состојки се блендаат додека да се добие еднолична смеса.
  • Зачините може да се прилагодат по вкус.

Вкупна доза: 
(препорачана порција: )
Нутритивни вредности од цела доза:
Калории: 238 kcal.
Протеини: 22 gr.
Јаглехидрати: 3.8 гр.

Масти: 14.2 гр.
Влакна: 2 гр.
Калиум: 1.84 мг.

* с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка*
* Доколку користите мед, поради неговата густина, ќе треба да се додаде топла вода и поголема количина и не сум сигурна дали ќе се добие истиот крем (бидејки јас не користам мед)

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .

🥯 Протеински Мајонез без масло 🥯 Read More »

🧆 Протеински Палента Топчиња 🧆

протеински палента топчиња - Хедер
протеински палента топчиња

Искрено, овие протеински палента топчиња не беа рецепт што го планирав. Од малку познати факти за мене, издвојувам дека ич не сум љубител на палента!

Ама, Каи многу сака палента и секој пат пробувам нови варинајти и комбинации со палента. Па така настанаа и овие протеински палента топчиња. Во еден од оние денови кога фрижидерот не е сосем празен… ама не те инспирира. Освен палента, имав и неколку состојки што секогаш ги чувам „за секој случај“ и желба да направам нешто брзо, хранливо и различно од вообичаеното.

И како за некој што не сака палента, решив дека сепак ќе направам нешто едноставно а вкусно. Нешто крцкаво однадвор, меко одвнатре. Нешто што ќе ме држи сита подолго.

И така настанаа овие предобри протеински палента топчиња! На Каи вообичаено палентата му ја правам со котиџ или грки јогурт, ама оваа протеинска верзија денес е со крскаво тофу! Пре-до-бри!

Ако се искомбинираат со свежа салата (и уште малце тофу) се супер ручек. Јас ги јадев за појадок, со протеински хумус и свежа краставичка, ама може и да бидат супер ужинка. Баш се лапни-голтни. Лесно се прават и стојат во фрижидер (иако кај нас не издржаа). Едно топче има 41 калорија и 2.2 грама растителен протеин! А целиот рецепт и начинот на подготовка го има подолу во овој пост и кај мене на инстаграм во reels.

протеински палента топчиња

Зошто овие протеински палента топчиња?

Затоа што некој што не јаде палента ви кажува дека се многу вкусни! Навистина се. Но и затоа што

  • се прават од едноставни состојки
  • можеш да ги адаптираш според вкус
  • одлични се и за возрасни и за деца
  • совршени се кога сакаш нешто „comfort“, ама сепак хранливо

А кога велам можеш да ги адаптираш според вкус, мислам на тоа дека можеш да сакаш какви било додатоци, или друг извор на протеин и пак да добиеш вкусен оброк. Иако, јас дефинитивно препорачувам да ја пробаш прво оваа комбинација!

Така што, доколку сакаш брз и едноставен рецепт, што не одзема премногу време, богат е со растителен протеин и диететски влакна, вусен е и различен, тогаш дефинитивно направи ги!

Можеби најубавиот дел од овој рецепт не е само вкусот, туку чувството дека со малку состојки можеш да направиш нешто што навистина ќе ти го разубави денот. Нешто едноставно, а толку задоволувачко. Ако ги пробаш, ќе ми биде баш драго да ми пишеш како ти испаднале. Или уште подобро, во која твоја верзија ќе ги претвориш…

протеински палента топчиња
Доколку сакаш палента, направи ги овие протеински палента топчиња. Доколку не сакаш палента, тогаш дефинитивно направи ги овие палента топчиња - ќе те предомислам (мене ме предомислија!) И секако, доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🧆 Протеински Палента Топчиња 🧆 Read More »

🫔 Благи Протеински Пити со Оризова хартија 🫔

Благи протеински пити - Хедер

Овие благи протеински пити со оризова хартија се мојот најнов експеримент. И буквално беа тоа, експеримент што излезе многу вкусен и богат со растителни протеини.

Плус, има нешто посебно во моментите кога имаш потреба од нешто слатко, но сакаш да е здраво и да не е премногу тешко. А сепак, нешто што ќе го задоволи апетитот без да ти создаде чувство на вина. Звучи комплицирано бидејќи има многу параметри, нели? Епа баш така, настанаа овие благи протеински пити со оризова хартија. Супер спој на едноставност, креативност и мала доза домашна магија.

Наместо класично тесто, овде оризовата хартија ја има главната улога. Нема глутен и има малку калории а ја прави оваа блага протеинска пита лесна, крцкава и многу интересна.

Но, искористив уште неколку трикови што совршено со вклопија во овој рецепт…

благи протеински пити

Зошто оваа Благи протеински пити?

Затоа што рецепт за солени веќе имам. Имам и за пролетни ролнички. Додуша, имам и еден рецепт за блага, полнета со печени јаболка. Но оваа верзија е супер затоа што е богата со протеини а има малку калории. Што значи, овие благи протеински пити се идеални за утринско уживање со кафе, појадок пред тренинг, или како здрава алтернатива на класичен десерт. А најубавото? Може да ги модифицирате и да ги направите по ваш вкус. Јас ги правев со банана и црно чоколадо, но можете да ги направите со боровинки или јатки.

Од експеримент до полн погодок

И со овој рецепт, уште една ми се потврди теоријата дека најчесто најдобрите рецепти не се најдраматичните, туку оние што ги правиме со леснотија и само неколку „што-се-нашло“ состојки. Токму такви се и овие благи протеински пити! Мали, благи и совршено едноставни.

И да не го заборавам ТРИКОТ! За секоја пита употребив по два листа оризова хартија. Првата ја натопив во чоколадно млеко од бадем и тоа беше вистински agme changer. Втората ја натопив со вода. Целиот рецепт и начинот на подготовка е објаснет подолу а имате и кратко видео кај мене на инстаграм во reels.

Доколку ти се јаде нешто благо, лесно, не прекалорично и богато со протеини и без глутен, тогаш овие благи протеински пити со оризова хартија се за тебе! Вкусно слатко полнење, што лесно може да се модификува и готови за 10-тина минути! Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija  или остави ми коментар под овој пост.

🫔 Благи Протеински Пити со Оризова хартија 🫔 Read More »

🫔 Пити со Оризова хартија 🫔

пити со оризова хартија - Хедер

Има јадења кои не само што го хранат стомакот, туку некако успеваат да ја нахранат и душата. Моите пити со оризова хартија полнети со тофу и спанаќ се токму такв: лесни, кревки, но полни со вкус!

Сè почна од желбата да направам некоја безглутенска пита, но во исто време, нешто што ќе биде полесно, и што ќе може да се јаде и топло и ладно, без да тежи, а сепак да биде полно со вкус и текстура.

Оризовата хартија е како платно на кое можеш да насликаш што сакаш. А такво е и тофуто – навидум без вкус, а прима секаков вкус што е му се даде. Е сега прашањето,

Зошто повторно полнење со спанаќ и тофу

Да, веќе имам една пита со спанаќ и тофу, но оваа верзија ја направив поинаква, подноставна и со многу подлабок вкус. Се фокусирав на зачините и аромите за тофуто и не додавав други додатоци.

пита со оризова хартија

Така што, ако бараш идеја за вкусен и малку поразличен оброк или мезе, овие пити со оризова хартија се одличен избор. Полни се со хранливи состојки, лесни за подготовка и изгледаат убаво на маса (идеални и за секојдневен ручек, но и кога имаш гости). Инаку, од целата доза во овој рецепт излегуваат 4 големи пити, со вкупно 664 калории и 30 грама протеин. Ова ги прави овие пити со оризова хартија помалку калорични од четврт бурек и со повеќе протеини! Плус, количината е голема, може и да не ја изедете цела порција 🙂 И да, многу подобра опција од бурек!

Зошто токму оризова хартија?

Оризовата хартија е одлична алтернатива за класичното тесто или кори. Без глутен е, брзо се работи со неа и добива убава, лесно крцкава текстура кога се пече. Плус, не тежи во стомакот како некои класични пити. А периодов правам многу рецепти со оризова хартија: солени пролетни ролнички, слатки ролнички со јаболка… И мислам дека низата само ќе ја дополнувам! И да не дожам премногу, целиот рецепт и начинот на подготовка е објаснет подолу а имате и кратко видео кај мене на инстаграм во reels.

Доколку ти се јаде пита или бурек, ама внимаваш на калорискиот внес и сакаш да се храниш малку поздраво (и без глутен) тогаш овие пити со оризова хартија се полн погодок! Полнети се со тофу и спанаќ, богати со протеини, виамини, минерали и диететски влакна и готови за 20 минути! Мислам дека повеќе причини и нема потреба да набројувам. А, да! Превкусни се! Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija  или остави ми коментар под овој пост.

🫔 Пити со Оризова хартија 🫔 Read More »

🌶️ Протеинска пита со многу зеленчук 🌶️

протеинска пита - Хедер

Оваа протеинска пита со многу зеленчук, ја направив сосем случајно, ама излезе толку вкусна што стана дел од нашето редовно мени. Супер е за појадок, ручек па дури и вечера. Богата е со растителни протеини, диететски влакна, витамини и минерали. Со еден збор, има се што ви треба за богат и нутритивен оброк.

Јас ја правев со 11 состојки, плус зачини, ама во основа имате 5, и се останато е зеленчук и можете да употребите буквално што ви душа сака. Инаку, оваа протеинска пита е протеинска, затоа што во основата има леќа и тофу, па оттаму и високата протеинска вреност (има 37гр. протеин од порција) и 600 калории.

Брз, здрав и избалансиран ручек

Комбинацијата на леќа, тофу и зеленчук (и печурки како во мојот случај) создава балансиран оброк кој е богат со протеини и влакна, а истовремено многу лесен за подготовка. Плус, супер е тоа што можете да си ја направите од претходната вечер и да имате готов балансиран оброк за следниот ден. Оваа протеинска пита е хранлив, заситувачки и превкусен оброк! Само е важно една работа да не заборавите – да накиснете леќа!

Како да ја направите оваа протеинска пита со многу зеленчук

Еден супер факт за оваа протеинска пита е што се прави во процесор за храна и потребен ви е само тој сад. Буквално ги ставате состојките во него, блендате и мешате и тоа е тоа. Јас зеленчукот малку го зготвев, што е сосем опционално и зависи од зеленчукот што ќе го употребите. Тиквичката и морковот апсолутно можете да ги ставите и свежи и да ви излезе уште побрза. А можете да додадете и свежи или сушени чери (исто врв).

Протеинска пита

Леќата е супер-храна што често е потценета. Таа е богата со растителни протеини, железо, магнезиум и растителни влакна, што ја прави одлична за одржување на енергијата и за поддршка на дигестивниот систем. Тофуто е исто така одличен извор на растителни протеини, па комбинацијата на овие две состојки, заедно со свеж и сезонски зеленчук, создава оброк кој е подеднакво вкусен и заситувачки.

Неколку совети плус:
– На дното на тавчето за печење ставам малку маслиново и палента, за да не се залепи и за да биде крцкава (доколку тавите ви се лепат, задолжително ставете хартија за печење).
– Користам многу зачини, за уште побогат вкус.
– Од горе наросувам многу сусам.
– Корнфлексот го кршам со рака и го додавам внатре пред печење, за да крцка повеќе.
– Ја јадам со свежа салата за уште повеќе зеленчук и дополнителна свежина.
– Доколку сте љубител на лут сос, препорачувам!

И не само што е вкусна и лесно се вари, оваа протеинска пита е полна со антиоксиданси, витамини и минерали. Без глутен, без млечни производи и без рафинирани масти!

И на кратко тоа е тоа. Оваа протеинска пита со многу зеленчук е навистина превкусна и супер здрава! Можете да си ја комбинирате со зеленчукот што го имате дома и секој пат ќе биде различна, но подеднакво вкусна. Целиот рецепт и начинот на подготовка е објаснет подолу а имате и кратко видео кај мене на инстаграм во reels.

Доколку ти се јаде пита, дефинитивно направи ја оваа пита со спанаќ и тофу. Многу потсеќа на грчката спанакопита, па можеби и да е повкусна. Не е мрсна (внимаваме на маслото, нели) а богата е со протеини, витамини, минерали и антиоксиданси. Секако, доколку ја направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija  или остави ми коментар под овој пост.

🌶️ Протеинска пита со многу зеленчук 🌶️ Read More »

🍫 Чоколаден пудинг со тофу и киноа 🍫

чоколаден пудинг со тофу и киноа - Хедер

Овој чоколаден пудинг со тофу и киноа е кремаст, здрав и навистина неодолив! Плус богат со протеини и диететски влакна. Иако веќе имам два протеински пудинзи (чоко пудинг) и (двослоен пудинг) ова е уште една варијанта. Има само 6 состојки, се прави буквално прелесно а е навистина многу кремаст и вкусен. Засладен е само со урми што го прави уште поздрав и има само 370 калории и 15 грама протеин! Во однос на подготовката – јас го правам со свилено тофу за најкремаста текстура, но може да се направи и со обично тофу, но треба да додадете повеќе млеко, да го блендате подолго и крајниот резултат да биде silky smooth.

Зошто овој чоколаден пудинг со тофу и киноа е совршен избор?

Полн со растителни протеини
Кремаст и нежен
Без млеко и без глутен
✅ Без вештачки засладувачи
Лесен за подготовка – само неколку состојки и блендер, и имаш фантастичен десерт!

чоколаден пудинг со тофу и киноа
чоколаден пудинг со тофу и киноа

Вкусен, кремаст и неодоливо вкусен (а сепак здрав)!

Овој чоколаден пудинг со тофу и киноа е совршен баланс меѓу здраво и вкусно. Киноата му дава блага оревеста нота и дополнителна кремавост, додека свиленкастото тофу го прави нежно кремаст. Какаото му дава длабока чоколадна арома, а урмите го прават доволно благ, но без вишок шеќери. Тоа значи дека можеш да уживаш во секоја лажичка без грижа на совест! Кога последен пат си јадел таков пудинг?

Она што го прави овој десерт посебен е неговата хранлива и нутритивна вредност. Киноата е супер-храна богата со растителни протеини, железо и влакна, а тофуто додава растителни протеини, квалитетни аминокиселини и здрави масти. Ова не е само десерт – тоа е енергетски оброк кој ќе те засити и ќе ти даде сила во текот на денот. Без разлика дали го јадеш како здрав појадок, попладневна ужинка или вечерен десерт, овој чоколаден пудинг е идеален избор за сите што сакаат да се хранат подобро, а сепак да уживаат во неодоливи вкусови.

Целиот рецепт и начинот на подготовка го има подолу во рецептот, а имам и видео од целата подготовка кај мене на инстаграм во reels. Ова е десерт што ќе го обожаваш – лесен, хранлив и совршено чоколаден! 😍

Доколку сакаш брза и протеинска ужинка со богат чоколаден вкус, а не сакаш да јадеш купечки пудинг полн со процесирани шеќери, тогаш мојот чоколаден пудинг со тофу и киноа е тоа што ти треба! Многу вкусен и кремаст, со 15 грама протеин и само 370 калории, минимално засладен се прави буквално за неколку минути. Така што, доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🍫 Чоколаден пудинг со тофу и киноа 🍫 Read More »

🍝 Паста со Протеински сос, сушени чери и печурки 🍝

pasta so proteinski sos, susheni cheri i pechurki

Многу се двоумев околу името на овој рецепт, бидејќи паста со протеински сос, сушени чери и печурки ми се чинеше предолго. Но, сфатив дека се е небитно кога пред вас стои оваа паста, накремаста и највкусна на свет! Иако знам дека рецептите со тофу не ми поминуваат најдобро (дали од предрасуди или од ограничена понуда на тофу), ве уверувам дека овој МОРАТЕ да го пробате. Свилено тофу има во Азиската продавница во Скопје, или пак купете си ако одите во Солун – верувајте ми, нема да зажалите. Плус, една порција содржи 36 грама растителен протеин, што за паста без месо е супер, нели!

Како Алфредо, само подобар

Нескромно, овој протеински сос е многу вкусен и потсеќа на добро познатиот алфредо сос, само што е поздрава и подобра варијанта, има повеќе протеин а е подрднакво кремаст. Се двоумев дали да го правам само со сушени чери или само со печурки, но на крај ри реков what the hell ќе го правам со двете! И не знгрешив! Се прави со само неколку состојки, брзо и лесно.

паста со протеински сос, сушени чери и печурки
паста со протеински сос, сушени чери и печурки

За сите состојки и начинот на подготовка, скролнете подолу во постов, а кај мене на инстаграм во reels имате и кратко видео. Ќе ми значи доколку го лајкнете или споделите. А уште повеќе ќе ми значи доколку го пробате!

Како да ја направите оваа паста со протеински сос?

Подолу имате слика од амбалажата на свиленото тофу, за да си направите скриншот и да го купите – прави многу разлика. Можете да го правите и со обично тофу, но ќе ви треба повеќе вода и многу повеќе блендање за да ја добиете оваа silky-smooth текстура. Но, да се вратам на сосот – има само 4 состојки: тофу, вода, нутритивен квасец и мисо (што е опционално, но препорачливо) додека останатите состојки се: сушени чери, малку од нивното масло, младо кромитче, лук и печурки. И секако, паста по избор.

Иако за секоја паста што ќе ја направам викам дека е најдобра што сум ја направила, оваа паста со протеински сос, сушени чери и печурки мислам дека е дефинитивно најдобрата (или барем до следната 🤣)

Во однос на пастата, моја препорака е доколку најдете секогаш да употребите интегрална или паста од цели зрна.

Don’t be upsetti, eat some Spaghetti!

Се одјавувам со паста шали и секако, ве чекам да ги пробате и да ми кажете дали ви де допаднале

паста со протеински сос, сушени чери и печурки
Доколку си љубител на паста и сакаш да пробаш нов, кремаст и многу вкусен сос, во исто време богат со протеини, тогаш дефинитивно треба да ја пробаш оваа паста со протеински сос, сушени чери и печурки. Многу е кремаста, вкусна, и богата со протеини. Доколку ја направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави мо коменар под овој пост.

🍝 Паста со Протеински сос, сушени чери и печурки 🍝 Read More »

🥪 Крцкав киноа тофу сендвич со намаз од сончоглед 🥪

Киноа Тофу сендвич - Хедер
Крцкав киноа тофу сендвич

Оваа објава има многу долго име но содржи три рецепти: крцкав киноа тофу сендвич и намаз од сончоглед, односно: крцкаво киноа тофу + сендвич + намаз од сончоглед. И сега мислам дека се оправдав, нели? Инаку, сендвичов излезе многу спонтано. Првично, замислата ми беше да го направам тофуто посебно, а намазот да ми биде посебна објава. Но, решив дека можам да ги искомбинирам, и на едно место да имате повеќе рецепти. Секако, можете се да си направите посебно.

Инаку, овој крцкав киноа тофу сендвич излезе превкусно и мене ми беше врвен ручек, богат со растителни протеини.

Се прави многу лесно. Јас го печев во air-fryer (без воопшто масло) но можете и да го испржите (јас избегнувам пржење максимално) .

А доколку не сакате да го јадете како сендвич, можете да го послужите со салата и многу свеж или печен зеленчук.

Како да го направите ова Киноа тофу?

За сендвичот нема што многу да објаснувам, а крцкавото киноа тофу исто така се прави брзо и лесна! Потребни ви се 3 сада во кои ќе го извалката тофуто. Еден со брашно, еден со млеко и еден со киноа (претходно сварена). Инаку, јас во фрижидер секакош имам сварена киноа. Пред се, затоа што ми е супер за meal-prep а и за рецепти како овој или како вафлите со киноа и јагоди.

За миксот од брашно можете да употребите што сакате (или што имате дома). Јас употребив брашно од наут и нутритивен квасец (за повеќе протеини).

Инаку, целиот рецепт и начинот на подготовка го имате подолу во рецептот, а имате и кратко видео кај мене на инстаграм во reels.

Крцкав киноа тофу сендвич
намаз од сончоглед

Како да го направите намазот од сончоглед?

Исто така, многу лесно. Прво треба да го накиснете сончогледот во зовриена вода, минимум 2 часа. Потоа процедувате, ги додавате состојките и блендате. И тоа е тоа. Можете да го јадете како додаток во сендвичи и тортиљи, како дресинг во салати (со малку повеќе лимон) или како прилог во други јадења, бидејќи е супер извор на здрави масти (и е многу вкусен). Мене лично овој намаз ми е замена за мајонез.

И така, сосем за крај на овој пост стигнавме и до сендвичот. Јас користев купечко лепче, но ако знаете да си направите дома, тоа ви е плус! На лепчето мачкате од намазот од сончоглед, па го ставате тофуто, па микс зелена салата, домат, краставица и вегански кашкавал (ова е опционално). И тоа е тоа. Брз, избалансиран и многу вкусен ручек со 53 грама протеин и 700 калории.

Доколку сакате сендвич, но малку поздрава варијанта, направете си го овој крцкав киноа сендвич со намаз од сончоглед. Содржи 53 грама растителен протеин и намирници што ги имате дома и што не се процесирани. Многу е вкусен и дефинитивно поздрава варијанта од кој било купечки. Доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🥪 Крцкав киноа тофу сендвич со намаз од сончоглед 🥪 Read More »

🌯 Тофу Гиро 🌯

тофу гиро - Хедер
тофу гиро

Тофу гиро, затоа што ние што не јадеме месо, нема причина зошто да треба да патиме, нели? Ако сум комплетно искрена, од гиро памтам само како мириса (бидејќи често одам во Грција, ама вкусот вооптшо не памтам каков е). Но, без разлика, ова мое тофу гиро излезе превкусно, прекрцкаво, преароматично и пребогато со растителни протеини. Овој рецепт содржи дури 40гр. протеин.

Јас го направив во готови пити, со микс зелена слата, домати маринирани со балзамико и зачини и цацики од мојата веганска павлака. Вие можете да си додадете и компирчиња во air-fryer со многу малку масло и многу зачини (крцкање насекаде).

И освен што ова тофу гиро е крцкаво и сочно, многу вкусно и веднаш ќе ве транспортира на море, и е супер опција за вашиот следен ручек.

Како да го направите ова Тофу Гиро?

Постапката е навистина брза и лесна! Мене ми требаа: 15 минути за маринирање и печење на тофуто, 5 минути за одмрзнување и затоплување на питата, 30 минути за киснење на индиските и правење на цацикито и неколку секунди да склопување на гирото. А толку ми беше вкусно, што јадењето беше буквално 2 минути 😂

Значи вкупно 50 минути, од кои 30 се за киснење на индиските ореви. Доколку си ги накиснете од претходно, ќе имате готов оброк за 20тина минути. Инаку, целиот рецепт и начинот на подготовка го имате подолу во рецептот, а имате и кратко видео кај мене на инстаграм во reels.

тофу гиро
тофу гиро

Зошто да го направите ова Тофу Гиро?

Затоа што може да направите пауза од месо, а сепак да добиете подеднакво вкусен оброк. Исто така, затоа што е брз оброк а сепак е направен дома, од целосни состојки. Затоа што нема мајонези, многу сол и шеќер од купечки сосови. Но и затоа што нема премногу маснотии. И секако, затоа што е вкусно!!

И како некој што постојано експериментира со вкусови и опции на тофу, морам да признаам дека сум ПРЕЗАДОВОЛНА и прегорда како ми испадна ова. Дефинитивно често ќе си го правам, но од друга страна, нема да престанам со испробување на нови опции и вкусови.

Доколку сакате гиро а во исто време ви треба и пауза од месо - повелете рецепт! Моето Тофу Гиро е совршениот избор за вас. Направен од целосни состојки (можете да си ги направите сами и питите ако преферирате) крцкаво и сочно, освежително и вкусно и полно со протеини - буквално нема причина да не го пробате! Доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🌯 Тофу Гиро 🌯 Read More »