Ова крцкаво бечко тофу (тофу шницли) се всушност рекреација на добро познатата „Бечка“ шницла, само во растителна варијанта. И освен што е многу крцкаво и вкусно, исто така е богато со растителни протеини. Овој рецепт содржи дури 34гр. протеин.
Можете да го послужите само со салата или пак како додаток со ориз, компири, кари или некое друго омилено јадење.
Јас го правам во air-fryer со многу малку масло, но доколку сакате можете да го испржите во тавче. Многу е крцкаво и сочно, како и да решите да го подготвите. Плус, маринадата му дава навистина супер шмек. Јас користев мисо паста и лут сос, но тоа е сосем опционално, можете да ги изоставите или да употребите барбикју сос (или нешто по ваша желба).
Зошто ќе ви се допадне ова Бечко Tофу (Тофу Шницли)?
Затоа што пред сè, е МНОГУ крцкаво и МНОГУ вкусно но и поради тоа што се прави лесно и брзо. Плус, богато е со протеини (а тоа е big deal во денешно време). Исто така, затоа што можете да го комбинирате со повеќе оброци (или да го јадете самостојно). Но, и поради тоа што е супер за meal-prep.
Јас го правев со вкупно 14 состојки (од кои 2 се секако опционални а во овие 14 ги вклучив и зачините) и иако звучат многу, ве уверувам дека навистина не се. Постапката е прилично едноставна и брза.
Сигурна сум дека можам да набројам уште причини зошто ќе ви се допадне моето бечко тофу (тофу шницли) (мислам најмногу поради името 😆) но оставам на вас да го направите и пробате.
Крцкаво и многу блиску до вкусот што го знаете
А тајната е (верувале или не) да го замрзнете тофуто. Науката зад замрзнатото тофу е многу интересна! Маринирано свежо тофу влијае само на надворешниот вкус на тофуто, но, ја остава средината бесвкусна (какво што е и тофуто по природа). После многу обиди и тестирања, најдобриот начин маринада навистина да му додаде вкус и „месна“ текстура – е прво да го замрзнете.
Значи, го вадиме од пакувањето, го цедиме, го ставаме во сад, го замрзнуваме (целосно), целосно го одмрзнуваме, го цедиме од вишокот вода и го притискаме со хартија (или крпа) за целосно да излезе водата. Е дури потоа го маринираме!
Доколку сакате поздраво благо за празниците, тогаш ви препорачувам да го пробате моето брауни со јапонски јаболки. Сега им е сезона и ова е супер начин да ги искористите. многу е вкусно, не е многу благо и се прави навистина лесно. Доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.
🥩 Бечко Тофу (Тофу Шницли) 🥩
Состојки
- 150 гр Тофу цврсто
Маринада
- ¼ шоља Соја сос
- 1 с.л. Нутритивен квасец опционално
- 1 к.л. Сенф
- ½ к.л. Мисо паста опционално
- ½ к.л. Лут сос опционално – можете да ставите друг сос по ваша желба
Течна смеса
- ⅓ шоља Брашно од ориз / хељда / наут
- 1 с.л. Густин (нишесте) или тапиока
- ½ к.л. Сол
- ½ к.л. Лук во прав
- ½ к.л. Димена паприка
- ½ шоља Вода (ако треба додадете уште малце)
Кора
- ⅓ шоља Корнфлекс без шеќер
- ½ к.л. Сол
- 1 с.л. Сусам
Инструкции
- Замрзнете го тофуто преку ноќ, одмрзнете го, исцедете го, исечете го на „шницли“ и ставете ги на кујнска хартија или крпа и убаво притиснете ги уште 10-тина минути.
- Маринирајте го тофуто минимум 30 минути, за убаво да го упие вкусот.
- Во меѓувреме сомелете го корнфлексот со солта и додадете го сусамот.
- Во подлабока чинија направете ја течната смеса со тоа што ќе ги измешате сите состојки. Додадете уште малку вода, доколку смесата ви се чини многу густа.
- Извалкајте го маринираното тофу прво во течната смеса, па потоа во смесата од корнфлекс.
- Напрскајте го со малку маслиново и печете го во air-fryer, 15 минути, на највисока температура. Или пак, пржете го на маслиново на среден оган додека да добие златна боја.
Вкупно парчиња: 4 парлиња
(препорачана порција: 4 парчиња)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 453,9 kcal
Протеини: 34 гр.
Јаглехидрати: 47,1 гр.
Масти: 14,2 гр.
Влакна: 6,4 гр.
* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. ** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка
‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .