Овој двослоен протеински пудинг, всушност е варијација на мојот протеински чоко пудинг. Подеднакво протеинска, но малку поосвежителна опција. Се прави буквално исто (лесно) а е навистина многу вкусен. Употребете го омилениот засладувач за да си ја подесите блажината, или пак доколку сакате киселкаст вкус, изоставете го комплетно. Инаку во однос на подготовката важи истото – јас го правам со свилено тофу. Но, може да се направи и со обично тофу, но треба да додадете повеќе млеко, да го блендате подолго и крајниот резултат да биде silky smooth.
Десерт, ужина и протеински буст
Овој двослоен протеински пудинг можете да го јадете како десерт, ужина или по вежбање како протеински буст. Нема многу калории што е уште една предност за сите оние коишто внимаваат на дневен внес.
Зошто двослоен протеински пудинг?
За придобивките од тофуто имам доста пишувано во моите претходни рецепти со тофу, а најопфатно објаснив овде. Затоа, нема да ви објаснувам зошто овој двослоен протеински пудинг е здрав. Едноставно ќе ви кажам: освен што е здрав, направете си го бидејќи е вкусен!
Јас го правев со малини, но вие можете да го направите со јагоди, боровници или пак микс од шумско овошје – подеднакво вкусен во сите варијанти.
И така, решив овој пост да е краток и едноставен, баш како и самиот пудинг па нема да должам повеќе. Целиот рецепт и начинот на подготовка го имате подолу во рецептот, а имате и видео од целата подготовка кај мене на инстаграм во reels.
Доколку сакаш брза и протеинска ужинка а да не е купечки пудинг, тогаш мојот двослоен протеински пудинг е за тебе! Многу вкусен и освежителен, со 12 грама протеин и само 190 калории, минимално засладен се прави буквално во секунди (не во минути). Така што, доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.
🍓 Двослоен Протеински Пудинг 🍓
Состојки
- 150 гр. Свилено тофу може и обично, само треба подолго да се бленда со повеќе млеко/вода
- 1 с.л. Јаворов сируп или течен засладувач по желба/вкус
- 2 с.л. Кокосово млеко (од конзерва) или друго по вкус
- 4 с.л Малини или друго овошје по желба
Инструкции
- Во блендар ставете го тофуто, млекото и засладувачот и блендајте додека да добиете свилена смеса.
- Доколку користите тврдо тофу, ставете поголема количина млеко.
- Во чашка одвојте половина од смесата и во остатокот од смесата во блендерот додадете ги малините.
- Блендајте додека смесата да се соедини и истурете ја врз првиот слој.
Вкупно парчиња: 1 порција
(препорачана порција: 1 порција)
Нутритивни вредности од порција: **без додатоци, само пудинг
Калории: 190,4 Kcal
Протеини: 12,1 гр.
Јаглехидрати: 22 гр.
Масти: 4,6 гр.
Влакна: 4,2 гр.
* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. ** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка *** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка
‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .