Marija Marija Marija

🍑 Освежителна протеинска салата 🍑

освежителна протеинска салата - Хедер
Освежителна протеинска салата

Лето е и сезона на праски, па оттаму и инспирацијата за оваа освежителна протеинска салата. Инаку, многу сакам оброк салати! Одличен доказ за тоа се моите протеински виножито салати. Исто така, често пати знам да искомбинирам овошје во салатите, особено за повеќе антиоксиданси.

Па така и оваа освежителна протеинска салата е една комбинација на зеленчук, легуминозни протеини и… Праски!

Како да си ја направите оваа освежителна протеинска салата

Прво и најважно, одредете кој протеин ќе го користите. Во овој рецепт јас користев леќа и киноа што ги сварив претходно. Следен пат ќе додадам и тофу или темпе, за уште повеќе протеин.

Потоа, додадете листест зеленчук по желба, било да е спанаќ, рукола или марула. Следно се здравите масти, во мојот случај од авокадо и маслинки. Сосем на крај е благата освежителна нота од праските. Оваа салата е лесна, се прави брзо и едноставно и има навистина многу интересен освежителен и летен вкус.

Никогаш доволно од протеини, нели?

Не заборавајте дека и зеленчукот е извор на растителен протеин, а киноата иако по составот е јаглехидрат, ги има сите 9 есенцијални аминокиселини, што ја прави комплетен протеин. Плус јас додадов семе од коноп за да дојдам до 22 грама протеин. Секако, можете да додадете уште некој извор на протеин за уште поголема количина.

Уште една предност на оброк салатите, што не изоставувам да ја потенцирам, е тоа што можат да се направат однапред (без да се зачинат) и да стојат во фрижидер во добро затворен сад, се до моментот на јадење. Ова ги прави погодни за “meal-prep” односно можете да ги јадете дома, на работа или пак во движење, или пак да направите количина за два дена.

Доколку се уште размислуваш што да јадеш утре, направи си освежителна протеинска салата - лесен, шарен, здрав и нутритивно богат оброк што можеш да го јадеш дома, на работа или во движење. И секако, доколку си ја направиш мојата освежителна протеинска, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост

🍑 Освежителна протеинска салата 🍑

Автор: Марија Марија Марија

Состојки

  • 3 с.л. Киноа, сварена
  • 4 с.л. Леќа, сварена
  • ½ Праска исечкана
  • 2-3 Млади кромитчиња исечкани
  • 1 Авокадо исечкано
  • Зелен листест зеленчук по избор спанаќ / рукола / марула
  • 1 с.л. Маслиново масло
  • 1 с.л. Балзамико крема
  • ½ к.л. Сол

Инструкции

  • Леќа и киноа сварете си претходно.
  • Во подлабок сад ставете ги сите состојки.
  • Зачинете со маслиново и балзамова крема и уживајте.

Вкупно парчиња: 1 порција
(препорачана порција: 1 салата)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 549,9 kcal
Протеини: 22,3 гр.
Јаглехидрати: 42 гр.
Масти: 33 гр.
Влакна: 16,9 гр.

* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. 
** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .