Овие палачинки со грашок и спанаќ се уште едни во серијата здрави палачинки, но овој пат солени 😍
Ми се јадеше солен појадок но сакав да внесам повеќе витамини а да не внесам премногу калории и така некако излегоа овие супервкусни и супер меки палачинчиња.
Се прават многу лесно и имаат само 4 состојки (плус зачини). Јас ги искомбинирав со хумус и чери домати за витамин Ц и здрави масти. Вие можете да ги искомбинирате и со грчки јогурт, доколку не јадете исклучиво растителна исхрана. Всушност мислам дека како и да ги искомбинирате овие палачинки со грашок и спанаќ, ќе добиете превкусен и супер здрав солен појадок.
Уште една предност е што не треба да користите воопшто масло. А, доколку дома имате пребирлив јадач, со овие палачинки со грашок и спанаќ ќе внесе минимум 2 зеленчука.
Конечно и солени палачинки за појадок
На сајтов имам објавено навистина многу палачинки но најчесто се во блага варијанта. Не знам зошто немам повеќе солени палачинки, но еве, овие палачинки со грашок и спанаќ го кршат мразот во тој домен. многу се вкусни и секако здрави, со преубава зелена боја, како за почеток на денот (особено ако е тмурен). Инаку, целиот рецепт и начинот на подготовка го имате подолу во објавава а имате и кратко видео кај мене на инстаграм во reels
Зошто палачинки со грашок и спанаќ?
Како за почеток, грашокот е супер извор на витамини Ц и Е, цинк и други антиоксиданси кои го зајакнуваат вашиот имунитет. содржи и витамин А и Б, а може да помогне при намалување на инфламацијата и хронични состојби, вклучувајќи дијабетес, срцеви заболувања и артритис.
Моќта на спанаќот веќе ни е позната (фала на Попај). Освен што е богат со железо, спанаќот има висок извор на зеаксантин и каротеноиди коишто помагаат во исфрлање на слободните радикали од телото. Помага при намалување на шеќерот во крвта, здравјето на коските и очите. Има антиинфламаторни својства и може да ја намали хипертензијата. Доволно аргументи, нели? Плус, малку калории 😍
(‼️) Како и за повеќето палачинки, и за овие е МНОГУ важно да ги печете на нелепливо тавче.
Доколку се уште ги немаш направено моите палачинки со грашок и спанаќ, еве ти прилика. Те охрабрувам, бидејќи се навистина супер појадок! Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или да ми оставиш коментар под овој пост.
🥬 Палачинки со грашок и спанаќ 🥬
Oпрема
- нелепливо тавче за палачинки
Состојки
- ½ шоља Грашок сварен
- 1 шоља Спанаќ свеж
- ½ шоља Овесно брашно
- 1 шоља Млеко од соја (или друго растително) плус уште малку за регулирање на густина
- ½ к.л. Сол
- ½ к.л. Лук во прав + зачини по желба и вкус
Инструкции
- Прво сварете го грашокот додека убаво да омекне.
- Ставете ги сите состојки во блендер и блендајте додека да добиете еднолична смеса.
- Доколку смесата е многу густа, додадете уште малку млеко за да ја регулирате.
- Печете на среден оган на нелепливо тавче, по околу 2-3 минути од страна, додека да се појават меурчиња.
- Послужете со свеж зеленчук, хумус или додатоци по ваша желба
Вкупно парчиња: 6 палачинки
(препорачана порција: 6 палачинки)
Нутритивни вредности од порција: **Без додатоци, само палачинки
Калории: 396,5 Kcal
Протеини: 22,4 гр.
Јаглехидрати: 45,1 гр.
Масти: 9,6 гр.
Влакна: 12,1 гр.
* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. ** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка *** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка
‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .