Marija Marija Marija

🍌Најдоброто двослојно банана лепче 🍌

abnana-bread-header
најдоброто двослојно банана лепче

Рецептов за најдоброто двослојно банана лепче го пишувам прв, бидејќи е во топ пет најправени мои рецепти објавени на мојот инстаграм профил. Кога во 2020 почна пандемијата, сите почнаа да прават банана лепчиња и лепчиња од кисело тесто. Буквално секоја втора слика на фидот ми беше со лепчиња. Но јас ете не направив тогаш ништо. Дури следната година решив да се пробам со банана лепче и пробувајќи комбинации, стигнав до ова лепче што иницијално го направив двослојно но сосем исто функционира и само со какао или пак без воопшто какао. Меко е и сочно, лесно на вкус и не преблаго. Минимално е природно засладено со банани и јаворов сируп и поради тоа, одлично функционира и како појадок и како ужина и како десерт. 

Откако прв пат го направив, само со ореви, почнав да пробувам разни комбинации: го правев полнето со цреши, со парчиња црно чоколадо, со јагоди… И секој пат беше превкусно. Па така откако мајка ми го проба прв пат, почна да го прави веројатно секоја втора недела и го усоврши беспрекорно, па сега ми е повкусно да го јадам нејзиното 🤷🏻‍♀️ Дали е поради тоа што „јадењето кај мама е секогаш највкусно“ или пак “practice makes it perfect” сепак, се радувам секој пат кога ќе го направи. 

dvoslojno banana lepce parcinja

Потврдено најдобро банана лепче

Најдоброто двослојно банана лепче има вкуно 11 состојќи (плус додатоци, ако се користат). Подготовката е 10 минути а печењето е помеѓу 40 и 60 минути, зависно од рерната. Јас го покривам со фолија и го печам 45 минути покриено и уште 15 минути без фолија. 

Одлично оди со путер од јатки, свежо овошје, па дури и со чоколаден сос

Состојките се едноставни и повеќето вообичаено ни се наоѓаат на рафтовите. Бананите – колку помеки, толку подобро. Добро созреаните банани (оние со темни точки) се посебно благи и ќе му дадат преубава блажина на лепчето. 

За подготовка ви е потребен блендер или вилушка за пасирање на бананата, сад за мешање на сувите состојки, сад за мешање на влажните состојки и доколку го правите двослојно, уште еден сад кадешто ќе ја измешате половина од смесата со какао, хартија за печење и правоаголно калапче за печење лепче.

Доколку си еден од ретките што се уште го нема пробано најдоброто двослојно банана лепче, те охрабрувам да го направиш уште денес и доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija 

🍌 Најдоброто двослојно банана лепче 🍌

Време на подготовка10 minutes
Време на готвење1 hour
Вкупно време1 hour 10 minutes

Состојки

Течни состојки:

  • 4 зрели банани испасирани
  • ¼ шоља кокосово масло стопено
  • ¼ шоља јаворов сируп функционира и со сируп од урми, сируп од калинка, агаве, а можете да го направите и со течен засладувач по ваша желба
  • ¼ шоља растително млеко бадем, овес, соја
  • 2 с.л. ванила екстракт

Суви состојки:

  • шоља овесно брашно мелени овесни снегулки
  • ¾ шоља бадемово брашно мелени бадеми
  • 1 к.л. прашок за печиво
  • ½ к.л. сода бикарбона
  • ¼ к.л. сол
  • 1 с.л. какао
  • ореви (или јатки/семки по желба) опционално
  • смрзнато или свежо овошје опционално

Инструкции

  • Загрејте ја рерната на 170 степени.
  • Испасирајте ја бананата. Во сад измешајте ги сите течни состојки и додадете ја испасираната банана. 
  • Измешајте си гувите состојки (сем какаото, во случај да го правите двослојно****.)
  • (доколку го правите двослојно) поделете ја смесата во два сада, и во едниот додајте го какаото и измешајте ја смесата. 
  • Обложете сад за печење лепче со хартија за печење.
  • Почнете до додавање на смесата. Доколку ви е двослојно, прво истурете половина од едната смеса, па доколку додавате јатки или овошје, додадете го, па истурете од втората смеса. 
  • (опционално) исечете една банана по должина и ставете ја од горе на лепчето (овој чекор може слободно да се изостави).
  • Покријте го тавчето лабаво со алуминиумска фолија (да не изгори горниот слој) и с тавете го тавчето во претходно загреаната рерна.
  • Печете 40-45 минути покриено и уште 10-15 минути без фолија*****
  • За да проверите дали е добро испечено (оваа метода важи за се што печете), боцнете чепкалка во средината на лепчето. Ако откако ја извадите на неа нема ништо, тогаш лепчето е печено. Доколку, пак, откако ќе ја извадите има тесто – на лепчето му треба уште печење. 

Вкупно парчиња:
(препорачана порција: 1 парче)
Нутритивни вредности од порција:

* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. 
** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка
*** к.л = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка
**** Доколку не го правите двослојно, изоставете го какаото, или пак, доколку го правите сосем чоколадно, додајте го и какаото во сувите состојки
***** Времето на печење зависи од типот и моќноста на рерната. Проверувајте го да не ви загори или пак да не случајно не е добро испечено

[Поврзано] Протеинско чоколадно банана лепче


‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .