Љубители на Ferrero Rocher, обединете се!
Мојата домашна фереро торта без печење е вистински деликатес: богат вкус на лешник и какао, крцкава и мека, сочна и блага. Да, поздрава опција, но бајаги интензивна (и калорична)!
Базата има преубав какао вкус а полнењето е навистина декадентно! Путерот од лешник ја прави навистина неодолива!
Ова без двоумење треба да биде изборот на торта за некој следен роденден или прослава. Толку е вкусна што ќе ве одушеви и вам а и сите што ќе ја пробаат. Вкусот е дефинитивно познат – фереро, но во торта варијанта.
Добро познати вкусови
Има некои десерти што се добро познати за повеќето. Овде може да ги набројам Баунти, Твикс, Марс, Сникерс, Рафаело и секако, Фереро. Но, доколку можете, добро е да не купувате процесирана храна, што значи дека секогаш е подобро овие десерти да си ги направите дома. Таков е случајот и со оваа торта. Вкусот многу потсеќа на познатиот чоколаден десерт а е многу подобра опција за вас.
Комбинацијата од лешник и урми дава еден препознатлив „брауни“ вкус на базата, надополнета со филот од лешник го комплетира целокупниот неодоливо сладок вкус (со посебен акцент на сладок).
Тортава прв пат ја правев лани, и оттогаш ја направив уште неколку пати. Но, да бидам искрена често пати се воздржувам да ја правам, бидејќи мнооооогу брзо се јаде. 🤷🏻♀️
Мини верзија во тавче за мафини
Поради количината на состојките за цела торта (реално некои од состојките не се баш најевтини 😳) можете да ја направите во тавче за мафини (во силиконски модли) со тоа што ќе користите половина количина од состојките. Но, запомнете – иако мојата домашна фереро торта е поздрава опција од познатите купечки слатки, сепак е доста калорична, па ви препорачувам да јадете помали парчиња (ако можете)!
Доколку се уште го немаш пробано и направено мојата домашна фереро торта, еве ти прилика. Те охрабрувам, бидејќи е навистина прееееееееевкусна (и преблага). Доколку ја направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija
🌰 Домашна Фереро Торта 🌰
Oпрема
- тавче за торта / чизкејк
- хартија за печење
- Рачен миксер опционално
Состојки
База
- 2 шољи Свежи урми без семка (25-30 урми) ако се суви, накиснете ги во врела вода 10тина минути и убаво исцедете ги.
- 2 шољи Лешници непечени
- 4 с.л. Кокосово масло растопено
- 2 с.л. Крем од кокос (од конзерва)
- 8 с.л. Какао
- 2 с.л. Инстант кафе го појачува вкусот на какаото
Фил
- 10 с.л. Путер од лешник
- ½ шоља Јаворов сируп
- ½ шоља Кокосово масло растопено
- ½ шоља Кокосов крем од конзерва
Чоколаден прелив
- ½ шоља Црно чоколадо во капки
- 1 с.л. Кокосово масло растопено
Инструкции
- Најпрво почнете со подготовка на базата. Во процесор за храна сомелете ги лешниците и додадете ги во голем сад за мешање
- Потоа, пулсирајте ги урмите, додека да добиете лепливо тесто. Додадете ги урмите во садот со лешниците.
- Додадете ги останатите состојки за базата во садот и убаво измешајте.
- Обложете тавче за чизкејк или торта со хартија за печење (за полесно вадење) и додадете ја смесата за базата. Убаво натапкајте.
- (опционално) можете да додадете кршени лешници ако сакате да биде покрцкава.
- Ставете во замрзнувач да се стегне додека го подготвувате филот.
- Можете да го искористите истиот длабок сад кадешто ја подготвувавте базата. Додадете ги сите состојки за филот и убаво мешајте додека смесата да се соедини. (Ако имате миксер, употребете го)
- Истурете го филот врз базата и вратете во замрзнувач неколку часа за убаво да се стегне.
- Растопете чоколадо (со малку кокосово масло) и полијте врз филот. Ставете во фрижидер за да се стегне чоколадото.
- (опционално) наросете сечкани лешници врз растопеното чоколадо.
- Чувајте ја во замрзнувач, но пред послужување извадете ја да се отпушти.
Вкупно парчиња: 15
(препорачана порција: 1 парчe)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 374,8 kcal.
Протеини: 5,22 гр.
Јаглехидрати: 25,28 гр.
Масти: 31,01 гр.
Влакна: 10,69 гр.
Антиоксиданси, магнезиум, калиум, железо
* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. ** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка
‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .