Marija Marija Marija

🍯 Гранола со Таан 🍯

гранола со таан - Хедер
Гранола со Таан

Од Гранола никогаш доста! Посебно од оваа гранола со таан – одлична е! Вкусовите совршено се вклопуваат заедно, а кората од портокал и дава посебен “kick”. За гранолата веќе имам објаснето во моите претходни постови. Без размислување правете си ја дома. Така ќе бидете сигурни дека внесувате нутритивно богат и балансиран оброк полн со здрави масти, јаглехидрати и растителни протеини. Гранолата ќе ви даде енергија и ќе ве држи сити до ручекот.

Сите придобивки од таанот

Таан често употребувам во моите десерти, го ставам во овесна каша или смути. Не знам зошто до сега не ми текнало да го ставам во гранола. И тоа ми е голема грешка! Како голем љубител на гранола – грешката е исправена!

Таанот инаку е супер-здрав и неговото консумирање има многу докажани бенефити за нашето здравје. Во продолжение само дел од нив:

🍯 Многу е хранлив и нутритивно богат,
🌱 Преполн е со антиоксиданси,
🤒 Може да го намали ризикот од одредени болести,
🦠 Има Антибактериски својства,
💪🏻 Содржи антиинфламаторни соединенија,
🧠 Може да влијае во зајакнување на централниот нервен систем,
🫀 Може да има антиканцерогени својства и ефекти,
🫁 Помага во заштитата на функцијата на црниот дроб и бубрезите

Секогаш правете си гранола дома

Ова е нешто то не можам доволно да го нагласам! Секогаш правете си гранола дома! Купечките граноли содржат непотребен шеќер и конзерванси. Буквално нема причина да купувате гранола. Особено кога, како и сите останати мои граноли, така и оваа гранола со таан, се прави ултра брзо и лесно. Ви треба само еден сад, а не и треба и многу за да се испече – готова е за ~12 минути. Одлично оди за појадок како додаток на чиа пудинг, или смути. А супер е и во комбинација со растителен (вегански) јогурт или млеко, за ужина, па дури и како десерт. А гранола како гранола, најмногу се сака со свежо овошје. Така што, во која и комбинација да решите да ја јадете, спарете ја со шака малини, боровници, јагоди… превкусно!

гранола со таан
Доколку си љубител на домашна гранола (а треба да си), те советувам да ја пробаш мојата гранола со таан. Те охрабрувам, бидејќи многу е вкусна и навистина лесно се прави. Доколку ја направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🍯 Гранола со Таан 🍯

Време на подготовка10 minutes
Време на готвење12 minutes
Вкупно време22 minutes
Автор: Марија Марија Марија

Состојки

  • 1 ½ шоља Овесни снегулки крупни
  • ¼ шоља Ореви исецкани
  • ¼ шоља Бадеми исецкани
  • ¼ шоља Семки тиква исецкани
  • ¼ шоља Кокос
  • 3 с.л. Сусам
  • ¼ шоља Таан
  • ¼ шоља Сируп од урми
  • 3 с.л. Кокосово масло
  • 1 с.л. Ванила екстракт
  • ¼ к.л. Сол
  • 1 к.л. Цимет
  • ¼ к.л. Кардамом
  • кора од 1 портокал

Инструкции

  • Ја загревате рерната на 150.
  • Во длабок сад ги мешате сите состојки заедно додека да се соединат убаво.
  • Смесата ја распоредувате рамномерно на тавче обложено со хартија за печење.
  • Печете во претходно загреана рерна, 7 минути (времето на печење зависи од рерната, погледнувајте да не загори).
  • Го вадите тавчето, промешувате и враќате да се пече уште 5 минути (повторно со погледнување за да не загори).
  • Оставате комплетно да се олади пред да послужите или складирате.

Вкупно парчиња: 37 лажици
(препорачана порција: 2 лажици)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 92,32 kcal.
Протеини: 2,74 гр.
Јаглехидрати: 10,2 гр.
Масти: 5,16 гр.
Влакна: 2,5 гр.

* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. 
** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка
*** к.л = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .