Marija Marija Marija

🍳 „Омлет“ од семки тиква 🍳

омлет семки тиква - Хедер

Супер е додека си на одмор. Супер е и кога конечно ќе си дојдеш дома од одмор. Но она што не е супер, е кога нема да стигнеш да испазариш, па треба да се снаоѓаш со остатоци што ги имаш дома. Овој „омлет“ од семки тиква е еден од оние појадоци што го подготвувам секогаш кога немам време, намирници или инспирација за појадок. Се прави за 5 минути, со бебе во рака и е супер вкусен и нутритивно богат.

За семките од тиква доста детално имам објавено во овој пост, па сега може само кратко да дополнам во продолжение на овој пост.

Инаку, во однос на овој „омлет“ од семки тиква, богат е со протеини, здрави масти и диететски влакна. А, како и секогаш, за уште повеќе потеин ве охрабрувам да ги искомбинирате со уште некој извор, како на пример тофу (или грчки јогурт доколку не се храните исклучиво на растителна исхрана).

„омлет“ од семки тиква
„омлет“ од семки тиква

Зошто „омлет“ од семки тиква?

Како што напоменав погоре, најголемиот дел од бенефитите од семки тиква ги имам напишано во објавата за врапови от семки тиква, но еве нешто и овде.

Хранливи се и полни со антиоксиданси. Многу се богати со магнезиум и диететски влакна. Добар извор се на растителни протеини. Во 100 гр. има 19 грама протеин. Можат да го намалат ризикот од одредени видови на рак. Играат значајна улога во подобрувањето на здравјето на простатата и мочниот меур. Можат да го подобрат здравјето на срцето и да го намалат нивото на шеќер во крвта.

Па така, овој „омлет“ од семки тиква сам по себе содржи 21,1 грам протеин. Доколку додадете плус уште некој извор имате супер протеински појадок за почеток на денот!

И сосем за крај, ако сте како мене и дома секогаш имате семки тиква, ова е супер опција како да ги искористите.

Како да го направите овој „омлет“ од семки тиква

За буквално 5 минути. Се што ви треба е блендер и (пожелно) нелепливо тавче. Дополнително, ова го пишувам во сите објави за растителни омлети – за да го имате вкусот на јајце без да користите јајце, задолжително употребете црна сол (кала намак). Инаку, црната сол исто така има многу здравствени придобивки. За неа планирам засебен пост, но еве овде на кратко: може да го подобри варењето, да ја намали подуеноста, може да ги ублажи грчевите во мускулите, може да ја подобри количината на железо (особено во оваа комбинација со семки тиква) итн. А за вкус на сирење (плус б12, уште протеини) додадете и нутритивен квасец. И тоа е тоа, сите состојки во блендер и на тавче како секој друг омлет. Целиот рецепт и начинот на подготовка ги имате подолу во рецептот, а имате и видео кај мене во reels на инстаграм.

Ова е уште една алтернативна варијанта за омлет - овој пат од семки тиква. Нема јајца, но има сличен вкус, многу е здрав, вкусен и лесен за подготовка, така што навистина ве охрабрувам да го пробате. Доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави мо коменар под овој пост.

🍳 „Омлет“ од семки тиква 🍳

Време на подготовка5 minutes
Време на готвење5 minutes
Вкупно време10 minutes
Автор: Марија Марија Марија

Oпрема

  • блендер
  • нелепливо тавче

Состојки

  • ½ шоља Семки тиква
  • 1 с.л. Нутритивен квасец
  • 1 к.л. Црна сол Кала Намак
  • ½ к.л. Куркума
  • ½ к.л. Италијанска мешавина или зачини по вкус и желба
  • ½ шоља Вода

Инструкции

  • Ставете ги сите состојки во блендер и изблендајте.
  • Истурете ја смесата во нелепливо тавче и печете на тивок оган додека не добиете малку коричка.
  • Послужете со свеж зеленчук и дополнителен протеин по желба.

Вкупно парчиња: 1 омлет
(препорачана порција: 1 порција)
Нутритивни вредности од порција: (**без додатоци, само омлет)
Калории: 368,7 kcal.
Протеини: 21,1 гр.
Јаглехидрати: 6,3 гр.
Масти: 29,4 гр.
Влакна: 5,3 гр.

* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. 
** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка
*** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .