Оваа паста со леќа и таан има потенцијал да стане еден од вашите омилени паста рецепти. Богата е со протеини и диететски влакна, но и со железо, магнезиум, цинк, полифеноли, селен и калциум. Плус, антиоксиданси како бета-каротен и лутеин. Но, освен што е супер нутритивна, оваа паста со леќа и таан е навистина многу вкусна и се прави за помалку од 30 минути.
Богат и кремаст сос е сѐ што ви треба
Мислам дека ќе се сложите дека најважно за еден паста сос е да е сочен и кремаст. Мојата паста со леќа и таан ги исполнува сите овие услови, плус секако е супер здрава!
За поголема протеинска вредност, јас користам паста од леќа, но и од наут ќе биде супер.
Исто така, за мене една особено важна работа е зеленило, па така, додадов и малку блитва, а можете да додадете и спанаќ или ќељ – по вкус и секако што ви се наоѓа дома.
Како да ја направите оваа паста од леќа и таан
Прилично лесно и брзо (за време на една пладневна дремка на Каи) што мене во моментов ми е најбитно. Целиот рецепт иначинот на подготовка го имате подолу во овој пост и кај мене на инстаграм во reels, но овде ќе ви објаснам на кратко. Всушност потребни ви се само 6 состојки и зачини по вкус. Набавете си протеинска паста, леќа, зеленчукова коцка за супа, таан, доматнна паста или пире и зелен листест зеленчук. Јас користев блитва. Сосем за крај, најтопло ви препорачувам да си го направите и мојот домашен пармезан затоа што е супер додаток на оваа паста со леќа и таан.
Доколку можете, искомбинирајте со свежа салата од домат или спанаќ, затоа што колку повеќе зеленчук – толку подобро.
Вкусот компензира за изгледот!
Бидејќи ја правев со кафеава леќа оваа паста со леќа и таан не е најфотогеничното јадење што го имам подготвено. Можеби и затоа толку време се двоумев дали да ја објавам или да си ја чувам како дел од моето мени. Но, поради тоа што е многу вкусна и здрава, го занемарувам изгледот и и давам шанса. Подолу во овој пост е целиот рецепт и начинот на подготовка, а фотки ќе објавам и на инстаграм (за жал овој пат немав време за видео).
Воедно, еве и еден предизвик за вас. Доколку ја направите и успеете да добиете поубави фотографии, ве чекам во коментар или на инста-стори.
✨ Чекам да ја пробате и секако, чекам фотки!
Доколку си љубител на невообичаени паста сосови, и внимаваш на дневниот внес на протеини, тогаш оваа паста со леќа и таан е за тебе! Многу е вкусна, здрава, кремаста и нутритивно богата. Доколку ја направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави мо коменар под овој пост.
🍜 Паста со леќа и таан 🍜
Состојки
- 2 шољи Зеленчуков бујон коцка за супа сварена во ±500ml вода
- ½ шоља Зелена/Кафена леќа
- 1 ½ шољи Паста од леќа или наут
- ½ шоља Доматна паста
- ½ шоља Вода во којашто се вареше пастата
- 1 ½ с.л. Таан
- 1 к.л. Оригано
- 1 к.л. Димена пипер
- 1 к.л. Лук во прав или зачини по вкус и желба
- 2 шољи Зелен листест зеленчук (спанаќ, блитва, кељ..)
Инструкции
- Коцката за супа растворете ја во 2 шољи вода.
- Додадете ја лежата и оставете да зоврие. Штом зоврие, намалете и оставете да се готви 10 минути.
- Откако ќе поминат 10 минути од варење на леќата, во посебно тенџерче ставете ги макароните да се варат.
- Во леќата додадете го доматното пире и зачините и убаво промешајте. Потоа додадете го и таанот.
- Доколку користите зелен листест зеленчук, додадете го, промешајте и оставете да се готви на тивко уште 5 минути, додека пастата да се свари.
- Исцедете ја пастата но прво сочувајте ½ шоља од водата во којашто се вареше.
- Додадете ја пастата и водата во тенџерето со леќата и убаво промешајте за се да се соедини и послужете.
Вкупно парчиња: 2 порции
(препорачана порција: 1 порција)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 455,5 kcal.
Протеини: 19,95 гр.
Јаглехидрати: 51,65 гр.
Масти: 27,4 гр.
Влакна: 15,16 гр.
* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. ** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка *** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка
‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .