Marija Marija Marija

🍲 Богата чорба со хељда и зеленчук 🍲

чорба од хељда
чорба со хељда и зеленчук

Се уште тврдам дека “Што ќе ручаме денес” – е едно од најчесто поставуваните прашања во едно домаќинство. И често пати, доколку се нема направено барем ориентационен план од претходниот ден, се завршува со јадење нешто „на брзинка“, „од нога“ или купечко… Токму затоа и покрај што ја имам објавено и на мојот иснтаграм профил, сепак сакам да ја оставам и овде оваа превкусна и нутритивно богата чорба со хељда и зеленчук. Ова е уште една идеја за брз, домашно зготвен, безглутенски и здрав оброк.

Како и поголемиот дел на чорби, супи и манџички, така и оваа можеби не е нај фотогенчна за сликање ама е многу, многу вкусна и здрава. Со овој оброк внесувате многу важни витамини и минерали и што е најважно, хељдата долго ќе ве држи сити.

За хељдата имам напишано по некој збор во неколку различни рецепти, но еве уште една прилика да спомнеме уште некој факт.

Супер храна за супер здравје

Хељдата се смета за „псевдожитарка“ бидејќи има многу слични својства со житарките, но не доаѓа од трева, како што е случајот со повеќето други житарки. Се смета за супер-храна поради нејзината нутритина вредност и моќни бенефити. Плус, хељдата е многу едноставна да се инкорпорира во секаков тип на оброци, нема глутен и е погодна за сите. Одличен извор е на растителен протеин а исто така содржи и многу витамини како тиамин, рибофлавин, ниацин, фолат, витамин К, витамин Б6…

Хељдата треба да ја консумирате, затоа што има многу придобивки за вашето здравје. Може да ја подобри работата на срцето, дигестијата (варењето на храната), може да помогне во контрола (и губење) на тежина. Хељдата исто така е погодна и за луѓе со дијабетес, бидејќи како комплексен јаглехидрат, на телото му треба повеќе време да ја претвори во едноставен јаглехидрат. Ова придонесува кон успорување на дигестијата и одржување на ниско (и стабилно) ниво на шеќер во крвта подолг временски период.

Зошто баш оваа чорба со хељда и зеленчук

Затоа што се прави брзо, лесно и едноставно. Но, и затоа што е превкусен и прездрав оброк. Ама пред сè, затоа што е избалансирана, ќе ве најаде и ќе ве наполни со одлични нутриенти. Мислам дека ова се дволно причини. Доколку ви требаат уште, без грижи, можам да дополнам, само побарајте! 🤣

Доколку си љубител на супи и чорби а се уште ја немаш направено оваа богата чорба со хељда и зеленчук, еве прилика да ја направиш. Те охрабрувам, бидејќи е супер здрава, нутритивно богата и многу вкусна. Доколку ја направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🍲 Богата чорба со хељда и зеленчук 🍲

Време на подготовка10 minutes
Време на готвење20 minutes
Вкупно време30 minutes
Автор: Марија Марија Марија

Oпрема

  • процесор за храна / сецко опционално, за побрза подготовка

Состојки

  • 3 Дршки целер исецкан
  • 1 Црвен Кромид ситно исецкан
  • 2 Поголеми Моркови исецкаин
  • 2 месечинки Лук ситено исецкани
  • 2 с.л. Хељда незготвена
  • ½ глава Брокула на помали парчиња
  • шоља Сув вргањ
  • 2 с.л. Доматна паста
  • Зачини по вкус и желба сол, бибер, димена пипер, босилек
  • 2 ½ шољи Вода

Инструкции

  • На малку маслиново го придинстувате кродимот, целерот и морковот, додека да омекнат.
  • Потоа ја додавате хељдата и исечканото лучке и оставате да се крчка.
  • Кога се ќе омекне, се додава и брокулата (во прашање се минути).
  • Следно ја додавате доматната паста и зачините, промешувате и полевате со вода и оставате да се вари 15тина минути.
  • Вргањот јас го додадов некаде на половина варење.

Вкупно порции: 3
(препорачана порција: 1 чинија)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 112 kcal.
Протеини: 6,76 гр.
Јаглехидрати: 19,88 гр.
Масти: 1,26 гр.
Влакна: 7,6 гр.

* к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка
** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка 

‼️ Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .