По интернетов има илјадници рецепти за домашна гранола – што е навистина супер! Гранола секогаш треба да имате дома, и секогаш правете си ја сами. Купечката гранола е процесирана и полна со шеќер а тоа не ви треба, особено кога се прави брзо и лесно. Ова е мојот рецепт за гранола од хељда. Инаку, ова е првиот рецепт за гранола, објавен поодамна на мојот инстаграм профил.
Освен хељдата, останатите состојки можете да ги миксате како сакате – јас најчесто ставам што имам дома од семки и јатки и секој пат добивам многу вкусна, здрава и нутритивно богата гранола од хељда. Јас ја јадам со смути, чиа пудинг, пудинг од ленено семе или овесна каша, вегански јогурт или растително млеко и свежо овошје.
Зошто баш хељда? Хељдата е една од оние житарки којашто се смета за суперхрана. Не содржи глутен што ја прави супер погодна за сите со глутенска интолеранција. Одлчиен извор е на растителен протеин, диететски влакна и енергија. Може да ја подобри работата на срцето и да помогне во справувањето со дијабетот.
Доколку си еден од ретките што се уште ја нема пробано и направено мојата гранола од хељда, еве прилика да ја направиш. Те охрабрувам, бидејќи е многу вкусна и лесна за правење. Доколку ја направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija
🥜 Гранола од хељда 🥜
Oпрема
- тавче за печење
- хартија за печење
Состојки
- ½ шоља хељда накисната во топла вода, 10 минути
- ½ шоља микс јатки по желба, исецкани
- ½ шоља овесни снегулки
- ½ шоља микс семки по желба (тиква, сончоглед, коноп)
- ½ шоља кокос
- 2 с.л. чиа семе
- 2 с.л. ленено семе
- 1 с.л. цимет
- 3 с.л. путер од кикирики
- ¼ шоља кокосово масло
- ½ шоља јаворов сируп
Инструкции
- Накиснете ја хељдата во топла вода 10тина минути. Исцедете ја и ставете ја во длабок сад.
- Додадете го овесот, јатките, семките и кокосот.
- Во тенџерче ставете го кокосовото масло, путерот од кикирики и јаворовиот сируп и растопете ги на тивок оган додека да добиете карамел смеса.
- Додајте ја карамел смесата во садот со хељдата, јатките и семките и убаво измешајте за се да се соедини.
- Истурете ја смесата во табче за печење обложено со хартија за печење и ставете печете 15тина минути на 170 степени.
- Извадете го тавчето, промешајте ја (искршете ја) гранолата и печете уште 5-10 минути за да стане крцкава.
- Оставете ја убаво да се олади и складирајте ја во сад со капак.
Вкупно парчиња:
(препорачана порција: 2 лажици)
Нутритивни вредности од порција:
* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. ** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка *** к.л = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка
‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .